КОНЕЧНО ПАДНА И ЗАГРЕБ

19.03.2012 03:55
metalurg-zagreb-banskoliev (100)_resize

Многу работи, оваа сезона, на Металург му се случуваат за прв пат. Така, прв пат во нашата историја е совладан и големиот Загреб. Во рововска битка на две одлични екипи, Металург беша подобар за еден гол, 19:18.

Присуствувавме на неверојатен натпревар кој можеби не понуди врвен ракомет но секако дека го оправда епитетот – дерби на колото. Се судрија две екипи со челични одбрани, двете спаѓаат меѓу најдобрите во Лига на шампиони. За секој гол се водеше вистинска битка. Натпреварот, преполн со драматичен набој, ги дигна на нозе 7000-те илјади посетители во С.А.“Борис Трајковски“.

Беше навистина тешко. Екипата на Загреб допатува во Скопје полна со самодоверба, скоро убедена во својата победа. После Хамбург ова е најсилниот тим со кого се судривме оваа сезона. Настрана тоа што Металург на овој натпревар беше хендикепиран поради долгото отсуство на неколку ракометари. Иако успеавме да ги вратиме во строј сите повредени ракометари сепак долгото отсуство резултираше со тоа што Наумче Мојсовски, Козлина, Јоновски и Марковиќ во игра влегоа со само неколку тренинзи во последните две недели. Тоа особено се одрази на играта на Козлина кој не го издржа целиот натпревар.

Металург е веројатно единствен тим кој во две средби (двете во Скопје) го задржа Загреб на 18 и 19 гола. Секако важи и тоа дека и Загреб не дозволи да прими повеќе од 19 гола на тие две средби.

Од самиот почеток се виде дека ќе гледаме тврд натпревар. Нашиот прв гол е постигнат во 3-та минута кога Марковиќ ни донесе водство, а првиот гол на Загреб падна дури во 7-та минута кога Тончи Валчиќ го израмни резултатот. Првото водство на гостинскиот тим е остварено во 8-та минута, со голот на Мариќ. Веднаш следуваа два врзани гола на Козлина (од пенал) и Миркуловски и ново водство на Металург со резултат 3:2. За жал, тоа беше нашето последно водство во овој дел од натпреварот а потоа следуваше период од 37 минути на доминација на Загреб. Најпрво, со серија од 3:0 Загреб го сврте резултатот, а потоа со голот на Мариќ во 21 минута дојде и до највисокото водство од 3 гола, 4:7. Водство од три гола разлика гостите имаа и при резултат 5:8, а последен пат, во првиот дел, по голот на Матулиќ кога водеа со 6:9. Во 27-та минута, со својот прв гол, Наумче Мојсовски намали на 7:9 и со тој резултат се замина на одмор. Во првото полувреме беа постигнати вкупно 16 гола. Во 16-тата минута на семафорот стоеше резултат 3:3.

Во 4-тата минута од продолжението Штрлек повторно ја врати позитивата на Загреб на +3 гола, 7:10. А потоа почнаа да дуваат поинакви ветрови. Со головите на Георгиевски и Наумче Мојсовски се вративме во игра. Иако, Загреб на два наврати одржуваше предност од два гола, со серија на Марковиќ прво израмнивме на 13:13, во 47-та минута, а веќе следната, со голот на Алушовски, поведовме со 14:13, прв пат по 11-тата минута. Кога Марковиќ, во 51 минута, постигна гол за водство од 16:14, помисливме дека сме на добар пат, меѓутоа по “глумата“ на Копљар и исклучувањето на Марковиќ, Загреб постигна два гола преку Штрлек и Шпилер и го израмни резултатот. Металург продолжи со нападите и преку браќата Мојсовски оствари ново водство од два гола, 18:16 во 55-та минута. Последен пат со два гола водевме при резултат 19:17, по последниот гол на Наумче Мојсовски (почеток на 59 минута). Крајниот резултат на средбата го постави феноменалниот Мануел Штрлек во последната минута. Иако имавме околу 40 секунди за напад не успеавме да постигнеме гол. Во второто полувреме го совладавме противникот со резултат 12:9.

Металург успеа да ги сопре најважните надворешни играчи на гостинскиот тим, особено Балиќ и Копљар, но прими доста голови од крилната и пикерска позиција. Кај нас се случи спротивното. Недоволната решителност на нашите крила резултираше со само три постигнати гола (еден од крило и два од полуконтри). Левко Наумовски додаде уште два, а остатокот го постигнаа нашите надворешни играчи. Феноменот на голот на Металург, Дарко Станиќ, е еден од главните виновници за поразот на Загреб. И не само поради своите 10 одбрани него и поради својата подршка до останатите ракометари и своето барање до нив – да се издржи и да се победи. Тој негов гест ја “запали“ публиката и им даде крила на ракометарите на Металург. Марковиќ со 7 и Наумче со 5 гола, беа најпрецизни кај нас.

Што да се каже за нашата публика ? Феномен роден во Литванија на ЕП во кошарка, созреан во Србија на ЕП во ракомет, стана препознатлив бренд од кого стрепи секој противник. Иако Загреб е екипа која редовно игра пред поголем број свои симпатизери, сепак и таа потклекна пред “хаосот“ во С.А.“Борис Трајковски“. Таква публика нема никаде и нема никој и ние сме горди на нејзе. Заедно со нашите “Пирати“ создадоа атмосфера која се гледа само таму каде што има македонски навивачи. Фанови, симпатизери и љубители на ракометот, уште еднаш од срце Ви благодариме за подршката.

Металург постигна историска победа. Од резултатот е задоволен и Загреб кој сигурно смета дека може да ја надокнади нашата предност. Меѓутоа, во оваа фаза од натпреварувањето во Лига на шампиони секоја победа е исклучително важна и секоја предност е голема. Дури пет од 8-те дуели во 1/8 финале завршија со предност на еден од тимовите од 1 до 3 гола разлика.

На пресконференцијата, двајцата тренери ги пофалија противничките екипи. Обрван не беше задоволен од учинокот на своите надворешни ракометари, додека Червар рече дека Металург патува во Загреб растоварен и без намера да се предаде.

РК Металург – РК Загреб   19:18 (7:9)

РК Металург: Станиќ 10 одбрани (1 пенал), Ангелов одбрани 1 пенал, Левов, Димовски, Марковиќ 7, Наумовски 2, Георгиевски 1, Козлина 1, Манасков, Миркуловски 1, Маркоски, З.Мојсоски 1, Н.Мојсовски 5, Стојчевски, Јоновски, Алушовски 1.    Седмерци: 5/7.     Исклучувања: 4 минути.

РК Загреб: Шего 8 одбрани, Пешиќ 3 одбрани (2 пенали), Мариќ 4, Брозовиќ, Степанчиќ, Копљар, Матулиќ 1, Шпилер 2, Шебетиќ, Гојун, Штрлек 5,Хорват 4, Ј.Валчиќ, Вукиќ, Т.Валчиќ 2, Балиќ.      Седмерци: 3/5.    Исклучувања: 10 минути.

Судии: Холгер и Јирген од Германија кои можеа да бидат и многу подобри.

Делегат: Леон Брето Висент од Шпанија.

Фотогалерија:

Прочитано 1.298 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


4 − 2 =