Лино Червар: Металург ќе биде се подобар

17.09.2016 23:16
1_resize

На прес-конференцијата по мечот со Веспрем своите импресии ги искажаа актерите на овој интересен натпревар.

Лино Червар: “Пред се честитки за тимот на Веспрем, кој покажа добра игра и заслужено славеше вечерва. Во првите 25 минути добро се држевме, натпреварот беше израмнет, а функциониравме добро и во нападот и во одбраната. Во вториот дел бевме премногу статични и му овозможивме на противникот премногу лесно да доаѓа до ситуации за гол, но очекувам тоа да го поправиме во иднина. На оваа средба очекував нешто повеќе од Талески, но затоа добро се снајде Нелоски. Полека во ритам влегува и Обрадовиќ, наскоро почнуваме и со Драгаш, па верувам дека во иднина ќе прикажуваме добри игри и добри резултати“.

Марко Нелоски добро ја искористи шансата што му се укажа и со четири погодоци беше најефикасен во таборот на Металург на овој натпревар.

Игравме добар меч против Веспрем, на чии играчи им честитам на победата. Секако дека можеме и подобро, тоа го покажавме пред се во првото полувреме кога бевме речиси рамноправни. Во вториот  дел имавме избрзани шутеви со кои му овозможивме на противникот лесни голови, но ние ќе тренираме уште понапорно за да ги отстраниме грешките и да играме подобро на следните средби“, изјави Нелоски.

Тренерот на Веспрем, Хавиер Сабате ја пофали играта на Металург, но го изрази и незадоволството од реализацијата на неговите ракометари.

Честитки за Металург. Нашиот тим беше добар во одбрана, голманите беа одлични. Ова беше четврти натпревар за нас оваа недела, но бевме подготвени за тоа. Мораме да работиме уште на нападот, но горд сум на моите играчи за нивното залагање на теренот, Очекувам Металург да биде уште посилен во реваншот откако овие играчи ќе минат низ тренажен процес од уште петнаесетина седмици“,изјави Сабате.

Слично размислува и Габор Анчин, кој е задоволен од триумфот во СЦ „Борис Трајковски“.

Натпреварот беше тежок за нас, затоа што беше четврт оваа недела. Металург играше добро во одбраната и неговите ракометари беа доста агресивни, но ние имавме добри одлуки во нападите и успеавме да ги решиме. Му посакувам само најдобри работи на македонскиот претставник во наредните настапи“, изјави Анчин.

Прочитано 0 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


+ 6 = 15