И во Данска второто полувреме го реши натпреварот меѓу Силкеборг и Металург

07.10.2018 17:31
GIL_2181_resize

Во Силкеборг (Данска) заврши средбата од четвртото коло на групната фаза на Лигата на шампионите. И на овој натпревар се повтори сето тоа што постојано го гледаме на средбите на Металург, без разлика дали игра во Лигата на шампионите или во СЕХА-лигата, – одлично прво и катастрофално второ полувреме.

Во првиот дел Металург беше апсолутно рамноправен партнер, кој постојано наоѓаше начин да се врати по минималните водства на противникот. Централна фигура во нашиот напад беше Халил Јагањац, кој постигна пет од нашите први шест гола и вкупно осум во првото полувреме. Металург се држеше при 6:6, се држеше и при 9:9, а потоа успеа и да го превземи водството и да поведе со два гола разлика, 10:12 и 11:13. За жал, водството како да ги исплаши нашите ракометари, кои влегоа во серија грешки и го загубија првиот дел, со резултат 16:14.

А потоа влеговме во второто полувреме, кое како да претставува психолошка бариера за нашите ракометари. Иако први постигнавме гол и намаливме на 16:15, Силкеборг успеа да направи серија од 3:0 и да поведе со 19:15, со што го најави крајот на отпорот на Металург. Нашите играчи постојано влегуваа во грешки, а разликата постепено се искачи на +7, 24:17, за да во два наврати ги достигне и максималните девет гола разлика.

На оваа средба црвен картон доби Данило Брестовац, кој инаку важи за многу смирен тренер. Тој најпрво беше казнет со две минути, но не престана со својата реакција и во 45. минута доби црвен картон и мораше да го напушти теренот.

Металург ја загуби и својата четврта едноподруго средба во групната фаза на Лигата на шампионите, но многу повеќе загрижува психолошкиот пад во нашата игра во вторите полувремиња на сите досега одиграни натпревари – проблем за кој засега не можеме да најдеме лек.

Веќе во следното коло имаме ново гостување, овој пат одиме кај екипата на Чеховски Медведи. Иако овој тим ја има аутсајдерската улога во нашата група, како и Металург, сепак рускиот шампион е осоколен од двата бода освоени против водечкиот тим на Татран Прешов на теренот на противникот и сигурно ќе сака да дојде и до првата победа на свој терен.

.

Силкеборг – РК Металург   33:25 (16:14)

Силкеборг: Ларсен, Резар, Педерсен 2, Томсен, Н. Нилсен 4, М. Нилсен 1, Ласен 3, Хансен 7, Скубе 5, Нодесбо 2, Плугструп 1, Маркусен 5, Хундструп, Тимер-Јенсен 3, Холм и Кнудсен.   Седмерци: 2/3.   Исклучувања: 10 мин.

РК Металург: Томовски, Василевски, Јагуриновски, Јагањац 10, Лазаревски 1, Димитриоски 2, Токиќ 4, Танкоски 2, Серафимов 1, Младеновиќ, Велковски, Миличевиќ, Маџовски, Стојановиќ 1 и Арсеновски 4.    Седмерци: 1/2.   Исклучувања: 10 мин.

Судии: Петер Херцег и Петер Суди од Унгарија.

Делегат: Олафур Орн Харалдсон од Исланд.

Прочитано 297 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


6 + = 14