Топ Вести

Историски успех на Македонија во Рејкјавик

11.04.2019 15:12
1

Македонската сениорска репрезентација оствари историски успех со победата против Исланд во Рејкјавик. Совладавме репрезентација која цели 13 години не знае за пораз на свој терен, репрезентација која никогаш порано ја немаме победено на гостувањата. Особено што тоа се случи по болниот пораз против аутсајдерот Грција и во момент на смена на селекторот. Данило Брестовац на своето деби на чело на репрезентацијата забележа дебитанска победа.

Вчерашното издание на нашата репрезентација покажа дека нема место за песимизам и дека вратите за настап на претстојното ЕП се ширум отворени.

Почетокот на натпреварот не ветуваше многу, бидејќи домашните ракометари беа во офанзива и многу рано остварија релативно висока предност. Па, така, во 12. минута имаа 8:4, а потоа и 9:5. Пресвртот настана во втората половина на првото полувреме, кога, при 12:9 за противникот, нашите репрезентативци направија серија од 4:0 и го презедоа водството. Особено во овие моменти се истакна нашето крило Гоце Георгиевски, кој немаше милост за противникот и кој, со 8 гола, го одигра најдобриот натпревар во својата репрезентативна кариера. Првото полувреме заврши со израмнети 17:17.

Вториот дел од овој историски натпревар мина во огорчена и израмнета борба, при што важни беа секој напад и секој постигнат гол. Израмнето се играше се до самиот крај, а последните 20-тина секунди се претворија во вистинска драма. Најпрво напад за победа имавме ние, но со чудна одлука на француските судии топката им е предадена на Исланѓаните. Понекогаш треба да се има и среќа, а токму тоа и ни се случи. Исланд трапаво тргна во напад за кој имаше само 12 секунди. На 4 секунди до крајот Магнусон направи чекори, а згора на се и неспортски ја исфрли топката во аут. Судиите во тој момент ја донесоа единствената можна одлука – црвен картон за Магнусон и седмерец за Македонија. Одговорноста ја презеде Манасков, кој најпрво не успеа да го реализира седмерецот, но потоа ја дограби одбиената топка и постигна победнички гол.

Од ракометарите на Металург на паркет се појави само Танкоски, кој постигна и еден гол.

Македонија и Исланд повторно ќе се соочат веќе в недела, овој пат во Скопје.

.

Исланд – Македонија  33:34 (17:17)

Сала: Лаугардал во Рејкјавик.

Исланд: Густавсон (1 одб.), Едвардсон (5 одб.), Палмарсон 12, Елисон, Сигурдсон 3, Гисласон, Гудмундсон 4, Магнусон 3, Игнасон, Гунарсон 7, Густафсон, Арнарсон 2, Гудјонсон, Јонсон 2, Ејнарсон и Смарасон.   Седмерци: 4/4, Исклучувања: 6 мин.

Македонија: Ристовски (4 одб.), Митревски (1 одб), Манасков 8, Стоилов 3, Лазаров 6, Талески 5, В. Маркоски, Н. Маркоски, Кузмановски 2, Танкоски 1, Георгиевски 8, Поповски, Пешевски, Јагуриновски, Кукоски, Маџовски.    Седмерци: 5/6, Исклучувања: 14 мин.

Судии: Карим и Дауф Гасми од Франција.

Делегат: Свен Олав Оје од Норвешка.

Прочитано 393 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


− 3 = 4