И ПОВТОРНО ОКОЛУ СЕХА ЛИГА. БРЕСТ МЕШКОВ ЌЕ НАСТАПУВА ВО СЕХА ЛИГА ?

08.07.2012 16:42
images_resize

Регионалната (СЕХА) лига продолжува со изненадувањата по принцип “топло-ладно“. Колку што не разочара “Меморандумот за соработка“, толку не израдува веста лиферувана од страна на порталот Балкан-Хандбал во која се вели дека белоруската екипа Брест Мешков е скоро сигурно дел од СЕХА проектот.

Веста е потврдена и од страна на Брест кој на својот официјален сајт (http://www.bgk-meshkova.com/) информира дека неговото барање да и се приклучи на СЕХА лига е одобрено од сите учесници на лигата и дека е добиено и “зелено светло“ од белоруската федерација која е спремна да го модифицира календарот на домашното првенство според потребите на Регионалната лига.

Балкан-Хандбал пишува и дека Брест е спремен да ги сноси сите трошоци при гостувањето на екипите во Белорусија.

Такво нешто е предвидено и во веќе споменатиот “Меморандум за соработка“ каде во членот 9 се вели дека ако се реализира идејата за учество на екипа/и од Белорусија и/или Полска, тие клубови ќе мораат да ги сносат сите трошкови при гостувањето на екипите во Белорусија и/или Полска но исто така и трошоците при нивното сопствено гостување кај другите екипи.

И Балкан-Хандбал и сајтот на Брест Мешков зборуваат за начелната заинтересираност на рускиот Гаспром за спонзорирање на  лигата, што на некој начин ги потврдувааат гласините што стигнуваат и до Металург.

Брест Мешков на македонската ракометна јавност и е познат по одиграниот двомеч со Металург во рамките на ЕХФ Купот во сезона 2010/11. Тогаш, Металург ја загуби првата средба во Брест со резултат 28:23, но врати со повеќе од доволно во Скопје, 32:23. Во секој случај се работи за солидна екипа која ќе го подигне квалитетот на лигата.

Во Брест лани играа и нашите Лазе Мајнов и Раде Стојановиќ но не ги продолжија договорите. Сепак, во Брест и натаму има цела колонија со потекло од балканските простори: хрватскиот голман Владо Божиќ кој дојде од Германија, крилото на Загреб Љубо Вукиќ, левото крило од Словенија Дејан Чанчар, средниот бек од Борац Бања Лука Иван Карачиќ, а од истиот клуб доаѓа и повремениот српски репрезентативец Милан Џукиќ.

Прочитано 423 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


9 − = 3