Топ Вести

Капитулираше и Бахреин. Првенец на Мартин Серафимов

13.01.2019 16:16
50314414_2026872387361028_8134178565496242176_n

Македонија го продолжи одот по победничката патека, совладана е селекцијата на Бахреин, со убедливи 28:23 (12:8).

Нашата репрезентација одигра уште еден натпревар во кој покажа завиден квалитет, но и повтори дел од своите слабости. Тоа особено се однесува на периодот од 9. до 20. минута во кој не постигнавме гол, а примивме пет. Посебна драж на оваа средба е играњето на младите ракометари и особено голот-првенец на најмладиот – 18-годишниот талент на Металург Мартин Серафимов.

Средбата почна со наизменични голови на двете страни и така беше се до петтата минута, од кога и почна серијата од 5:0 на македонската репрезентација, кога од 1:2 дојдовме до комотни 6:2. Но, кога се чинеше дека влеговме во вистинскиот ритам, наидоа 11-те посни минути на нашата репрезентација. Бахреин умешно ги искористи и ни врати со своја серија од 5:0, за водство од 6:7. Како што понатаму покажа натпреварот, ова беше и последното водство на нашиот противник. Црната серија ја прекина Кире Лазаров, со погодок од седум метри и тоа како да стана знак за нова офанзива на нашите репрезентативци, кои првото полувреме го завршија со серија од 4:0 и водство од 12:8.

Во вториот дел нашиот противник не доби ни најмала шанса за било каков пресврт. Македонија одигра одлично полувреме и во 50. минута ги достигна максималните +8, 22:14. Последните 15 минути Гонзалез ги одигра со Танкоски, Серафимов и Чурлевски, а во последните десетина минути во игра влезе и Крстевски. Тоа не се одрази многу на играта, бидејќи средбата ја завршивме со позитива од 5 гола.

60-тата минута од оваа средба вечно ќе ја памети нашиот Мартин Серафимов, кој го постигна својот прв погодок на официјален натпревар за нашата репрезентација, односно го постигна својот прв гол на светските првенства.

За МВП на натпреварот беше прогласен Кире Лазаров.

Македонија утре го има првиот вистински предизвик, а тоа е селекцијата на Хрватска предводена од Лино Червар. Овој натпревар почнува од 18 часот.

.

Македонија – Бахреин  28:23 (12:8)

Македонија: Ристовски (6 одбрани), Митревски (2 одбрани), Манасков 4, Стоилов, К.Лазаров 8, Чурлевски 1, Талески 3, Маркоски, Кузмановски 4, Танкоски, Георгиевски 1, Ф.Лазаров 1, Крстевски, Поповски 3, Пешевски 2 и Серафимов 1.    Седмерци: 3/3.    Исклучувања: 6 минути.

Бахреин: Хусаин (12 одбрани), А.Мерза 3, Ал Самахији, Абдулреџа, Јалал, М.Мерза 2, Башам 5, Јасен, Мадан 1, Махфуд, Алсалатна, Хамис, Алфардан 2, Саад, Хабиб 4 и Алсајад 6.    Седмерци: 4/4.    Исклучувања: 6 минути.

Прочитано 169 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


+ 3 = 10