Македонија го совлада Чиле и ќе настапи во главната фаза

18.01.2021 17:47
140416167_3622283464486571_5194178691249344245_o

Македонија конечно одигра натпревар според очекувањата и ја совлада репрезентацијата на Чиле, третпат за две седмици. Со оваа победа, Македонија обезбеди учество во главната фаза во која ќе настапи во групата 4 и во која за противници ќе ги има Словенија, Русија и Белорусија.

Да, Чиле не е на нивото на Шведска и на Египет и, да, Македонија се мачеше во текот на целото прво полувреме. Но, кога тоа беше најпотребно, нашите ракометари ја надминаа кризата и го победија противникот со цврстата одбрана, нешто што ни недостасуваше во текот на ова првенство.

Во првиот дел се чувствуваше притисокот врз нашите репрезентативци и фактот дека мораат да го совладаат својот денешен противник. Чиле скоро постојано имаше предност од еден до два гола и го доби првото полувреме со минимални 16:17.

Се се промени во второто полувреме. Македонија конечно заигра добро во одбраната, предводена од денеска феноменалниот Митревски, а релативно лесно оствари и доминација во нападот. Како резултат на ова Македонија го презеде водството и веќе нашата репрезентација беше таа која ги диктираше и играта и резултатот. До израз дојде квалитетот, но и подолгата клупа на нашата репрезентација, а кога нашата предност се искачи на +4, веќе беше јасно дека бодовите се наши и дека Македонија ќе ја оствари посакуваната цел – пласман во главната фаза.

Време за одмор нема, бидејќи термините за натпреварите во главната група 4 се 20, 22 и 24 јануари. По две најдобропласирани репрезентации од четирите главни групи ќе продолжат во четврт-финалето.

.

Македонија – Чиле  32:29 (16:17)

Македонија: Митревски (14 одбрани), Томовски (2 седмерци), Велковски, Стоилов 2, Димитриоски 3, Лазаров 8, Кузманоски, Талески, Маркоски 1, Кузмановски 4, Костески 5, Танкоски, Крстевски 2, Поповски 1, Пешевски 5 и Мишевски 1.    Седмерци: 3/4.     Исклучувања: 12 минути.

Чиле: Бариентос (9 одбрани), Гарсиа (2 одбрани), Гонзалез, Кабелос 7, Ер.Фајхтман 7, Рејес, Фрелиј 1, Ем.Фајхтман 4, Е.Салинас 2, Р.Салинас 7, Павез, Х.Фајхтман, Канеја, Онето, Ајала 1 и Доносо.    Седмерци: 4/7.     Исклучувања: 10 минути.

Судии: Матија Губица и Борис Милошевиќ од Хрватска.

Прочитано 1.457 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


6 − 1 =