ЛИНО ЧЕРВАР: МАКЕДОНИЈА ЗНАЕ ДА СЕ БОРИ ЗА СВОЈАТА ГОРДОСТ И ДОСТОИНСТВО

30.12.2012 19:35
DSC_5578_resize

Наставник, новинар, ракометен тренер, светски првак, олимписки шампион, политичар, пратеник, писател… Лино Червар (62). Хрват и Македонец. Роден е во селото Делиќи, со четири куќи, како што самиот гордо истакна, во сиромашно семејство. Работниот век го почна како наставник по хрватски јазик. Дипломира на Педагошката академија во Пула. Потоа неколку години е уредник на изданието „Аренатурист“. Во меѓувреме почна со тренерскиот позив, во Новиград и во Умаг, кој го однесе од Петтата во Првата лига на СФРЈ за пет години. Потоа три години е тренер во Австрија, а од 1987 до 2000 година во Италија, каде што шест години е селектор. Потоа се враќа во Хрватска во РК Загреб и во националниот тим, а од 2003 до 2007 година е пратеник во хрватскиот Сабор, од редовите на ХДЗ. Во меѓувреме останува хрватски селектор до 2010 година, а од пред три и пол години е во Металург. Има олимписко злато, светско злато и две сребра и две европски сребра, сите со Хрватска. Има седум државни титули во Хрватска, три во Македонија, една во Италија, безброј купови… На светската ракометна мапа ја стави Италија, ја издигна Хрватска во велесила, европски ги афирмира Металург и македонскиот ракомет. Има две државни награди за спорт „Фрањо Бучар“, напиша две книги, „La pallamano secondo me“ (Моето гледање на ракометот) и „Од Учка до Олимп“. Женет е, има две ќерки и четири внуци.

 pasos_resize

Како со неколку збора би ја опишале Македонија?

– Македонија е неискористено благо. Погледнете ги тие прекрасни езера, погледнете ги Охрид, Маврово, Струга, Берово… Во Македонија се е изворно, а не вештачко. Често ме прашуваат како се хранам тука. Па јас се најадувам веќе со предјадењето. Никаде не сум го почувствувал мирисот на доматот како тука. Велат дека храната во иднина ќе има иста вредност како нафтата. Тоа се богатства. Треба само да се оди напред, да се имаат идеи. Човек со идеја и со визија веќе половина е победник. Но за идејата мора да се бориш. Уште еден магичен збор – страст. Без страст не може да се успее во животот. Страста е погонот. Македонија има многу противници, но мора да се верува во идејата, за другите да веруваат. Македонија ја гледам и во НАТО и во ЕУ. Во тоа никој нема да ја спречи. Македонците заслужуваат во ЕУ.

Неколку години светот е во финансиска криза. Како гледате на 2013 година? Ќе биде без поголеми промени, подобро, полошо?

– Сметам дека денес од политичарот се бара храброст, најмногу досега. Колку што знам, 50 отсто од економскиот пораст во западните земји се потпира на зафатите, иновативни и креативни, во два правца. Да се намалат трошоците за производство и да се скрати бирократијата. Но за да се намали бирократијата денес треба храброст. Особено пред избори. Тоа што недостига е иновативно знаење. Треба да се има упорност. Во економијата, за да се извлечеме, треба храброст, но треба да се влечат вистински потези. Треба да им се даде повеќе простор на иновативноста и на креативноста. Без тоа не може да се излезе од која било криза.

Каде е во оваа приказна регионот? Како ја гледате Македонија во иднина, како гледате на економијата?

– Многу може да се учи од малите. Тука, на пример, видов како се борите за тие странски инвестиции, за бирократијата да не биде пречка, за дозволи да се добиваат брзо, катастарот да работи брзо итн. Читав и за одлуката да се дава македонско државјанство за инвестиција од 400.000 евра… Значи, на сите можни начини сакаат да се изборат, иако се тешки времиња. Тоа е вистинскиот пат – секогаш да се бориш, да одиш напред. Да се има амбиција, човекот да не се предава. Зборот предавање не го сакам. Тој збор е апатичен, депресивен, деструктивен. И се восхитувам на вашата влада. Немате баш среќно опкружување. Но така да се борите за да се задржат гордоста, државотворноста и достоинството, секоја чест. Секогаш сум на страната на Давид. Мали сме, но горди. Два златни збора победуваат се: упорност и трпеливост. Кој е вооружен со тоа, тој е многу силен.

DSC_5604_resize

Зошто влеговте и зошто ја напуштивте политиката?

– Многумина ми приговараа и ми велеа дека моето место е покрај теренот, а не во политиката. Не мислам така. Во кариерата ми помогна и тој четиригодишен период во парламентот. Имав право на втор мандат, но одбив. Сам се повлеков. Денес е реткост политичар да излезе од политиката. Не сум славољубив, не сум властољубив. Знам каде ми е местото. Тоа што ме интересираше го видов, мојата работа беше завршена и се вратив во спортот. Политиката е добра сама по себе. Таа, всушност, е љубов кон колективитетот, работа за општо добро. Тоа треба да им е главно мото на политичарите, но тоа не го гледам често. Ние во спортот повеќе го имаме тоа чувство да му даваме на друг, да мислиме на друг. Никогаш нема да престанам да бидам тренер што ќе ги учи ракомет и ќе им ги пренесува своите животни искуства и некако да им всадам други квалитети што човек треба да ги има за да биде врвен спортист. На спортот во голема мера местото му е во политиката, оти сметам дека спортот нуди нешто што политиката не може. Дури и образованието не може да го даде тоа. Образованието информира, но малку формира. Знам дека денес не е време на зборови, приказни, туку време на дела. Но спортот е големо средство за развој на духот и за социјализација на младите. Во спортот можеме многу да направиме, оти нашите деца ги учиме и им всадуваме етика на работа, култура на однесување, култура на успех, култура на пораз, култура на заедништво, соживот. Спортот може да понуди три облици на воспитување, што ретко кој може да ги понуди. Прво, спортот им нуди на спортистите култура на грижа за другиот, а тоа е најголем критериум за моралност. Второ, култура на маса, во смисла да може да развива кај младите чувство на задоволство, среќа, радост. Трета работа се духовните вредности. Можете да имате интелектуално образование, да имате специјалистичко знаење, но ако не постои чувство за добрина, љубов, верба…, тогаш вие сте хендикепирани. Тоа спортот го нуди. Затоа не сакам некој да ми држи предавање дека ние спортистите немаме чувство за политика. Политиката може да научи од спортот.

Што е движечката сила за еден тренер?

– Секој тренер треба да биде во потрага по нови мотиви. Не мислев да дојдам во Македонија. Тоа се случи со сплет на околности. Ме увери господинот Минчо Јорданов, кој е „виновник“ што сум тука и без него тоа немаше да се оствари. Нему како главен спонзор можеме да му заблагодариме за резултатите. Многу е важно тренерот да сака постојано докажување. И покрај тоа што сум во зрели години, јас сум гладен за успеси. Љубопитен сум многу. Се ме интересира. Така и доаѓањето во Металург, тогаш второпласиран во Македонија, за мене беше предизвик. Прашав што очекувате од мене. Ми беше речено: „Работна етика во клубот и со сите селекции да имаме организирана работа. А ако бидеш и прв, тоа ќе биде добро“. Но знаев дека сакам да победувам.

GIL_2395_resize

Од тренерот главно зависи играта на тимот. За среќа, во Вас играчите и публиката гледаат вистински водач на Металург и кога добива и кога губи.

– Водачот се раѓа. Тој не може да биде индустриски производ. Тренерите се посебна сорта луѓе. Треба и храброст. Тренерската работа е малку задоволство, многу разочарувања. Кога ќе кажат, а тоа може да биде член на клубот, навивач…, „в сабота ќе победиме“, тоа е закана за тренерот! Ако загубиме, кој ќе биде виновен? Па, тренерот најмногу. Целиот тим не можеш да го смениш, но тренерот можеш. Така, кој не е храбар, кој не е подготвен на се, не може да биде водач. Италијанците велат: не е работата што ќе паднеш во кал, оти златото сјае и во калта, клучот е да се кренеш и да продолжиш. Тоа е таа самодоверба.

Со РК Умаг, од место со 6.000 жители, отидовте од Петтата до Првата лига за пет години во СФРЈ. Италија под Ваше водство првпат се најде на СП. Со Хрватска станавте светски и олимписки првак. Со Металург двапати стигнавте до осминафиналето на ЛШ. Кој е вашиот најголем успех?

– Тоа што ретко ме прашуваат е за другите мои резултати. Ме прашуваат само за Хрватска. Тешко е да кажам кој успех ми е најдраг. Да речеме, кога влегов во светот на ракометот, остварив таков резултат каков што сонуваат многу тренери. А Италија, земја на фудбал, кошарка, одбојка… најмалку на ракомет, земја со 60 милиони жители, ја ставив на ракометната мапа на светот. Хрватска, мала земја со четири милиони жители, ја однесов на тоа ниво и доживеав двапати по 100.000 луѓе да не пречекаат по успесите. Бевме по гледаност над фудбалот, кој е национален спорт. Да, ги исполнив своите детски сништа, сништа што ги има секој тренер. Но уште сум гладен за победи.

Може ли Македонија повеќе од 11. место на СП, а Металург чекор повеќе во ЛШ?

– Уверен сум дека Македонија може повеќе од 11. место. За човек да има успеси мора секогаш да има високи цели. Ако размислуваме за 11. место, ќе бидеме 12. Но ако размислуваме за врвот, многу е веројатно да дојдеме дотаму. Затоа ја нудам опцијата оптимизам. Имаме неколку многу квалитетни играчи, кои стекнаа искуство, како Кире Лазаров, Наум Мојсовски, Филип Миркуловски и други, а имаме некои млади играчи што извонредно напредуваа за овие неколку месеци, како младиот Дејан Манасков, едно од најдобрите леви крила во светот. Имаме свои адути, тоа треба да се намести, добро да се подготви, тимот да биде хомоген, мотивиран… и тогаш сите можности се во игра. За Металург, фајналфорот во ЛШ треба да биде наш стремеж. Можеби не оваа сезона, но секако. Тоа им го зборувам на играчите. Тоа треба да е наша цел, за година-две. Сега сме задоволни што пред Нова година осигуравме осминафинале, па сега размислуваме за чекор повеќе од лани. Ќе биде така како што Господ ќе даде, но драго ми е што не прифатија како сериозен клуб.

GIL_6101_resize

Кога зборувате за Македонија, велите „ние“ (Червар доби македонско државјанство на 19 декември).

– Да, спонтано кажувам „ние“. Толку сум благодарен на луѓето што фантастично ме примија. Со луѓето се хомогенизирав, го сакам народот. И покрај тоа што има проблеми, на луѓето во Македонија не им недостига оптимизам. Уште гледам во нивните очи искра. Тоа посебно ме радува. Го имаат тој добродушен пристап кон човекот. Ме прифатија со отворено срце и каков човек би бил ако не би знаел во најмала рака да се заблагодарам на сето тоа.

Што му недостига на македонскиот ракомет за да се издигне на уште повисоко ниво?

– Мораме да направиме се, а тоа е задача на РФМ и на клубовите, да оживееме некои ракометни центри што сега се во криза или ги нема, како Битола, Велес, Куманово, Струга… Загубивме многу ентузијасти, учители. Мораме да произведуваме, да воспитуваме, мораме да работиме со деца од сите возрасти и да едуцираме тренери. Не може да се дозволи Македонија ретко да учествува на младински шампионати. Металург тука е некаков предводник, оти почнуваме да создаваме свој кадар. Имаме млад тим, кој многу ветува, како наследници на сегашните сениори. Така треба да работат и другите клубови. Мораме да се вратиме на работа во младите категории. Тука е единствената иднина. Мораме да се потпреме на создавање свои нови Лазарови, Мојсовски, Миркуловски… РФМ треба да биде спиритус мовенс. Инаку нема да имаме добра ракометна иднина.

Одбраната на Металург не се темели на играчи над два метра, како што имаат некои екипи. Сепак, тимот две сезони по ред има најдобра одбрана во Лигата на шампионите. Во што е тајната?

– Многу инсистирам на одбрана затоа што тоа е дел од играта што има предност. Не може да се зборува за добра игра ако нема добра одбрана. Одбраната покажува каков е карактерот на екипата, а карактерот е поважен од талентот. Не сум видел никогаш депресивен човек победник. Одбраната нема име и презиме. Таму се сите. Борба за секој сантиметар, за секоја топка. Кога ќе ја освоиме топката, победивме, а тоа е и голема можност во нападот да бидеме посигурни. Клуч на се е да знаете да се одбраните, да ја одбраните својата куќа, двор, земја… Тоа ги учам играчите. Тоа е тајната. Не е важна тактиката, колку што е важен карактерот. Не победува тој што вика или што е помногуброен. Треба да се биде борбен, да се има идеја. Секако дека треба и знаење. И во НБА навивачите викаат „одбрана, одбрана“. Луѓето се возбудуваат кога ќе видат дека одбраната „гине“. Играта во одбраната не ги остава рамнодушни гледачите. Одбраната мора да биде брза. Знаете, во Африка, се буди лавот наутро и тој знае многу добро дека мора да трча побрзо од антилопата, оти ќе остане гладен. Се буди и антилопата, а таа, пак, знае дека мора да биде брза за да остане жива. Денес борбата е за предност во се, спорт, општество, информатика, економија, наука… Мора да се биде за чекор побрз. Победува оној што побрзо мисли.

Горан Манчевски

Прочитано 1.060 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


5 + 6 =