ИАКО ПОТЕШКО ОД ОЧЕКУВАНОТО МЕТАЛУРГ ГО СОВЛАДА ТАТРАН

14.04.2012 21:41
DSC_0027_resiz

За крај на првата сезона во СЕХА лига, во Загреб започнаа борбите од завршниот турнир. Металург настапи во првата полуфинална средба во која ги одмери силите со словачкиот Татран. Словачкиот шампион влезе во натпреварот со голема желба за реванш, по двата порази што ги доживеа на турнирот во Добој и скопската средба од СЕХА лига.

Натпреварот започна цврсто и борбено. Металург преку Наумче Мојсовски, уште во првата минута, го отвори резултатот, но Антл истата и Радченко во 4-тата минута се изборија за пресврт. Козлина само накратко успеа да го израмни резултатот но повторно Антл со два гола од седум метри го доведува Татран во водство од два гола, 2:4. Од 9-тата до 12-тата минута Металург преку Марковиќ, Димовски, Козлина и Алушовски прави серија од 4:0 и сега ние сме во предност од два гола, 6:4. Денес одличниот Кристопанс намалува на 6:5 но Георгиевски и повторно Алушовски не носат на +3, 8:5. Прв пат имавме водство од 4 гола со голот на Алушовски во 18-тата минута, 10:6, а прв пат водевме со +5 во 23-тата минута со голот на Марковиќ, 12:7. Сепак, нашето највисоко водство на денешната средба е постигнато во истата 23-та минута кога пак Марковиќ зголемува на 13:7. На крајот на првиот дел семафорот покажа резултат 15:11.

Второто полувреме започна добро за нас. Иако Татран е тој што го постигна првиот гол (Кристопанс), сепак со прецизните удари на Димовски и Златко Мојсоски (од пенал), Металург повторно оствари предност од 5 гола, 17:12. Една неуспешна контра на Георгиевски беше вовед во криза што го зафати нашиот тим кој во периодот од 33 до 43 минута не постигна ниту еден гол а прими дури 5. Резултатот беше израмнет на 17:17. Од тој момент па се до самиот крај на средбата се играше гол за гол. Татран поведе со 19:20 во 50-тата минута со голот на Кристопанс и последен пат во 51 минута со голот на Крок, 20:21. Последните два гола за Металург ги постигна, денес расположениот, Козлина. Во последните 20-тина секунди свој последен напад изведе Татран но без поголема опасност по нашиот гол.

Во еден натпревар успеавме да промашиме 4 седмерци (Марковиќ 2, Козлина и З.Мојсоски). Одлична партија на ветеранот Алушовски со ефект 5/5.

Изненадувачки слабо денес одигра Дарко Станиќ кој имаше само 5 одбрани во првиот дел и ниту една во вториот. Станиќ имаше ефект од 5/29 или неверојатни 17 %. Најпрецизен на средбата беше Кристопанс со 9 гола од 12 обиди.

РК Металург -РК Татран   26:25  (15:11)

РК Металург: Станиќ 5 одбрани, Ангелов, Левов 0/1, Димовски 2/2, Марковиќ 6/11 (2), Наумовски, Георгиевски 1/2, Козлина 5/7, Манасков, Миркуловски 2/3, Маркоски, З.Мојсоски 4/6 (2), Н.Мојсовски 1/5, Стоилов, Јоновски и Алушовски 5/5.   Седмерци: 4/8.

РК Татран: Веркиќ 13 одбрани, Крупа, Мажар 0/1, Копчо 2/2, Хрстка, Урбан, Крок 3/3, Кристопанс 9/12, Веркиќ, Радченко 2/4, Кукрика 2/3, Чип 0/1, Гузи, Пејовиќ, Пекар 0/1, Антл 7/10 (5).         Седмерци: 5/6.

                                                      —————

Малубројната домашна публика беше непријатно изненадена од поразот на големиот фаворит КО Загреб во натпреварот против Вардар ПРО (29:30). Ќе остане засекогаш запаметено дека во првото финале во СЕХА лига ќе играат македонски претставници. Тоа е уште една добра вест за нашите ракометни фанови.

                                                    —————-

Вечерва Металург организира кратка посета на Православна црква каде ќе се дочека големиот православен празник Велигден или Воскресение Божје.

Фотогалерија:

Прочитано 528 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


7 + = 12