Топ Вести

Македонска лекција за Веспрем

30.03.2018 16:44
jagurinoski-(1)

Македонија денеска извојува двојна победа против екипите на Веспрем, на првиот ден од Велигденскиот меѓународниот турнир во Балатонфуред (Унгарија). Гордоста на Унгарија најпрво ја совладаа кадетите на Македонија, а само час подоцна и македонските младинци.

Кадетската репрезентација на Македонија денеска имаше ден од соништата. Најпрво беше совладан тимот на Егерсеги, со неверојатен резултат 55:13 (26:5), а потоа  и кадетскиот тим на Веспрем, со минимални 27:25. Покрај овие средби, нашите кадети утре ќе одиграат уште еден натпревар против тимот на Егерсеги, а в недела и в понеделник ќе се сретнат со соодветната селекција на Бугарија. Според противниците, нашите кадети ги имаат сите шанси да се вратат во Скопје со пет чисти победи.

Најпрецизен во двата тима беше ракометарот на Металург Серафимов, кој постигна дури единаесет погодоци. Каковски постигна шест гола, а по три пати кај стрелците се запишаа Митиќ, Божиновски и Костески.

Покрај кадетите, денеска во Балатонфуред својот прв натпревар го одигра и младинската репрезентација на Македонија. Нашите младинци за свој прв противник ја имаа младинската екипа на Веспрем, која ја совладаа со резултат 23:22.

Тоа беше средба со драматичен крај. Веспрем беше на чекор од победата, бидејќи пред самиот крај водеше со 22:21, а потоа, по нашето израмнување, имаше и напад за победа и тоа во комплетен состав против само четворица Македонци. Но, ни помогнаа среќата и Томи Јагуриновски, кој пресекол топка и погоди за победа на македонската репрезентација.

Најефикасен кај нас беше Филип Арсеновски со 5 гола, додека по четири гола постигнаа Мице Шилегов, Томислав Јагуриновски и Марко Мишевски, а по два гола запишаа Марио Танкоски и Димитар Димитриоски. По еден гол постигнаа Иван Димитроски и Дарио Петровски.

Младинците утре ќе играат против унгарскиот Ајка, а в недела и в понеделник на ред ќе биде двојната пресметка со младинската селекција на Бугарија.

Прочитано 2.423 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


+ 7 = 13