“ИЗГОРЕВМЕ“ ВО ЖЕЛБАТА ЗА ПОБЕДА

27.02.2012 00:21
23_resize

Навистина е тешко да се пишува за пораз на својата екипа во толку значаен натпревар каков што беше овој денес. Металург загуби но не се посрамоти. Одигравме машки, храбро и без респект кон големиот противник. Но, Хамбург е Хамбург. Противникот денес настапи со својот најсилен можен состав. Хамбург во текот на целиот натпревар играше мотивирано и со целата своја моќ, играше како да се работи за натпревар кој е за него пресуден. Меѓутоа, Хамбург мораше да се препоти и да вложи се за да ја добие средбата. Натпреварот изобилуваше со цврсти дуели во кои ракометарите на двете екипи не се штедеа себе си.

Првото полувреме ни припадна нам, тука нема никакви дилеми. Ние поведовме и, сем во 7-та минута кога гостите водеа со 2:3, во остатокот од првиот дел имавме константна предност. Максималната разлика ја остваривме во 17-тата минута кога водевме со 10:6. Игравме одлично во одбрана и високите противнички ракометари немаа можност да “стрелат“ преку нашиот блок. Во нападот Германците немаа решение за Марковиќ и останатите наши ракометари.

Во вториот дел дојде до пад во нашата игра. Едноставно “изгоревме“ во својата желба за победа. Се обидувавме брзоплето да реализираме, промашивме од неколку изгледни ситуации. Најлошиот наш период, во првите 10 минути од вториот дел, противникот го искористи, направи серија од 6:1, и рутинирано ја зачува стекнатата предност до самиот крај. Во неколку наврати дојдовме на само еден гол заостаток, но искусниот противник секогаш враќаше со иста мера. Нашата последна шанса пропадна на две минути до крај кога заостанувавме два гола но имавме ракометар повеќе и наш напад. За жал топката отиде во аут а, во противнапад, противникот стави точка на денешниот натпревар. Победи квалитетот на противникот, но уште повеќе неговото огромно искуство во играње на вакви тензични натпревари.

Имаше големо разочарување во очите на нашите ракометари, кај нашата управа и кај публиката на трибините. Разочарување што не го победивме големиот ривал. И токму во тоа е најголемата придобивка од нашите овогодишни настапи во Лига на шампиони, да бидеме разочарани што не го совладавме Хамбург.

Незаслужено сме трети. Копер, во последните две средби, дојде до три сомнителни бода.

Во меѓусебните средби на четирите екипи кои продолжуваат во следната фаза, Хамбург освои 11 бода, Металург 7, Копер 5 и Висла 1 бод.

РК Металург – ХСВ Хамбург   23:25  (14:12)

РК Металург: Станиќ 13 одбрани, Ангелов, Левов, Димовски 5, Маџовски, Марковиќ 7, Георгиевски 1, Козлина 3, Манасков 2, Стоилов, Миркуловски 1, Маркоски, З.Мојсоски, Н.Мојсовски 4, Јоновски и Алушовски.      Седмерци: 3/4.     Исклучувања: 2 минути.

ХСВ Хамбург: Битер, Краус 2, Шродер 1, Дувњак 5, Јансен 2, Лацковиќ 1, Флохр, Вори 2, Б.Жил, Г.Жил, Вугринец 2, Линдберг 5, Лијевски 3, Хенс 2 и Бутлер.          Седмерци: 2/2.    Исклучувања: 8 минути.

Судии: Петер Херцег и Петер Суди од Унгарија.

Делегат: Шлицк Антон од Аустрија.

По натпреварот се одржа пресконференција на која од наша страна присуствуваа помошникот тренер Петровски и Жарко Марковиќ. Во знак на протест поради начинот на кој Хамбург одигра со Копер, на пресконференцијата не се појави Лино Червар.

Честитки за чистата победа на Хамбург, го издржа притисокот и ги однесе двата бода што нас ни беа многу попотребни. Жалиме што не ја израдувавме публиката и по петти пат, го загубивме мечот на стартот од второто полувреме. Хамбург е квалитететен тим што ги искористи сите наши грешки и го заврши натпреварот во висок ритам. Ја чекаме ждрепката во вторник, ќе дадеме се од себе за да одиме понатаму и да ја израдуваме нашата публика“ – истакна Петровски.

 „Пруживме добра партија, но не издржавме да го одиграме целиот меч во ист ритам. Бевме добри во првото полувреме, но во вториот дел потфрливме во одбраната, примивме лесни голови и тоа беше решавачко. Жал ни е што не победивме, имавме фантастична публика, но ветувам дека во следниот меч повторно ќе дадеме се од себе за заедно да славиме“ – коментираше Марковиќ.

Прочитано 1.018 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


9 − = 4