ИВАН ЧУПИЌ ЕКСКЛУЗИВНО ЗА САЈТОТ НА МЕТАЛУРГ

14.11.2012 22:49
483089_495074660523391_1692160413_n_resize

В недела очекувам празник на ракометот во Скопје  

Иван Чупиќ, хрватскиот репрезентативец и десно крило на полски Киелце, противникот на Металург в недела, во 5. коло во Лигата на шампионите (ЛШ), во ексклузивното интервју за веб-страната на Металург вели дека очекува жешка и бучна атмосфера во Скопје, смета дека Лино Червар тактички ќе ја состави екипата на Металург, како и дека неговиот клуб се надева и го сонува фајналфорот на ЛШ сезонава.   

И Металург и Киелце минатиот викенд загубија во дуелите со директните конкуренти. Киелце потроши многу пари ова лето и има фантастична екипа. Каква е атмосферата сега во клубот, пред доаѓањето во Скопје? 

– Секако дека не е се совршено затоа што загубивме од директниот конкурент за титулата. Но, не е се така црно. Не игравме добро и ќе се обидеме да извлечеме поуки од тој натпревар и што подобро да се подготвиме до недела и важниот натпревар во Скопје.

За два часа се распродадени сите влезници за мечот со Киелце и се очекува вистински спектакл. Дали некогаш сте играле со некоја македонска екипа и кои се вашите впечатоци околу сe што се случува со Металург (осминафинале на ЛШ…) и со македонскиот ракомет воопшто (петти во Европа, пласман на СП 2013…)? 

– Уште не сум играл против македонски тим, но се радувам на натпреварот в недела, оти знам какво е чувството да се игра во таква атмосфера. Што се однесува до македонскиот ракомет, се гледа голем напредок, особено последните неколку години. Се радувам што ракометот се развива во една добра и позитивна приказна во Македонија.

Во Киелце, покрај вас, има уште 3-4 хрватски репрезентативци. Лино Червар е тренер на Металург. Вие него го познавате, а тој вас уште повеќе. Ваш коментар?

– Сигурен сум дека Лино тактички ќе ја состави својата екипа, но ги знаеме своите квалитети и ќе се обидеме да дојдеме до важни бодови за нас, оти знаеме што ни носи првото место во групата. Сигурно дека атмосферата во Скопје ќе биде жешка и бучна, но тоа е уште еден дополнителен мотив за сите да прикажеме една добра партија и сето тоа да биде еден празник на ракометот.

Во Македонија сте најавени како екипа што ќе игра на фајналфорот во Келн. Кој е крајниот дострел на Киелце сезонава?

– Тоа е тешко да се каже во овој момент, но факт е дека на хартија сме силни и дека имаме широк избор квалитетни играчи. Но, не игра хартијата, туку ние мораме тоа да го покажеме на теренот. Сезоната е долга и сигурно е дека во моментов не играме како што можеме. Сепак, има доста време, се надеваме и го сонуваме Келн.

483089_495074660523391_1692160413_n

Прочитано 1.746 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


+ 1 = 6