И МЕТАЛУРГ ЈА КАЖА СВОЈАТА СТРАНА ОД ПРИКАЗНАТА ЗА ДЕРБИ НАТПРЕВАРИТЕ СО ВАРДАР ВО ЛШ

30.11.2013 09:27
GIL_4281_resize

rk-metlurg-logo_final_resize

Статијата е преземена од “Македонски спорт“

Претседателот на Металург изненаден од ставовите на Вардар по двата одиграни натпревари во Лигата на шампионите.

Двете мега дерби средби на македонските екипи во Лигата на шампиони се завршени. Можеме да кажеме со олеснување, со оглед на тензиите што се присутни при секоја нивна (важна) пресметка, посебно затоа што годинава беа пред очите на цела Европа.

Металург и Вардар веќе испловија кон следните предизвици, но брановите што ги направија дерби натпреварите уште се високи. Неделата по мечот, резервирана за сумирање на впечатоците, слушнавме и објавивме како тоа го преживува Вардар, остануваме доследни, ќе го чуеме и Металург и се надеваме дека со тоа, конечно, ќе го архивираме целото ова поглавје и ќе се фокусираме на тоа што доаѓа.

Ристо Чокрев, претседателот на Металург, е еден од најкомпетентните да ги коментира настаните околу дербито.

– Почнуваме со најпопуларната теорија за овие два натпревари, теоријата „два за два“ …

„Ваквиот епилог несомнено е најкорисен за македонскиот ракомет во целина, но теориите дека однапред е договорено така да завршат натпреварите се добра тема само за пред гранапче или обложувалница. Реалноста е сосема поинаква и јас не би бил комплетно искрен ако не кажам дека сакав две победи над Вардар. Но, знам каков фолклор е сезнаењето и трачарењето кај нас, така што едноставно се помиривме и си живееме со тоа“, вели Чокрев.

– Натпреварите генерално минаа мирно, но факт е дека Металург и Вардар не одговорија во целост на предизвикот.

„Тоа е точно. Ние на првиот меч покрај играчки, сакале или не, мораме да признаеме дека потфрливме и организациски. Без оглед што проблемите главно ги направија навивачите на Вардар, ние сносиме дел од одговорноста затоа што бевме домаќини. Истото се случи на вториот натпревар. Разликата е во тоа што ние јавно излеговме со прифаќање на одговорноста и им се извинивме на навивачите за пропустите. Вардар, од друга страна, објави соопштение во кое општо осудува насилство на спортски терени, но подоцна и теорија што е многу опасна и во која вината ја префрла на Металург“.

– И порано меѓу Металург и Вардар имало префрлање на одговорноста, зошто сега тоа би била опасна теорија?

„Металург има спонзор кој е авторитет во државава, има тренер со олимписки и светски злата на вратот, екипа во која сите играчи се со репрезентативни кариери и сега сите тие да се стават во сценарио дека договарале или режирале инцидент со фрлено столче е вознемирувачка теорија. Вообичаено на ваков став не би обрнале ниту секунда внимание, но овој пат тоа доаѓа од првиот човек на Вардар. Ако човекот што таму има моќ да носи какви било одлуки што сите мора да ги почитуваат воопшто и размислува на тој начин, за такви теории, тогаш можеби треба да се запрашаме дали можеби не размислува и да реагира во таков стил? Тоа е опасноста, посебно затоа што воопшто нема основа за такво нешто. Ние како клуб во ниту еден момент не сме помислиле на таков начин да реагираме. Рековте дека и порано имало префрлање на одговорноста. Да, тоа е точно. Ривалството не е почнато пред шест месеци. Ние со Вардар сме ривали со години наназад. И ние сме се жалеле и тие, сме покажувале со прст едни кон други и најчесто кон судиите. Но, со Михајловски на чело постоела граница која не ја преминале двата клуба. Колку и да изгледало грдо на терен, сме се почитувале и сме работеле заедно на подобрување на односите. Сме разговарале, договарале, сме играле без публика со ограничен број навивачи, значи имало можност за договор, сме растеле еден покрај друг“, изјави Чокрев.

– Добро, зарем сега не е така?

„Сега не знам дали сè уште постои таа граница. Видете, доаѓање на голем спонзор не е мала работа и ние го поздравивме тоа. Посебно затоа што беше изјавено дека е дојдена нова ера на спортско ривалство и требаше да биде на повисоко ниво, што исто така го поздравивме. Вардар е тим со брзорастечки амбиции, сака сè и сака веднаш. Но, мора да се води сметка на ривалството, на границите што досега не се поминувале. Металург и Вардар си имаат кажано многу работи едни за други, но кога ќе се подвлече линија, сме се почитувале. Нам Вардар ни беше репер во времето кога беа силни и освојуваа титули. Ние се трудевме да ги стигнеме и престигнеме и успеавме во тоа. Сега имаме други репери, но и натаму ги почитуваме нивните играчи. Никогаш од највисоко ниво не би ги навредиле и нарекле јавно „потиштени девојки“ без оглед што се случувало на терен, а се случувало многу повеќе отколку на овие два меча. Дека не сме „потиштени девојки“ покажавме со тоа што ги победивме пред 7000 нивни навивачи.

Како ќе биде понатаму?

„Од позиција на претседател на Металург, можам да кажам дека разбирам низ што проаѓа Вардар. Ние тој пекол го живеевме тие десет дена меѓу двата натпревари. Не можам да кажам дали сè што се кажа е под притисок на импресии, можеби е дело на лош маркетинг или нешто трето. Сеедно, апелирам на задржување на достоинството. Металург и Вардар се во моментов двата најголеми спортски бренда во Македонија и треба да бидеме репер за сите други за спортско ривалство. Посебно затоа што играме во Лигата на шампионите каде се надевам дека и ние и Вардар ќе ја минеме исклучително тешката група и ќе продолжиме во Топ 16, па таму секој со својата среќа“, изјави Чокрев.

Со ова се надеваме дека завршува оваа прва подолга и поважна епизода во новите односи на Металург и Вардар и дека работите ќе си дојдат на свое место.

Автор: Р. Ѓамовски

Прочитано 4.040 пати

(1) Коментар

  1. Provokacii postojat i do dvete strani, Cervar stalno cepka, ama ni Done ne mu ostanuva pokus. Jas se nadevav na mnogu podobar odnos so Samsonenko, zosto mi lici pogolem covek od Mihajlo, i se izgledase taka, se do poslednata negova izjava deka Metalurg go isceniral incidentot.
    Iako realno incidentite na dvata natprevari bea ona sto glavno se komentirase po portalive, a ne igrata, taka da mozebi toa bese i celta na dvete ekipi.
    Vo sekoj slucaj odime utre vo pohod po vtoroto mesto. Samo eden Metalurg 😀

Напишете коментар


5 − 2 =