КАКВА Е НАШАТА ГРУПА ? КАКВИ СЕ НАШИТЕ ШАНСИ ?

06.07.2012 23:21
ljambe magareto.

Металург денес ги доби своите евентуални противници во групната фаза на Лига на шампиони. Под услов да не “киксираме“ во квалификациите, ќе се сретнеме со силни екипи со кои ќе водиме вистинска војна за првите четири места.

Интересно, сем со тимот на Ст.Петерсбург, Металург нема официјална средба со останатите екипи.

Каква е групата во која може да заигра и Металург ?

Дали е тешка или лесна, ако воопшто може да стане збор за лесна група во Лига на шампиони ?

Ако се земе во предвид дека во групата нема претставници на Германија и Шпанија, а од францускиот шампионат тука е тек второпласираниот Шамбери (а тоа се трите најсилни лиги во Европа), тогаш групата и не изгледа премногу страшно. Веројатно, послаба е само групата “D“ каде фаворити се Барселона и Фуксе Берлин, а за уште две позиции ќе се борат Загреб, Кадетен и Пик Сегед, додека аутсајдер е екипата на Динамо Минск или Бешихташ.

Меѓутоа, во нашата група, сем јасниот фаворит Копенхаген и веројатниот аутсајдер Ст.Петерсбург, владее силна конкуренција за преостанатите три места.

Киелце, Шамбери, Горење Велење…една од овие екипи мораме да потисниме за да се пласираме во следната фаза.

Која ?

Киелце

Деветкратниот шампион на Полска, оваа сезона значително ги засили своите редови а ја презеде и полската титула од нашиот лански противник, Висла Плоцк. Киелце се ослободи од Матеуш Заремба и Патрик Кучински, но ги доведе Чупиќ, Биелицки и Лијевски (сите од Р.Н.Ловен) и Штрлек од екипата на Загреб. Меѓу осумте странци, тука се уште и Бунтиќ, Стојковиќ, Муса, Зорман, Клеврли и Олафсон. Да не ги заборавиме голманот Шмал и Михаел Јурецки кој според анкетата на Хандбал Планет каде гласаа 15.000 ракометни фанови е избран за најдобар ракометар на преелиминарната фаза од Лигата на шампионите. Екипата е финансиски стабилна и е предводена од бившиот полски селектор Богдан Вента.

Минатата сезона, во Лига на шампиони влезе преку победите над Ваљадолид и Р.Н.Ловен на квалификацискиот вајлд карта турнир, а во групната фаза, во конкуренција на Атлетико Мадрид, Веспрем, Фуксе Берлин, Чеховски Медведи и Силкеборг, оствари дури пет победи и едно реми и се пласира во Топ 16.

Во квалитетното полско првенство оствари 21 победа и еден пораз, а во дуелот за титула ја “растури“ Висла со 3:0 (со двете победи во регуларниот дел и победата во финалето на Купот, вкупно 6:0).

Горење Велење

Екипа која, во исклучително силното првенство на Словенија, освои 59 од можните 64 бода, екипа која во разигрувањето за титула ги доби сите 10 натпревари и која оствари 4:0 против Цеље ПЛ и 3:1 (и едно реми) против Цимос Копер (поразот е во Купот на Словенија), е сериозен противник за секого па и за Металург. Одличната сезона во Словенија (втора титула) е надополнета со доброто претставување во ЕХФ Купот каде, по победите над Ваљадолид и Макаби Сруго, стигна до четврт-финалето каде е поразена од идниот финалист, Р.Н.Ловен.

Во екипата на Горење нема големи звезди. И тие што ги имаа, како на пример хрватскиот репрезентативец, пикерот Жељко Муса и српскиот репрезентативец, средниот бек Никола Манојловиќ, заминаа од клубот а истото го стори и Рок Шимиќ. Место Муса, во екипата дојде Петар Пуцељ од Црвена Звезда, а дојде и малку познатиот Дарко Цингесар.

И покрај се, екипата на тренерот Бранко Тамше ќе биде тврд орев за сите во групата.

Шамбери

Шамбери е клуб кој е во постојана сенка на големиот Монпеље. Во последните петнаесетина години оваа екипа е претплатена за освојување на второто место (вкупно 11 пати). Нема ниту поголем успех во европските натпреварувања, иако учествува секоја година од 1998, со исклучок на сезона 2004/5. При тоа има дури осум настапи во Лига на шампиони.

Сепак екипата на тренерот Марио Кавали не смее никој да ја потцени.

Иако годинава екипата ја напуштија тренерот Фелипе Гардент (замина во Париз Хандбал), Хавиер Бараше (Атлетико Мадрид) и Бенџамин Масот-Пелет (Билере Хандбал), квалитетот е надополнет со доаѓањето на браќата повратници Бертран и Гијом Жил кои се враќаат по 10-годишната авантура во Хамбург. Новаци во клубот се и францускиот репрезентативец Кевин Њокас (од Парис Хандбал) како и младиот Марко Паниќ (21-годишен десен бек од Борац Бања Лука).

———————————-

Таков е нашиот избор. Се надеваме дека и нашите посетители, со своите коментари ќе дадат свое мислење за силината на групата и можностите на Металург.

Прочитано 829 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


− 7 = 1