Кадетите на Металург испуштија победа против Вардар

18.05.2019 20:28
_DSC0155_resize

Во претпоследното коло на кадетската лига на Македонија, група 1, кадетите на Металург и на Вардар одиграа нерешено, иако сосема заслужена би била и нашата победа на овој натпревар.

Видовме ретко динамична, борбена и драматична средба на две еднакви по квалитет екипи. Видовме голема борба за секој освоен метар, за секоја топка и за секој гол, видовме многу директни контакти и огромна желба за победа кај двата тима.

Целиот натпревар мина во апсолутно израмнета игра. Иако Вардар почесто водеше во првото полувреме, истото заврши со израмнети 11:11, а Металург постигна и водечки гол, кој беше поништен поради истеченото време.

Металург лошо го почна второто полувреме и не ги реализира своите први четири напади. Вардар ги искористи своите шанси и направи серија од 4:0, за прво поубедливо водство, 11:15. Но, тоа не ги збуни нашите ракометари, кои во продолжението заиграа многу поконцентрирано и направија серија од 9:3, за веќе наше водство од 20:18. Се до крајот на средбата се играше гол за гол, а кулминацијата на натпреварот дојде во последните 30 секунди. Металург во оваа завршница влезе со предност од еден гол, 26:25, а Вардар имаше рамно 28 секунди за својот последен напад. На шест секунди до крајот Вардар упати удар, но топката се одби од нашата одбрана и дојде во рацете на Фидановски. Се изгледаше коректно и Металург веќе почна да ја слави победата. Но, така не мислеа судиите, кои досудија фаул за Вардар, а топката во рацете на Фидановски ја оценија како намерно задржување. Фидановски беше исклучен, а за Вардар беше досуден седмерец. Оваа судиска одлука донесе бура од реакции како кај Металург, така и кај бројната публика. Вардар успеа да го реализира пеналот и да го израмни резултатот. За жал, оваа судиска одлука најверојатно ќе не чини место на кадетскиот фајналфот, бидејќи денеска ни требаа сите три бода.

.

РК Металург – РК Вардар  26:26 (11:11)

РК Металург: Ацевски, Димевски 3, Фидановски 3, Крстев, Миндошев, Петковски 2, Стојчески, Петровски 1, Јорданов, Василев, Митковски, Брестовац, Мелоски 2, Николов 5, Стојковиќ 3 и Андревски 7.   Седмерци: 1/2.   Исклучувања: 4 минути.   Црвен картон: Фидановски во 60 минута.

РК Вардар:  Стојкоски, Мишевски 3, Чакалиќ 6, Павловски 1, Трајановски, Атанасовски, Кизиќ, Петков, Димитријевски, Србиновски 3, Грујовски 5, Савревски 3, Пешевски, Димчевски, Мирчевски и Калајџиески 5.     Седмерци: 2/2.   Исклучувања: 8 минути.

Судии: Колевски Ѓоко и Кркачев Сашо од Скопје.

Делегат: Младенов Сашо од Скопје.

Прочитано 274 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


7 − = 5