Лошиот почеток на Металург ја реши средбата со Силкеборг

24.11.2018 21:29
24_resize

Металург доживеа пораз од екипата на Силкеборг, во натпревар од деветтото коло на групната фаза на Лигата на шампионите. Видовме уште еден натпревар во кој македонскиот вицешампион не се посрамоти, ниту беше надигран, па сепак забележа нов, осми пораз во тековната сезона. Всушност, средбата ја реши нашиот лош почеток, кога во текот на првите шест минути не постигнавме ниту еден гол, а примивме четири. Ако се земе дека конечниот резултат е 29:33, во полза на Силкеборг, тогаш 54 минути во СЦ “Борис Трајковски“ се играше рамноправен ракомет во кој Сикеборг имаше постојана предност, најмногу со седум голови разлика, но и Металург постојано наоѓаше начин да се доближи и да го напаѓа резултатот на противникот.

По серијата на Силкеборг од 4:0 и лошиот почеток на Металург, играта се стабилизира и до крајот на првиот дел предноста на противникот се движеше меѓу 2 и 4 гола. Имаше Металург можност да направи и нешто повеќе, но во пресудните моменти нашите ракометари правеа почетнички грешки, или пак брзоплето ги завршуваа своите акции. Првото полувреме заврши со резултат 12:15 во полза на гостинскиот тим.

Многу слично се играше и во вторите 30 минути во кои најпрво Металург во неколку наврати се доближи на растојание од два гола, а потоа дојде период во кој Силкеборг ги достигна своите највисоки +7 гола предност. Тоа беше период во кој младите ракометари на Металург грешеа, а искусниот гостински состав казнуваше, иако мора да се констатира и дека во овој дел од играта видовме и неколку дискутабилни судиски одлуки. Завршницата од средбата им припадна на нашите ракометари, кои ја преполовија предноста на Силкеборг, за конечни 29:33.

Ова беше последен домашен натпревар на Металург во тековната сезона на Лигата на шампионите, а нашиот следен и последен натпревар ќе го одиграме во Прешов против Татран.

.

РК Металург – Силкеборг  29:33 (12:15)

РК Металург: Томовски, Даниловски, Арсеновски 1, Димитриоски, Јагуриноски, Лазаревски 1, Маџовски 2, Миличевиќ 4, Пучник 1, Рибеиро 7, Серафимов 1, Шилегов, Шпенде 8, Стојановиќ, Танкоски 3 и Токиќ 1.    Седмерци: 4/4.    Исклучувања: 8 минути.

Силкеборг: Хансен 6, Кнудсен 3, Ларсен, Ласен 8, Маркусен 6, М.Нилсен 2, Н.Нилсен 2, Нодесбо 5, Педерсен, Плугструп, Резар, Скубе, Јенсен 1 и Томсен.    Седмерци: 1/2.    Исклучувања: 6 минути.

Судии: Денис Болиќ и Криштоф Хурич од Австрија.

Прочитано 230 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


+ 6 = 13