МАКЕДОНСКИОТ ПРВАК ГО ОДРАБОТИ ПРВОТО ПОЛУВРЕМЕ ОД ТОП 16 ДУЕЛОТ СО ЗАГРЕБ, НА РЕД Е РЕВАНШОТ

20.03.2012 12:39
metalurg-zagreb-banskoliev (35)._resize

Статијата е превземена од Македонски Спорт

——————-

Червар: Работата ја завршивме, сега одиме на подвиг.

Иако Металург прими само 18 гола, главниот стратег не е задоволен. “Направивме многу почетнички грешки, а екипа каква што е Загреб тоа знае да го казни“, вели Лино Червар.

Металург ја помести границата која го означува најголемиот клупски успех понапред за уште еден чекор. Откако екипата успеа да ги мине квалификациите, да ја мине и групната фаза, успеа да запише и победа и во Топ 16 фазата.

Над 7000 гледачи задоволни ја напуштија арената по првата пресметка во Топ 16 на Лигата на шампиони и тоа треба да биде најголемата сатисфакција за лугето кои го водат, тренираат и играат за Металург.

Беша важно да се победи, макар минимално. Токму тоа и се случи. Металург досега има одиграно неколку официјални, неколку контролни натпревари со Загреб, но никогаш досега не победил на дуел со хрватскиот шампион. Сега може да запише во својата биографија дека и овој тим го положил оружјето и на официјален натпревар од врвно значење.

“Ова е многу важна победа за нас. Воопшто цела оваа година е за паметење. Успеавме за кратко време да направиме огромна промоција на нашиот клуб. Од квалификанти до екипа која во Топ 16 го играше натпреварот на неделата. Тоа е голема работа и ние мораме да бидеме задоволни“, вели Лино Червар, тренерот на Металург.

“Натпреварот со Загреб беше тежок, токму каков што очекувавме. Сега не чека реванш кој ќе биде уште потежок, но ние имаме еден адут за тој натпревар. Ние во Загреб нема што да загубиме. Нашата работа ја завршивме, но тоа не значи дека го испраќаме Загреб предвреме во Топ 8. Сега одиме на подвиг“, вели Червар.

“Таму може се да се случи. Претпоставувам дека ќе успеат да ја наполнат арената. Може да биде густо, може Загреб да се “одлепи“. Не знаеме во какво опкружување ќе се игра мечот, што ќе се случува надвор од терен…има многу работи кои сега не можеме да ги предвидиме. Не ни треба да се оптоваруваме со тоа. Ние едноставно мораме да се опуштиме, да анализираме детално ова што го игравме во неделата и преку разговор и тренинг да се обидиме да отстраниме колку што ќе можеме повеќе недостатоци пред да излеземе на терен таму“, вели Червар.

Металург и Загреб одиграа фантастични одбрани на меѓусебната пресметка. Металург направи одлична работа, го задржа Загреб на 18 гола, на претходниод меч прими 19, или вкупно 37 на два меча… За споредба, истиот тој Загреб на два натпревари во Лига на шампиони, на Барселона и даде 60 гола.

И уште една работа, одбраната на Металург ги остави Ивано Балиќ играч двапати прогласуван за најдобар на свет и Марко Копљар, најдобриот десен бек од последното ЕП на “0“ голови. Копљар згора на се играше и цели 60 минути.

“Јас вчера 4 часа го анализирав натпреварот, секоја акција, секој потег на моите и противничките играчи. Би издвоил неколку елементи кои пресудија. Загреб по 15 минути игра имаше постигнато 2 гола, од кои едниот беше по наша грешка. Практично само 1 гол примивме за 15 минути. Од првите пет, четири гола исто така беа по наша грешка примени. Тоа не смее да се случи. За екипа каква што е Металург, да може да победи тим каков што е Загреб, не смееме да правиме почетнички грешки. Тие смеат. Тие се поискусни, играчи со многу натпревари од ваков ранг во нозете. Имаат 8 репрезентативци на Хрватска, репрезентативец на Словенија, најдобриот играч на светот… Тоа не е “кикирики“ тим, тоа е екипа која го одбележа светскиот ракомет во последните 10 години. Тие смеат да грешат, затоа што знаат како да се извадат. Искусни се, врвно школувани играчи, итри… ако само за момент ги “заборавиш“ веднаш ќе ти “забијат“ гол. Против таква екипа, секоја грешка скапо се плаќа. Секој непромислен или лош потег се враќа со гол. Ние неколкупати имавме можност да се одлепиме на поголема разлика до 1-2 гола, но правевме грешки кои беа казнувани“, изјави Червар.

Загреб најмногу голови постигна преку крилните играчи…

“Мануел Штрлек е играч кој скока од мртов агол, за тоа беше предупреден Георгиевски. Едноставно тоа е неговата игра, но видовте, тој  скокаше буквално на глава за да го зголеми аголот и постигна врвни голови. Ние моравме да го затвориме подобро и да му го намалиме просторот.

Работа која не смееме да ја дозволиме во реваншот е да правиме “глупи“ исклучувања. Загреб е искусен и многу квалитетен тим кој веднаш ќе направи вишок и ќе ја искористи ситуацијата. Така беше и овде, на 18:16, веднаш се врати во игра со играч повеќе на теренот.

Имавме и неколку загубени топки или грешки кои просто се недозволиви на вакви натпревари. Две пресечени контри, имавме ситуација по одбрана на нашиот голман, топката да се одбие од наш играч кој беше во голманскиот простор… Тоа не смееме да го правиме, ќе бидеме казнети ако повториме такви грешки. Генерално, Загреб тешко постигнуваше голови. Поентираа од крило или од линијата, но нивните бекови беа затворени. Беа доведени во ситуација цел натпревар да играат и побавно од нас затоа што беа добро затворени. Јас мислам дека нашата одбрана ги изненади. Па се обидуваа на индивидуален квалитет да пробијат.

Од друга страна, пак, нашиот напад… ние игравме добар напад во последните 15 минути, претходно, главно и ние игравме еден на еден и тука непотребно трошевме енергија. А Загреб има врвна одбрана, имавте можност да се уверите сите во тоа“, вели Червар.

Најавени беа многу ротации во тимот, но биле најавувани и претходно, па не било како што беше на мечот со Загреб. Сега, ако ништо повеќе барем за овој натпревар никој не може да каже или да замери дека се играло со 6-7 играчи.

“Нашата ситуација беше таква. Ние имавме многу натпревари минатиов период. Имавме многу повредени играчи. Добар дел од нив имаа и поприлично долги паузи од тренинзи. Затоа морав да направам ротации и поради тоа, а и тековно во однос на играта“, вели Червар.

Металург има нецела недела да се прегрупира за реванш натпреварот. Минималната победа ги стави во уште поголема улога на фаворити загрепските ракометари. Веќе сите, а и тие самите се гледаат во следната фаза. Но, настрана од официјалните изјави тие и во Скопје дојдоа убедени дека ќе победат со 4-5 гола разлика, а по тоа ќе си играат во Загреб, па не беше така.

Шансите на Загреб се големи, но и Металург не е без шанси. Ќе ја употребиме излитената фраза дека некогаш 10 гола се малку, а некогаш 1 гол е многу. Сега ќе навиваме да се исполни ова, второто.

Автор: Ричи Ѓамовски.

Фото:

Прочитано 1.246 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


− 2 = 6