Горење му одолеа на притисокот на Металург

24.11.2019 21:50
DAR_9183_resize_resize

Долгоочекуваната реванш-средба од третото коло на ЕХФ-купот, меѓу екипите на Металург и на Горење од Велење, по голема борба, заврши со резултат 23:23 (13:10). На тој начин Металург не успеа да ја надомести негативата од првата средба и не обезбеди настап во групната фаза на ЕХФ-купот. Екипата на Горење, како што среќно победи со пет голови разлика во Велење, исто така среќно денеска избегна пораз.

Металург имаше добри шанси да го исполни планираното. Веќе во петтата минута имавме предност од три гола, а истата разлика ја сочувавме до крајот на првото полувреме. Во финишот на првиот дел имавме 30 секунди да зголемиме на +4, но ударот на младиот Додиќ го одбрани гостинскиот голман Пањтар.

Во вториот дел му дозволивме противникот да ја развие својата игра, што набрзо резултираше со прво израмнување на средбата, 15:15. Металург накратко ја врати својата предност, но Горење најде начин да ја одржува негативата на еден, два гола. Својата најголема шанса ја испуштивме на пет минути до крајот. Водевме со резултат 22:19, кога украдовме топка, па Матановиќ грубо го фаулираше Танкоски, за што доби директен црвен картон, а ни беше досуден и седмерец. Да постигневме гол ќе имавме предност од 4 гола и играч повеќе. Место тоа исклучување доби Јагуриновски, поради реакција кон Матановиќ, а Танкоски го промаши пеналот. После ова стана јасно дека разликата на Горење од првата средба е недостижна и тоа деморализирачки делуваше врз нашите ракометари. До крајот направивме неколку непотребни грешки и му дозволивме на противникот да замине непоразен од Скопје.

.

РК Металург – РК Горење Велење  23:23 (13:10)

РК Металург: Дупјачанец (10 одбрани), Ѓорѓески (1 одбрана), Поповиќ 5, Кондев, Шилегов, Чантурија 3, Серафимов, Јагуриновски 1, Танкоски 6, Мариќ 4, Кбилашвили, Додиќ, Маркоски, Арсеновски 1, Младеновиќ и Лазаревски 3.   Седмерци: 2/3.   Исклучувања: 10 мин.

Горење Велење: Бојаниќ, Целминс, Дробез, Грмшек, Хаселиќ 2, А.Кавчиќ 3, М.Кавчиќ 3, Левц, Матановиќ 1, Мазеј, Миклавчиќ 2, Оклесцен 2, Пањтар, Сол 1, Талетовиќ и Вердинек 9.    Седмерци: 5/5.    Исклучувања: 8 мин.

Судии: Борис Мандак и Марио Рудински од Словачка.

Делегат: Емир Бешлија од Црна Гора.

Прочитано 426 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


− 5 = 2