Македонија тргна со победа

26.10.2018 01:25
Makedonija-Turcija

Македонската сениорска репрезентација со победа ги почна квалификациите за ЕП 2020 г. Во Битола, совладана е селекцијата на Турција, со резултат 31:27 (17:13).

Македонската репрезентација беше јасен фаворит на оваа средба и таа своја улога ја оправда пред битолската публика, која по 13 години доби можност да и биде домаќин на нашата национална селекција во салата “Боро Чурлевски“.

Сепак, Македонија денеска ниту од далеку не го одигра својот најдобар натпревар, а силните осцилации во текот на средбата сигурно го замислија селекторот Гонзалез.

Средбата почна со взаемно испитување на силите, а така се движеше и резултатот – гол за гол. Но, како што изминуваше првото полувреме, Македонија постепено почна да ја гради својата предност, која во 25. минута ги достигна максималните пет гола, 14:9. Првото полувреме заврши со резултат 17:13 во наша полза.

Дилемите околу квалитетот на нашата игра ги предизвикаа настаните од второто полувреме. Овој дел од средбата почна со фуриозна игра на нашата репрезентација, која веднаш ја искачи својата предност на денеска максималните +8, 23:15. Но, кога сите очекуваа дека ќе се случи вистинска катастрофа на гостите, дојде до драматичен пад во играта на Македонија, која во следните пет минути постигна само еден гол, а прими дури пет, од кои два со играч повеќе. По таа 43. минута на теренот видовме рамноправна борба во која Македонија се најде во ситуација да ја брани своја предност пред постојаните напади на турскиот состав. Победата на нашата селекција е заслужена, но играта е предупредување пред идните дуели со многу посилниот Исланд, кој ја совлада Грција со 14 голови разлика.

Оваа средба ќе ја памети нашиот Мартин Томовски, кој дебитираше во сениорскиот состав и го направи тоа на најдобар можен начин. Мартин најпрво тој му одбрани седмерец на Дорук Пеливан, а потоа одбрани уште четири удари од игра.

Следниот натпревар од квалификацискиот циклус за ЕП 2020 се игра веќе в недела, кога Македонија и гостува на Грција. Оваа средба ќе се одигра во Кожани, со почеток во 16 часот по македонско време.

.

Македонија – Турција  31:27 (17:13)

Сала: „Боро Чурлевски“ во Битола. Гледачи: 3500.

Македонија: Ристовски (11 одб.), Томовски (4 одб., 1 сед.), Манасков 6, Велковски, Стоилов 4, Лазаров 8, Прибак 3, Талески 4, В.Маркоски, Н. Маркоски, Кузмановски, Георгеивски 4, Ф. Лазаров, Ојлески, Поповски, Пешевски 2.   Седмерци: 3/3.   Исклучувања: 2 мин.

Турција: Гунај (9 одб.), Пекташ 5, Ерсин 2, Пеливан 4, Арифоглу, Демирезен 2, Гектепе, Бичер 6, Гумушок, Налбантоглу 1, Х. Озтурк 4, Атеш, Ероз, Ч. Озтурк, Челеби, Сарак 2.   Седмерци: 2/3.   Исклучувања: 4 мин.

Судии: Петер Херцег и Петер Суди од Унгарија.

Делегат: Небојша Вујисиќ од Црна Гора.

Прочитано 572 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


9 + 7 =