Македонија поразена од Словенија

20.01.2021 21:05
1

Во првото коло на главната група 4, Македонија убедливо е совладана од селекцијата на Словенија, со резултат 21:31 (9:13). Доживеавме уште еден висок пораз, но овој пат Македонија одигра добар натпревар, многу подобар отколку во првите две средби на ова СП. Всушност, средбата ја загубивме во лошите 12 минути, 9 на крајот на првиот дел и 3 на почетокот на второто полувреме, во кои не постигнавме ниту еден гол, а примивме дури 6.

Почетокот на средбата ветуваше рамноправна борба. Македонија најчесто водеше, најмногу со два гола, но свои моменти имаше и нашиот противник. Така беше се до резултат 9:9, а потоа дојде до резултатска криза кај нашата селекција и противникот успеа да стекне осетна предност.

Во 40 минута веќе беше 12:20, а разликата од осум голови очигледно недостижна. Тоа му даде можност на селекторот Брестовац да ја повлече првата постава и да ги внесе во игра помладите. Конечните -10 се чини дека се превисоки.

На оваа средба својот прв настап го имаше нашиот Мартин Серафимов, кој ги оправда своите минути во игра и ги постигна своите први два гола. Првите три гола на ова првенство ги постигна и Филип Талески, но од четири натпревари.

Македонија веќе в петок ќе го одигра својот втор натпревар во главната група, а наш противник ќе биде репрезентацијата на Русија. И оваа средба ќе се игра со почеток во 15.30 часот.

.

Македонија – Словенија  21:31 (9:13)

Македонија: Митревски (8 одбрани), Томовски (5 одбрани), Велковски, Стоилов 1, Димитриоски 2, Лазаров 5, Талески 3, Маркоски, Кузмановски 4, Костески, Танкоски 1, Крстевски, Поповски 1, Пешевски 2, Серафимов 2 и Мишевски.     Седмерци: 4/4.      Исклучувања: 4 минути.

Словенија: Лесјак (17 одбрани), Ферлин, Скубе, Благотиншек 1, Хенигман 2, Јанц, Доленец 5, Цингесар, Цехте 4, Гајиќ 7, Габер 1, Зарабец 4, Овничек 1, Бомбач, Мачковшек 5 и Сухолежник 1.     Седмерци: 2/2.     Исклучувања: 4 минути.

Судии: Игнацио Гарција и Андреу Марин од Шпанија.

Прочитано 135 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


2 + = 9