И покрај добрата игра, Македонија со пораз го заврши настапот на СП во Египет

24.01.2021 20:13
blr_mkd_1-13

Македонија со пораз од Белорусија го заврши настапот на СП во Египет. Денеска сме поразени со 30:26 (14:14), но денешниот натпревар е најдоброто издание на македонската репрезентација на ова СП. За прв пат видовме еден поинаков, многу поборбен и помотивиран, пристап на нашите репрезентативци, кои направија средбата да биде интересна, па и неизвесна, во текот на скоро сите 60 минути. За прв пат на ова првенство имавме добра одбрана и ефикасен напад, кој конечно ја мина магичната граница од 21 гол на средбите со противниците, освен Чиле.

Всушност, во првите три четвртини од натпреварот следевме апсолутно израмнета борба. Македонија во најголем дел од првото полувреме имаше резултатска предност и имаше контрола врз настаните. Слично мина и првата половина од вториот дел, се до кобните 6 минути во кои не постигнавме гол, а примивме четири, па од 20:20 стигнавме до 20:24. За жал, нашиот национален тим немаше сила за пресврт и го загуби и овој натпревар.

Македонија главната група ја заврши на последното место, без освоени бодови, и најверојатно првенството ќе го заврши на 23 место, бидејќи само Уругвај има полоша гол разлика од нас, од сите последнопласирани селекции во главните групи.

.

Белорусија – Македонија  30:26 (14:14)

Белорусија: Мароз (12 одбрани) 1, Мацкевич, Кулеш 7, Кулак 3, Астрашапкин 5, Кривенка, Јуринок 2, Ушал, Селвасјук, Падшивалав 1, Каралек 3, Вајлупов 4, Самоила, Бокан 2, Гајдученко 2 и Алохин.    Седмерци: 1/2.    Исклучувања: 6 минути.

Македонија: Митревски (8 одбрани), Томовски (3 одбрани), Даниловски (1 одбрана), Стоилов 2, Димитриоски 1, Лазаров 7, Кузманоски 2, Кузмановски 4, Талески 1, Маркоски 1, Костески 2, Поповски 2, Младеновиќ, Пешевски 4, Серафимов и Мишевски.     Седмерци: 2/2.     Исклучувања: 2 минути.

Судии: Алиреза Мушавиан и Мајид Колахдужан од Иран.

Прочитано 537 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


+ 1 = 10