Летниот камп на Металург 14-ти пат пулсира со работа, енергија, дружење, забава…

26.06.2019 11:24
w-35-696x522

Најмладите ракометари и ракометарки на Металург ја одработуваат завршната фаза од 14-то издание на летниот камп на Металург, кој првпат се одржува на терените на хотелот „Десарет“ на брегот на Охридско Езеро. Како и секоја година, на летниот камп на Металург владее одлична работна атмосфера, а неуморните кампери се полни со енергија и за дружење, забава и разладување во водите на езерото во периодот помеѓу тренинзите и во вечерните часови.

Поголемиот број од годинашните кампери се од генерацијата 2006/2007, односно новата селекција најмлади пионери и пионерки што од септември ќе почнат нова авантура во своите ракометни кариери – ќе се натпреваруваат во рамките на пионерската лига на Ракометната федерација на Македонија. Иако идеалниот период за почнување со тренинг е седум-осумгодишна возраст, Ракометната школа на Металург е една од првите во регионот што работи и со деца од предучилишна возраст. Еден од нив е сега 13-годишниот Филип Николовски, кој веќе осум години е член на ракометната школа во Аеродром, Скопје, и за кого ова е четврти летен ракометен камп.

Со нетрпение го очекував почетокот на летниот ракометен камп на Металург. Од секој камп се враќам побогат со нови знаења и искуства, кои многу ми користат во понатамошниот напредок, а спомените и пријателствата од дружењето и од забавите во кампот ќе ни бидат драгоцен спомен на кој со задоволство ќе се сеќаваме на секоја наша следна средба“, вели Филип Николовски.

Седумгодишно тренинг-искуство има и 12-годишната Сара Марковска, која деновиве го одработува својот трет летен камп.

Летниот камп на Металург за мене е најубавиот и највеселиот период од годината. За разлика од тренинзите во текот на годината во школите, тука работиме многу поинакви и поинтересни тренинзи, со кои стекнуваме драгоцено искуство, но и нови пријателства“, вели Сара Марковска.

Според претходните искуства на камперите, годинашната тренинг-база, хотелот „Десарет“ во Охрид, ги има најдобрите услови за тренинг и за забава од сите досегашни кампови, а камперите годинава имаат одлична поддршка од партнерите на Академијата на Металург – „Цедевита“, „Виталија“, „Осигурување Македонија“, „Винер осигурување“, „Субрина професионал“ „Изворска вода“ и соковите и ладните чаеви на „Ладна – џуси“, кои се погрижија во ниту еден момент да не се почувствуваат жед и недостиг од енергија.

Четврти пат сум дел од летниот ракометен камп на Металург и можам да кажам дека годинашниот ми е најомилен од сите претходни, пред сѐ поради тоа што имаме одлични услови за работа и за забава. Теренот е во кругот на хотелот, опкружен со дрвја, кои нѐ штитат од жешкото сонце, а на чекор ни е и езерото за разладување и за релаксација по напорните тренинзи. Како никогаш досега имаме одлична поддршка и од нашите спонзори“, рече Дино Атанасовски, член на ракометната група на Металург во ОУ „Ѓоргија Пулевски“ во Аеродром.

 Тања Димитриоска

Прочитано 111 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


9 + 3 =