Топ Вести

Изјавите на нашите репрезентативци по победата против Чиле…

20.01.2019 16:57
50299883_2035491743165759_2800954929152262144_n

Македонија со победата над Чиле го заврши учеството на СП во Германија и во Данска, каде се пласира на 15 место. Еве што изјавија нашите репрезентативци по овој натпревар.

.

Кире Лазаров: “Ваквите натпревари се најтешки за играње, бидејќи не решваат ништо, но сепак е поубаво да се заврши со победа отколку со пораз. Сите играчи добија шанса, посебно младите, кои видоа како е да се игра на СП и како е да се победи. Убаво е да се заврши со победа, без разлика што се случуваше на овој шампионат. Тешко е сега да се даде анализа, треба прво да се отспие, па да се изгради заклучок. Мораме да ги поправиме грешките. Разликата од претходниот Мундијал е нашата годишна старост. Имаме една од најмладите екипи на првенството и игравме седум натпревари во 11 дена, треба на сите да им се честита, посебно на постарите кои минаа повеќе време на теренот и ги бранеа боите на Македонија. Не сум задоволен, ниту пак сум разочаран. Ако се фатиме за работа, во оваа репрезентација лежи голем потенцијал. За одредено време може да се направи респектабилна репреентација“.

Филип Лазаров: “Имавме желба да играме и сакавме да победиме затоа што знаевме дека сме подобри од Чиле. Се на се, треба да бидеме задоволни затоа што победивме, иако имавме грешки, што доаѓаа поради замор. Не ја исполнивме целта на ова СП, но, ако Раул остане за селектор, Македонија ќе игра се подобро. Мора да помине малку време, така беше и во Вардар, со кого во четвртата година ја освои Лигата на шампионите. Младите добија шанса, треба да работат и да сонуваат еден ден да бидат како Кире Лазаров, Стојанче Стоилов или Наумче Мојсоски“.

Дејан Манасков: “Кога еден Кире Лазаров мора да игра 60 минути за да го победиме Чиле, тогаш мораме сите да се запрашаме што се случува со репрезентацијата. И јас бев млад и јас почнував, па сум носел некоја одговорност да дадам се од себе во националниот дрес. Младите тапкаат во место и треба да се запрашаат зошто не можат да дадат гол и против еден Чиле, навистина ми е нејасно. Ќе биде многу тешко ако не се опаметиме. Срамота е Лазаров на 40 години да се бори и да се тепа 60 минути, а некои да се влечат на теренот“.

Борко Ристовски: “Дека  можевме подобро, сигурно можевме, дека имаме квалитет – имаме, дека ни снема сила дефинитивно ни снема. Сега е време да се биде реален, да се седне и во следните денови да се направи една реална анализа од сите оние кои се занимаваат со овој спорт и да се види каде ни е иднината и што треба да менуваме, ако сакаме да одиме чекор понапред, а во нашиот случај тоа е настап на Олимпијада. Мислам дека тој чекор е многу голем и ќе треба напорна работа, пред се поголемо ширење на кадарот, за во оваа репрезентација да дојдат млади играчи кои навистина можат да помогнат, а не да бидат само бројки. Тоа е жално, не сакам сега да излезе дека ги напаѓаме помладите, сите чекавме поголема помош од нив, некои добија шанса, некои не, но кога тренерот нема доверба во вас тоа е сигурно поради некоја причина. Така што младите добија минутажа онолку колку што добија, но мислам дека мораа многу подобро да ја искористат за да бидат од помош за целата репрезентација“.

Никола Митревски: “Не одигравме добар натпревар, ама најважни се резултатот и фактот дека го завршивме ова првенство со победа. Одигравме колку што требаше, на моменти беше неизвесно, ама пресуди искуството на голем дел од нашите играчи, кои настапуваат во Лигата на шампионите. Оваа победа значи и за нас и за играчите што доаѓаат во следниот период, на овој начин тие треба да собираат искуствo кое ќе им помогне во настапите на ваквите големи натпреварувања“.

Свој коментар даде и селекторот Раул Гонзалез: “Свесен сум за коментарите дека не сум бил посветен на работата со репрезентацијата откако сум заминал во ПСЖ. Мундијалот заврши, па ќе видиме што ќе се случи. Се уште главите ни се жешки, а јас сакам своите одлуки да ги донесам кога ќе имам мир. Затоа велам, не сум сигурен дали ќе останам на клупата на Македонија и за наредните натпревари“.

Прочитано 356 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


− 2 = 6