Македонија се намачи, но сепак се враќа со победа

12.06.2019 20:43
MKD

Во Ескишехир денеска се одигра натпревар од претпоследното коло на квалификациите за пласман на ЕП 2020, во кој Македонија оствари тешка победа против селекцијата на Турција. Победата е минимална, но доволна Македонија да оствари пласман на ЕП и да се задржи на челната позиција во групата 3.

Сепак, до денешната победа нашите репрезентативци стигнаа по голема борба, а на моменти покажаа и низа слабости, кои многу лесно можеа да бидат казнети со пораз од денеска крајно борбената репрезентација на Турција. Можеби поради извесно потценување на можностите на домашната селекција, а можеби и како резултат на тешката сезона која е пред својот крај, но во добар дел од натпреварот имавме негатива, која во второто полувреме достигна и до четири гола, а одбраната на Митревски во последната секунда не спаси од срамната поделба на бодовите.

Почетокот на средбата навести дека ќе се води голема борба, особено што Турците во мечот влегоа фајтерски и играа на граница на грубата игра. Но, по рамноправниот почеток, Македонија влезе во серија и набрзо стигна до комотна предност од 4 гола, 3:7 и 4:8. Се чинеше дека сме на добар пат и дека уште во првиот дел ќе ја верификуваме победата, но потоа влеговме во чудна криза. Лесно стигнавме до предност од 4 гола, но уште полесно ја загубивме. Во само 15 минути од +4 дојдовме во ситуација да губиме со два гола разлика, со која заминавме на одмор.

Долго време се мачевме и во вториот дел, особено што на 17 минути до крајот губивме со резултат 19:15. Сепак, во последните десетина минути, со многу напор, но и со пад во играта на Турција, Македонија успеа да направи пресврт и во последната минута влезе со предност од еден гол, 25:26. Турција имаше 23 секунди за својот последен напад, но стигна само до можност да изведе слободен удар преку нашиот поставен жив ѕид. Тој удар на Пеливан, со прекрасна интервенција, го одбрани Никола Митревски и ни донесе важна победа.

Во последното коло играме со Грција на домашен терен во Струмица. Од таа средба сите очекуваме сигурна победа и прво место во групата, што ќе ни донесе подобра ждрепка.

Кај селекцијата на Турција најмногу проблеми ни направија голманот Озмусул, со дури 16 одбрани, и Пеливан, со 10 погодоци.

.

Турција – Македонија  25:26 (13:11)

Македонија: Ристовски, Митревски, Лазаров 7, Талески 5, Георгиевски 4, Маџовски 4, Кузмановски 3, Димитриоски 1, Пешевски 1, Стоилов 1, Јагуриновски, Костески, Кукоски, Н.Маркоски, В.Маркоски и Танкоски.    Седмерци: 3/4.   Исклучувања: 2 минути.

Прочитано 782 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


5 + = 14