Македонија цехот на Италија го наплати од Швајцарија

24.07.2018 21:05
M20-EHF-Championship-MKD-SUI-24.07.2018-6448

Неверојатен натпревар одиграа нашите младинци против на хартија најсилната репрезентација во нашата група. Македонија со извонредна игра ја декласира Швајцарија, победувајќи ја со резултат 30:24 (17:9). Швајцарците можат да бидат и задоволни, бидејќи на неколку минути до крајот имавме предност од девет гола, 29:20, но и неколку чисти шанси разликата да ја мине границата од десет гола.

Кај нашите репрезентативци се чувствуваше огромната желба да се рехабилитираат за загубениот бод против селекцијата на Италија и тоа го покажаа во сите сегменти од играта. Особено радува нашата денешна игра во одбраната, дел за кој во претходните две средби многумина имаа сериозни замерки. Во одбраната на својот гол особено се истакна голманот на Металург 2 Матеј Петковски, кој средбата ја заврши со дури 14 одбрани.

Македонија одлично го отвори натпреварот и уште во раната фаза стекна огромна предност од 6 гола, 7:1. Швајцарците беа целосно сопрени во нападот и на секој нивен гол Македонија одговараше со два свои. При крајот на првото полувреме имавме максимални 8 гола предност, 15:7, а со оваа иста разлика го завршивме првиот дел.

Во второто полувреме Швајцарија вложи огромен напор да се врати од бездната и делумно успеа во својата намера. Полека нагризувајќи го нашиот резултат противникот стигна на негатива од само три гола 23:20, на десетина минути до крајот. Сепак, кога тоа беше најпотребно нашите младинци повторно се вратија во победнички ритам и ја достигнаа својата денеска највисока предност од девет гола, 29:20. Во последните неколку минути дојде до опуштање во нашите редови, па Швајцарија тоа го искористи и ја смали негативата на шест гола.

Македонија оствари значајна победа и дојде на чекор од пласман во полуфиналето. Сепак, нашата репрезентација не смее да загуби на средбата против Украина во последното коло, бидејќи во тој случај би останале без полуфинале, освен ако не се случи сензација и Италија да ја совлада Швајцарија. На таа средба со Украина ни треба победа или барем нерешен резултат.

.

Македонија – Швајцарија  30:24 (17:9)

Македонија: Кизиќ, Петковски (14 одб.) 1, Јагуриновски 6, Димитриоски 1, Андонов, Танкоски 6, Димитровски, Стојановски, Шилегов 4, Серафимов 1, Арсеновски 1, Костески 4, Кукуловски, Петровски 5, Атанасовски 1, Мишевски.  Седмерци: 1/3.  Исклучувања: 8 мин.

.

M20-EHF-Championship-MKD-SUI-24.07.2018-6475_resize

Прочитано 565 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


5 + 9 =