Колепка на три облици на воспитување

07.06.2016 11:30
DSC_2264_resize_resize

Ние конципираме три облици на воспитување, што ретко кој може да ги понуди. Прво, ги учиме на спортистите на култура, за грижа за другиот, а тоа е најголем критериум за моралност. Второ, тоа е култура на масите, во смисла да може да развива кај младите чувство на задоволство, среќа, радост, а трета работа се духовните вредности. Можете да имате интелектуално образование, да имате специјалистичко знаење, но ако не постои чувство за добрина, љубов, верба, тогаш вие сте хендикепирани.

Салата во Автокоманда во неделата вриеше од деца дојдени од цела Македонија, некои од нив беа на паркетот, а некои со родителите и најблиските на трибините заеднички да го одбележат посебниот настан наречен „Ние сме најдобрите“. Ракомената академија Металург викендов ја заокружи најуспешната сезона во младите категории во историјата на клубот, откако ги собраа буквално сите шест шампионски титули во државните првенства – младински, кадетски и пионерски, во машка и во женска конкуренција и тоа беше прекрасен повод за ваквото собирање. Концептот на Металург, кој 13 години се потпира на сопствени сили, постојано се потврдува давајќи исклучителни резултати. Од тој погон се изнедрија стотици спортисти, личности со цврст карактер, одговорни во својата професија и заедница. Денес, некои од нив не само што успешно го претставуваат својот клуб на национално и на меѓународно ниво, а некои од нив и ја претставуваат својата земја, борејќи се за боите и за грбот на македонската репрезентација, туку тие анимираат голем број деца и младинци, создавајќи здрав подмладок и поколенија.

Сликата од салата во Автокоманда нѐ врати наназад во времето и нѐ потсети на еден сличен ваков пример, кој во тоа време ни изгледаше толку далечен, но сега се гледа дека бил далековид, далекосежен, визионерски и стратегиски планиран. Имено, на 6 јуни 2003 година на стадионот во Чаир гостуваше тогаш младата фудбалска репрезентација на Португалија, колегите од оваа земја ни зборуваа надолго и нашироко дека станува збор за еден концепт според кој овие фудбалери биле селектирани уште на најрана фудбалска возраст од широка клупска спортска база, спортски академии, кампови и подмладок, а потоа систематски подготвувани и тренирани да постигнат успех за Португалија.

Се разбира, во спортските кулоари тогаш се зборуваше за овие национални спортски концепти, кои подразбираат селектирање од најшироката клупска база за да се добие еден врвен состав кој би „експлодирал“ во сениорска конкуренција и би донел посакуван успех и промоција на својата земја. Но доаѓањето на португалската репрезентација, беше веројатно првото директно искуство на соочување со еден ваков состав. Потврдата за високите очекувања стигна веќе наредната година, кога на Европското првенство за младинци го освоија 3-то место, некои од играчите се префрлија и во сениорската репрезентација, која истата година беше втора во Европа, а на СП 2006 го освои 4-то место. Треба ли посебно да нагласиме дека Роналдо, кој и самиот беше и член токму на таа млада селекција, достигна интерпланетарна слава како еден од најдобрите фудбалери не само на својата генерација туку и на сите времиња во светот.

Се разбира вакви примери има многу во светот на спортот, но сликата од Автокоманда неминовно потсетува на нив. И не само што потсетува, туку и концепциски е со идентична визија и мисија. Она што можеше да се види во неделата напладне досега било видено само на арените во странство, затоа и чувството беше навистина посебно. Деца дојдени од цела Македонија, од скоро сите градови на нашата држава, од многубројните школи на Металург, гордо застанаа на пиедесталот да ги примат признанијата за најдобрите. Но, основната на создавачкиот концепт на Металург не е само развивање ракометни вештини и освојување шампионски титули. Концептот на македонскиот спортски великан тежнее пред сѐ децата да бидат добри и грижливи луѓе, кои целат кон заедништво и пријателство, а не кон егоизам, себичност и нетрпеливост. Само комплетни личности можат да бидат успешни играчи.

DSC_2494_resize_resize

– Горди сме што за овие 13 години успеавме да формираме една од најголемите мрежи ракометни школи, во земјава. Имаме 27 школи во 13 града во Македонија во кои денес тренираат повеќе од 2.000 деца. Нѐ има во Скопје, Куманово, Кратово, Македонска Каменица, Делчево, Виница, Кочани, Кавадарци, Прилеп, Кичево, Струга, Охрид и во Берово. Горди сме на нашиот влог и работа, бидејќи од нашите школи излегоа врвни ракометни репрезентативци, како Дејан Манасков, Гоце Георгиевски, Стојанче Стоилов, Филип Талески, Жарко Пешевски, Мартин Томовски…, а пред вратата на А-репрезентацијата се уште најмалку десетина младински и кадетски репрезентативци, кои во иднина ќе бидат базата на националниот тим – со гордост вели директорот на Ракометната академија Металург, Тони Ристески.

Успешноста на овој концепт е мултифункционална. Покрај тоа што се опфатени сите ракометни центри, како оние активните така и оние што беа по малку подзаборавени, но зафатена е широка база на дечиња од најрана возраст, кои создаваат здрава конкуренција, компетитивност, конкурентност, креативност и одговорност во процесот во себеградењето комплетни личности. Една од основните поенти на создавачкиот спортски концепт на Металург е особено внимание да му посветува и на градење на карактерните вредности на ракометарите.

DSC_2478_resize_resize

– Ги учиме на фер и коректна игра, без „валкани“ зафати, без приговарање на судиските одлуки, со почит кон претпоставените. Сметаме дека со таквиот пристап на работа, покрај тоа што создаваме квалитетни ракометари, создаваме комплетни личности. Впрочем, тоа е дел од основните заложби и стратегијата на Металург за општествено одговорно работење, во интерес на целата заедница – вели Оливер Димитриоски, тренерот на младинската екипа Металург 2.

Во Ракометната академија сите ги имаа добро запаметено зборовите на нивниот учител и инспиратор, Лино Червар.

DSC_2405_resize_resize

– Ние во Металург конципираме три облици на воспитување, што ретко кој може да ги понуди. Прво, ги учиме спортистите на култура, за грижа за другиот, а тоа е најголем критериум за моралност. Второ, тоа е културата на маса, во смисла да може да развива кај младите чувство на задоволство, среќа, радост, а трета работа се духовните вредности. Можете да имате интелектуално образование, да имате специјалистичко знаење, но ако не постои чувство за добрина, љубов, верба, тогаш вие сте хендикепирани. Тоа го нуди спортот – вели ракометниот гуру на Металург, а сега и македонски селектор, Лино Червар.

Најголемата поддршка во реализацијата на својот создавачки концепт, Металург ја добива од сопственикот на клубот, г. Минчо Јорданов.

– Повторно ќе го споменам името на господинот Јорданов, кој упорно нѐ храбри да продолжиме по овој пат и можам да кажам дека ми е драго што ни ја дава таа поддршка. Овој концепт е многу благороден – додава Червар.

Тоа се основните столбови на концептот на Металург, концепт што црпи знаење, вештини и искуство од успешните примери во светскиот спорт. Но, она што никако не смее да се заборави е и уште еден елемент, уште една основа на таквиот пат што се трасира, особено битен за наши услови. А тоа е генерирање национално единство што во овој момент и тоа како ни е потребно.

Т.Д.

Прочитано 837 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


+ 4 = 8