МЕГА ИНТЕРВЈУ. ЧЕРВАР: САМО ДОМАШНОТО “ПРОИЗВОДСТВО“ НА ИГРАЧИ НОСИ УСПЕХ НА ДОЛГ РОК

13.11.2013 01:49
Lino Cervar-Kuzmanovska I (12)_resize

za tekst

Мегаинтервју со Лино Чевар.

Преземено од “Капитал“.

Што да се каже повеќе за Лино Червар, а што не е кажано милион пати до сега: мега успешен тренер, еден од најдобрите ракометни стручњаци  во светот, човек кој што ги постигнал сите можни успеси во овој спорт – светски, олимписки злата со својата Хрватска,  безмалку 15 национални титули со клубовите Загреб и Металург, прво учество на Италија на светско првенство по 50 години, додека беше нејзин селектор во 90-те… Човекот е жива легенда на светскиот ракомет, а еве, веќе четири години е тренер на македонскиот клуб Металург, чиј спонзор е бизнисменот Минчо Јорданов. И по толку време, се уште неверојатно звучи фактот што Червар го води  Металург. Тоа е како Мурињо да дошол да тренира некој фудбалски клуб од земјава.

“Со сите можни светски титули зад себе, решивте да тренирате мал локален клуб за кој што веројатно и не бевте чуле. Како ве убедија да дојдете во Скопје?“, го прашав Червар на почетокот од интервјуто.

“Во мене е вроден некој пркос, некој инает да се докажувам во ситуации кога сите облози се против мене, да бидам Давид во борбата против Голијат, секогаш сум имал симпатии кон оние што се послаби, барем  на хартија. И кога на свои 23 години станав тренер во родната Истра, сакаа да ми ги скратат крилјата, да не ми дозволат да докажам што знам и можам. И кога подоцна дојдов во Загреб да бидам тренер на клубот и репрезентацијата, пак го имав истото чувство, дека сум опкружен со завист и љубомора, со скептични луѓе кои што велеа, ех сега овој дошол од провинција, ќе ни кажува нам како се игра ракомет… Затоа и секогаш сум сакал предизвик, кај што можам да покажам дека и невозможното е возможно. Приказната со Металург почна некаде во 2009 кога ми се јави г-н Минчо Јорданов, онака лежерно, мирно, да ме праша, дали сакам да го тренирам неговиот Металург. Јас му реков нема шанси, не ни знам каде е тој клуб, си имам други обврски и гледав што побргу да го откачам. Тој сосема мирно, спокојно, праша, дали може сепак да се видиме и да разговараме во четири очи околу овој предлог. Јас му велам, ок, ако ви се исплатува дојдете во Умаг, но јас немам намера да доаѓам во Македонија и да бидам тренер. И тој вели, во ред, се гледаме за 15 дена. И точно по 15 дена ми се јавува, вели, јас доаѓам во Умаг. Јас веќе немав кај да бегам, морав да се видам со човекот, тоа е тоа. Кога го пречекавме заедно со сопругата пред мојата куќа, таа го гледа како излегува од автомобилот, и после првите негови чекори, ми вели, Лино, овој човек ќе те победи.

Потоа,  разговаравме долго, и јас видов дека Јорданов е човек полн со искуство, но и човек што многу знае, знае и за мојата работа, и исклучително ја цени. Јас го прашав, а што вие очекувате од мене?

Тој ми рече, дека прво би сакал, да направам во Металург тоа што го направив во Хрватска, да израснам една млада генерација ракометари, да бидат добри луѓе и играчи, ако бидат први, ќе биде супер, но пред с$, да воведам една работна етика и култура во клубот, да се работи напорно, да се сака клубот, да се направи бренд од него, какви што беа Вардар или Пелистер, на пример“, вели Червар.

Lino Cervar-Kuzmanovska I (2)_resize_resize

“И така повторно проработи вашиот пркос?“, го прашувам.

“Да, повторно  проработи мојот инает  и желба за докажување. Па, решив од малиот клуб да направам голем. Кога пред 4 години игравме со мојот поранешен Загреб, се фаќав за глава, колку бевме далеку од целта, но по 4 години се најдовме меѓу осумте најдобри во Европа. И тоа ми причинува неизмерно задоволство. Затоа што велат, дека староста почнува оној момент кога човекот губи ентузијазам, губи волја за иновативност, го губи љубопитството, кога престанува да биде детинест. А, јас сум се уште љубопитен како дете, се уште гладен за успех, имам стотина идеи во себе, секогаш денот ми е прекраток да направам се што сакам, едвај чекам да се раздени и повторно да одам на работа. Затоа што кога тоа ќе престане, некои велат, а тоа звучи малку страшно, дека човек треба да си легне и да си умре“, вели Червар со кого што разговаравме повеќе од три часа, минатата сабота, откако само што се беше вратил од пешачењето на  Водно. Не само за успехот со Металург, зборувавме многу и околу неговите размисли за тоа како да се постигне развој на ракометот на долг рок, и на спортот воопшто, зошто токму спортот е неверојатно важен за здравјето на целата нација. Червар се покажа како човек што се интересира буквално за се, па зборувавме и за неговите рецепти како да се постигне поефикасна економија и зошто им се восхитува на поранешниот шведски премиер Горан Персон и американската легенда на менаџментот Џек Велч.

– Клубот што сега го тренирате, Металург, има голема поддршка во цела Македонија, донесовте чувство на национална еуфорија кога ги играте мечевите. На што се должи успехот?

“Металург, кој што функционира само благодарение на својот спонзор, г-н Минчо Јорданов, смета дека најдобра инвестиција е во нашиот подмладок. Во РК Металург сме горди што ги обединуваме сите возрасни селекции, и машки и женски, и со големо задоволство ги отвораме академиите на клубот низ цела Македонија. Многу сме горди и на тоа што голем број деца со своите родители се на нашите натпревари. На секој натпревар од Лигата на шампиони по 7.000 луѓе, тоа не е мала работа. Уште еден факт кој кажува за значењето на Металург е што 90% од сите селекции на Македонија, од јуниорска, кадетска, па до сениорска, и во машка и женска конкуренција, го сочинуваат наши играчи. Праќаме порака, до сите клубови, упориште да бараат во македонските деца. И молиме македонската јавност да ни пружи поддршка, да не охрабри, да ги поддржи нашите деца и цврсто да верува во нивните потенцијали. Ќе ни биде драго како на клуб, и мене лично како тренер, ако ова што го реков досега, биде внесено во насоките за моделирањето на националната стратегија за иден развој на спортот во Македонија“.

– Познато е дека ги советувавте хрватските влади своевремено при изработката на стратегијата за долгорочен развој на спортот. Кои се според вас основните предуслови за успешен развој на спортот?

“За да го одговорам ова, прво би сакал да го истакнам следново: ако сака една држава да изгради здрава нација, мора спортот да биде  нераскинливо врзан со образовниот и воспитниот процес.

Тоа мора да е приоритет на секоја влада. Образованието информира и едуцира, а воспитувањето ја формира личноста. Јас сметам дека спортот има огромна важност во воспитувањето на младите, но и на возрасните. Спортот нуди гордост, здравје, достоинство, восхит, радост, оптимизам, национално единство, ентузијазам, работна и етичка култура, култура на скромност во победата и достоинство во поразот. Спортот форсира етичка култура која е над сите национални, верски и било какви чувства.

Денес мора да се бориме за алтруизмот, а не да покажуваме себичност. За тоа мора да ги подучуваме нашите деца, а спортот е најдобро место за развој на телото и духот. Иако има неретки случаи родителите да ги учат децата да мислат само на себе, во спортот ги учиме младите дека егоизмот не е добра животна опција, тој е болест што ги унесреќува сите – и поединецот, семејството, заедницата, нацијата. Наместо самољубие и егоцентризам, ние во спортот нудиме заедништво и хуманистичка морална култура, а тоа значи грижа за другиот. Заедништвото раѓа успешна индивидуалност и здравите поединци може да придонесат за здрава заедница“.

– Колку спортот може да помогне во воспитувањето на маса народ, во превенцијата од омраза, нетрпеливост, конфликти?

“Денеска сме сведоци кога конфронтација помеѓу две личности, која се одликува со непопустливост во дијалогот, нетолеранција, меѓусебна препирка, често прераснува во конфликт  и се раѓа непријателство. Понекогаш, релативно ситни конфликти може да доведат и до дисторзија во семејството, до распад на бракот, а не биле нерешливи. А, токму децата, можело да бидат употребени како најсилно “оружје“ во битката за зачувување на хармонијата и здравите односи во семејството. Колку пати ќе чуете на трибините таква агресивност, поединци се спремни некого и да убијат во сета таа агресија. Тоа е обично последица на воспитувањето во духот на анимозитетот, на нетрпеливост кон оние што мислат поинаку и не се исти како вас. Како општества, не смееме да допуштиме омразата да победи. Во тоа спортот може многу да помогне. Затоа што смислата на спортот не е само место за развивање на вештини во одредени спортски дисциплини, како што некои мислат. Туку, во тоа младите спортисти да се изградат како луѓе што ќе бидат добри, одговорни и храбри. Храбри во одреден момент да кажат “не“ на нешто што не е во согласност со нивната совест и животни вредности здобиени во домашното воспитание, а надградени во спортските клубови каде што тренираат. Да имаш храброст да се спротивставиш без оглед на последиците што може да те снајдат – да изгубиш работа, да добиеш критики, да те понижат“.

Lino Cervar-Kuzmanovska I (11)_resize_resize

Младинските школи на Металург треба да станат национален проект.

– Но, денешните млади се повеќе се повлечени во себе, во депресија и самотија, дружењето го заменија со социјални мрежи на интернет, детските игри со бескрајно седење покрај компјутерот…

“Неодамна налетав на еден поразителен статистички податок, а тоа е дека 40% од европјаните патат од анксиозност, депресија и шизофренија. Не може да се помириме со тоа. Не може да се помириме со се поголемиот број зависници од алкохол, дрога, коцкање, па и интернет, ако сакате. Денешниот модел на образование не смее да создава човек-робот,  туку личност со здраво тело, ум и карактер. Големо промашување на денешниот образовен систем, и во Македонија, и во Хрватска и во многу други земји, е што се фокусира на информацијата и “бубањето“ на голи факти. Тоа не е учење со разбирање. Нашите образовни системи го занемарија тоа дека ни требаат школи за живот, па наставните програми да бидат така прилагодени. Воспитувањето интегрира четири димензии: човечка, духовна, интелектуална и професионална. Знаењето без карактер, како и науката без хуманост малку значи. И тоа може да го уништи човештвото“.

– Металург се грижи за својот подмладок, но дали може товарот за креирање на иднината во еден спорт да падне само на еден клуб, на еден спонзор? Какви се вашите конкретни совети до надлежните, што треба да се направи, за еден одржлив развој на ракометот, па и на сите останати најпопуларни спортови?

“Еве, ќе ви кажам што направивме во Хрватска. Се свртевме кон своите деца, кон нивниот развој. Сега во ракометот веќе и да немаме странски играчи во домашните првенства. Сите оние клубови и држави што не се вртат  кон домашно “производство“ на играчи, ќе имаат огромни проблеми на среден и долг рок. Тоа ви е исто како во економијата. Ако не развивате свои производи конкурентни на европскиот и светскиот пазар, вие сте зависни од увоз, вашиот трговски дефицит ќе расте, и вашата економија никогаш нема да има одржлив развој. На државата останува да ги поддржи оние што работат во насока на сопствено квалитетен производ, услуга и во спортот – квалитетен домашен играч. Јас сум истовремено и горд, но и тажен што Металург е единствен што работи со сите категории на млади. Државата мора да се ангажира преку своите тела, дали ќе биде тоа Агенцијата за млади и спорт или други органи не е толку битно, колку што е битно да се даде покровителство, да се води грижа проектот на Металург да стане национален проект. Проектот не го допира веќе само нашиот спонзор г-н Јорданов, туку тоа е прашање на целата држава. Ние не создаваме само играчи, ние создаваме и кадар кој што во иднина ќе ја води оваа држава“.

– Кога го споменувате хрватското искуство, објаснете ни малку подетално, низ примери, што прави  државата за да го одржува континуитетот во квалитетот на домашниот ракомет? Хрватска е се уште во врвот на светскиот ракомет, а нејзините играчи завршуваат во најсилните европски клубови…

“Ќе ви кажам прво еден конкретен пример за сето ова што го зборувам: Хрватската ракометна репрезентација доживеа ѕвездени моменти во втората половина на 90-те, по завршувањето на војната, кога во 1994-та не Европското првенство во Португалија бевме трети, 1995-та  на Светското во Исланд бевме втори и потоа во 1996-та на Олимпијадата во Атланта освоивме злато. И што се случи веднаш потоа? На следното Светско во 1997-та бевме 13-ти, на Европското осми, а на Олимпијадата во Сиднеј во 2000-та не се ни квалификувавме. Последниот резултат кога јас ја презедов репрезентацијата во 2002 година, беше 16-то, последно место на Европското во Шведска. Зошто се случи тој пад? Токму заради дисконтинуитетот во создавањето сопствени играчи. Хрватска играше со неколку натурализирани ракометари во 90-те, кои што беа на залезот на кариерата и потоа се појави вакуум во квалитетот, што неминовно водеше до тој драстичен пад во пласманите на големите натпреварувања. И што направив јас? За неполни 18 месеци, од дното, успеав со помош на искусните, но и на младите талентирани репрезентативци во надоаѓање, да освојам злато на Светското во Португалија во 2003-та  и злато на Олимпијадата во Атина, во 2004-та. И потоа следеа уште неколку финалиња и полуфиналиња, неколку сребра, што значи постигнавме континуитет кој што, еве, и по моето заминување во 2010 се уште трае. Успеав да ги мотивирам играчите да играат со такво срце за својата татковина, да во јавноста просто не можеше да верува како е можно за толку кратко време да се крене моралот на тимот. А, замислете, на првиот квалификациски натпревар што го игравме со Чешка, на трибините имаше едвај 300 луѓе, а половина од репрезентативците се беа откажале од настапот – кој уморен, кој повреден, кој навреден… Ете, до толку беше падната атмосферата и ентузијазмот во националниот тим. За да покажам колку развојот на младите играчи е битен за долгорочниот успех на секој национален тим, јас на Европското во Австрија, во 2010, заминав со девет дебитанти, млади играчи. Медиумите ќе ме растргнеа. Велеа дека со таков состав никогаш подалеку не сме биле од висок пласман. А, ние игравме во финалето и освоивме сребро.

Lino Cervar-Kuzmanovska I (12)_resize_resize

На хрватските ракометари им дадов да потпишат договори сами со себе

– Што беше пресудно за молскавичното враќање на тронот, како успеавте да ги мотивирате играчите?

Ќе ви кажам една епизода од тој мој менаџмент со хрватската репрезентација. Кога отидовме на висински подготовки за Олимпијадата во Атина, јас им велам, дечки, пред да почнеме, да потпишете договори. И сите во недоумица, какви договори сега, што збори Лино  побогу? Јас им велам, ќе потпишете договори сами со себе, стрпете се, ќе видите. И доаѓаат тие еден по еден, а јас им давам лист хартија на кој што го напишав следново: Јас, играч тој  и тој, се обврзувам дека ќе дадам се од себе на подготовките и на самите Олимписки игри, да го промовирам своето име и презиме, своето семејство, својот роден крај и татковината Хрватска. Гарантирам дека ќе го направам тоа со моето име и презиме, од денес, па се до крајот на Олимписките игри. И сите го потпишаа тој договор, сите 20 играчи. Кога тоа го завршивме, му реков на помошникот дека не е работата готова, туку од тој момент да гледа каде ќе завршат тие договори и по извесно време да ми даде извештај. И што се случи: некој го беше ставал договорот залепен со селотејп над својот кревет, некој го чуваше во новчаник, некој во торба, но никој, буквално никој, не го беше фрлил тоа парче хартија. А, секој можеше да го стори тоа.

– И така “договорени“ вие стигнавте до финалето…

“Е, сега тука што се случи… Ноќта пред големиот меч, доаѓа кај мене во еден часот докторот на репрезентацијата и ми вели дека, за жал, утредента нема да може да сметам на Лацковиќ и Балиќ, бидејќи не можело да се санираат нивните повреди. Јас му велам, ти не си нормален, ми кажуваш дека за финалето на Олимпијада, за кое луѓе би загинале да играат, јас не можам да сметам на двајцата најдобри играчи?! Искрено, ме заболе што ти ми велиш, е баш така му реков. Докторот се закани дека ќе напише писмо до ракометната федерација, дека ќе кажи оти јас не сум хуман, газам преку трупови за да ја остварам својата цел, итн. Јас му реков, слободно пиши. А, мислите дека не бев загрижен? Два часа се превртував во креветот и се мислев што да направам сега. И некаде пред изгрејсонце, одам јас пред компјутер и почнав да пишувам нов договор, односно анекс на договорот (насмевка, н.з.) А, тој гласеше: Откако сум ги извршил сите обврски и дадов се од себе и мислев на мојата татковина, моите блиски, моето име и презиме, сега е време да мислам и на себе и да си подарам златен медал. Тоа го гарантирам, па макар играл и со една нога ако треба. Ете, така отприлика беше новиот договор на играчите сами со себе, со својата совест и карактер. И се разбира, сите играа, и повредените стиснаа заби и го изиграа најдобриот меч дотогаш, а ние го зедовме златото“.

– Како се работи со младите ракометари во Хрватска? Какви се резултатите од тоа што вие го имате предлагано како стратегија за развој на спортот?

“Таму секој клуб од првата лига мора да има кадетска екипа, што значи деца од 16-17 години кои што играат во свој лига систем. Преку лето, низ ракометни кампови опфаќаме по околу 3.000 млади од сите возрасни категории, значи многу се работи со младите. Затоа  и Хрватска, иако мала земја, е ракометна велесила. Додека, во Македонија недоволно се работи на ова поле. Се запоставува и едукацијата на млади тренери кои што ќе може да ги подучуваат македонските деца. Македонија загуби многу тренери ентузијасти и бележи гаснење на центрите што некогаш беа силни во ракометот, како Битола, Прилеп, Богданци, Струга… Не може да се прифати фактот дека исчезнува еден бренд како Пелистер, на пример. Јас своевремено реков дека мораме да ги вклучиме и единиците на локалната самоуправа за да не замре ракометот, да има една синергија меѓу Ракометната федерација, општините и  клубовите, да се врши постојана едукација на тренерски кадри и по примерот на Хрватска, да се направат 13 категории на деца во јуниорска, кадетска и младинска конкуренција кои што ќе бидат идните Лазаров, Мојсовски, Миркуловски, итн. Не може само скопските клубови да даваат по 50-60% од младите категории играчи во Македонија, не може Скопје да дава 50% од машките ракометни клубови“.

– Металург го победи “дрим-тимот“ на ПСЖ, Давид уште еднаш го кутна Голијат. Имаме ли право како публика да сонуваме за поголеми дострели годинава, на пример полуфинале во Лигата на шампиони?

“Сега мораме да ја спуштиме топката на земја, да бидеме малку реални. Ако сме го победиле ПСЖ, не значи тоа дека ќе ја поминеме оваа “група на смртта“, а не пак дека ќе станеме шампиони. Се покажа тоа веднаш по таа победа, кога изгубивме катастрофално од Барселона на нивни терен. Но, едно е сигурно: достојно ќе го браниме ракометниот спорт во Македонија, тоа можам да го ветам. Многу е неблагодарно, и пред се нечесно и пред самиот себе, пред спонзорот, публиката, играчите и сите што работат за успехот на Металург, да ветуваме полуфиналиња и финалиња, а знаеме дека има барем 10 клуба во моментов што имаат 10 пати поголем буџет од нашиот. Но, ние прилично брзо ќе имаме нова генерација на играчи, која заедно со овие актуелните што ќе играат уште неколку години, ќе создаде конкурентна екипа за во Европа, само треба малку трпение. Ние мора да дадеме се од себе, да покажеме дека мала земја, исто како Хрватска, може да направи успешна приказна“.

– Но, како да се тркаме со богатите шеици од Блискиот исток, на пример, кои што доаѓаат со вреќи пари во Европа и прават преку ноќ супер тимови? Го гледаме тоа и во фудбалот.

“Да, шеиците доаѓаат со нивните милиони, но истовремено се запоставува работата со младите во клубовите што тие ги купуваат. Се користат постари играчи и нема многу свежи лица на пазарот.

Кој работи со младите ќе има побрзо резултати. Сега има своевидна криза на ракометниот пазар за труд. Западна Европа сака резултати веднаш,  и купува ли купува скапи играчи, но и материјалот се троши во исто време. С$ се врти околу исти играчи, кои што играат и за клубот во домашно првенство, и за лига на шампиони, и за своите репрезентации, се трошат, се повредуваат, годините ги газат… Ние мора да ја искористиме таа криза на пазарот на труд и да создадеме костур на тимот што ќе биде составен од 50% наши играчи, стасани во клубот, покрај овие што се сега ѕвезди. А, за волја на вистината, во моментов има 5-6 исклучително талентирани момци, силни и високи, за кои што треба уште малку време и работа со нив, за да станат новите перјаници на клубот“.

Тренерот во суштина е осамена личност

– Постигнавте многу во животот. Што е за вас најважно?

“Најважно е да се бориш за својата идеја, против сите ако треба. Зошто да се плашам да се борам?! Ниту сум крадец, ниту измамник. Ако работиш една работа со страст, ти мораш да се бориш, да живееш за неа. Јас навистина живеам за ракометот и за семејството. Семејството е број еден, а ракометот ме исполнува, ми дава сила и мислам дека сум постигнал многу со тоа што сум влијаел врз животот на некој млад човек, сум му ги изострил критериумите за тоа што е добро, што не. Успешен човек за мене е оној што среќно го средил своето семејство, кој што има чесно воспитување за своите деца. Не мора да е доктор на науки, може да е обичен работник, но ако изградил свое семејство, тој е голем победник за мене“.

– Имате кажано дека тренерот е во суштина многу осамена личност. Зошто мислите така?

“Да, го кажав тоа на промоцијата на мојата прва книга, инаку јас имам напишано две книги за ракометот, едната на италијански, додека бев тренер на нивната репрезентација, а потоа една и во Хрватска. Зошто е тренерот осамен? Затоа што кога ќе победите, сите ве сакаат и креваат на рамена, но после поразот, вие сте сам и сите прашални и обвинувачки  погледи се насочени кон вас. А, вие мора да живеете со тоа. Работите со 20 различни карактери на луѓе и сето тоа мора да го сложите во еден хармоничен оркестар со кој ќе диригирате. А, проблемите почнуваат кога прагот на очекувањата расте, кога амбициите растат. Тогаш не се штедам ниту себе, ниту другите. Тешка е таа борба, но јас сум таков роден, темпераментен и емотивец, и затоа имам висок крвен притисок, па мора да земам таблети и сл. Во Рим, при едни редовни лекарски прегледи, му велам на  еден доктор, психолог,  знаете, му велам, јас сум многу темпераментен, дали треба малку да се смирам, да олабавам. Тој ми вели, не, никако, мора да си бидете таков, вие сте тоа, ако се промените, тоа ќе ве уништи“.

Lino Cervar-Kuzmanovska I (1)_resize_resize

Опасно е трупањето  на медиокритети  на одговорни места!

– Како успешен тренер, многу сте баран и како предавач на менаџерски обуки и сл. Кои се вашите формули за успешно управување со луѓето?

“Јас верувам во човекот, само сметам дека менаџерот, лидерот, мора да препознае талент, како што јас мора да препознаам талент во спортот. На никого не му пишува на челото дека е иден шампион. Но, за мене е поважен карактерот, одошто талентот. Тој што има карактер, се чувствува способен дека може да дојде до целта и подготвен е на се. Сите знаеме за невидени таленти во разни спортови, кои што беа на некој начин упропастени, затоа што немаа карактер. Кога велам карактер, мислам на  особини  на волјата и моралот,  како што се чесност, совесност и  човекољубие. Јас верувам во младите и затоа цело време инсистирам на вклучување на спортот во воспитниот процес, затоа што, како што реков, со спортот се гради карактер, се градат храбри луѓе. Денес, во сите сфери, и спортот, и економијата, претприемништвото, потребни се храбри луѓе, кои што сакаат да направат промена.

– Постои ли некој лидер од било која сфера кој што ви оставил особен впечаток со својата работа, својата визија и идеја?

“Се сеќавам на поранешниот шведски премиер, Горан Персон, од средината на 90-те. Шведска во тоа време имаше проблеми, висок буџетски дефицит од кој никако не успеваше да се извади, намалена продуктивност, едноставно државата на благосостојба каква што сите ја знаеја, беше во криза. Тој излезе пред граѓаните и рече отворено: за да живееме подобро утре, мора да сториме нешто денес. Мора да го намалиме буџетскиот дефицит, што значи мора да направме реформа во јавниот сектор. Затоа што немаме повеќе пари да финансираме се – и бирократија, и пензионери, и социјала, и здравство…. Тој имаше храброст да излезе и да го каже тоа, дека луѓето мора да стиснат заби малку, да се стрпат и потоа да тргне работата. И после неговите мерки, следеше опоравок. За жал, на Балканот, имаме малку  такви храбри и компетентни луѓе“.

Но, балканските политичари одат по линија на помал отпор: зошто да кратиме трошоци, кога тоа ќе ни донесе пораз на следните избори.

“Ако зборуваме за зголемување на продуктивноста на трудот, две работи се клучни: да се намалат трошоците на производство, што значи да се намали и бирократијата. Но, ние трупаме бирократија, наместо да ја намалуваме. Поранешниот српски претседател Тадиќ во една прилика рече: Не е толкаво зло ако овој или оној крадел. Тоа е кривично дело, казниво со закон и порано или подоцна ќе одговара за стореното. Но, нема поголемо зло од вработувања преку врски, познанства, партиска линија и сл. Затоа што на функции се трупаат неспособни луѓе кои што понизно, секој ден ќе им климаат со главата на своите шефови. Како ќе се бориме со немилосрдните европски и светски пазари со такви луѓе?! Тоа е најголемиот злочин, таа кумулација на медиокритети. Тие секако дека треба да живеат од нешто, но нека не работат на тие позиции. Го слушав Џек Велч, поранешниот шеф на Џенерал Електрик, на неговото предавање во Загреб, и знаете што рече тој: дека отпуштил еден од пониските менаџери, затоа што на состанок му рекол “Како што вие рековте шефе…“. “Што сум рекол јас?“ “Па, ова што го велите шефе, таа технологија е навистина добра“, нешто во тој стил. “Ок, утре јави се во кадрово и слободен си“, му рекол Велч. “Па, тој само ми клима со главата, без да ми даде никакви аргументи, никакво свое мислење, да ми се спротивстави ако треба, па како јас ќе работам со такви менаџери?!“.

Во политика влегов за да покажам дека тренерите не се неписмени луѓе

Вие едно време влеговте и во политиката, како пратеник во хрватскиот парламент. Што ви беше мотивот?

“Повторно ќе се вратам на оној мој пркос што ме карактеризира цел живот, да не речам тврдоглавост и инат, желба да се докажам дека можам некои работи подобро да ги завршам од многубројни медиокритети што се сметаат себеси за врвни политичари, во случајов. Отидов во пратеници за да видам одблиску кој ми ја води државата, за да им покажам на сите дека спортските тренери не се неписмени луѓе кои што ништо друго освен тркалање топка не разбираат. Тренерите се и тоа како добри политичари, а сите ние сме на некој начин политичари – дома, на работа, со пријателите… Јас се кандидирав со опозициска партија во Истра, мојот роден крај, која што е традиционално левичарска средина, за повторно да докажам дека луѓето знаат да гласаат за човек, а не за партија, кога ќе им понудите кандидат кој што има зад себе резултат, а не само празни ветувања. Јас не сум зависник од политиката, партиски војник, не мислам дека политиката е пред човекољубието и останатите вистински вредности во животот, затоа што ниту една идеологија сама не може да извлече едно општество од криза, туку тоа се човековиот ум и развој“.

За Станиќ мислам се најдобро, но сепак тимот е најважниот  играч

– Каков е вашиот коментар околу случката со Станиќ? Тој има веќе култен статус кај навивачите, како вие реагирате на инцидентот?

“Јас секогаш се трудам да го гледам позитивното во луѓето со кои работам. За секој играч ќе кажам најдобро. Дарко е многу заслужен за успесите на Металург, секако, заедно со другите играчи. Знам дека јавноста е особено љубопитна околу ситуацијата со Станиќ, но јас никогаш нема да си дозволам да правам злонамерен маркетинг низ медиумите и да држам лекција некому. Ако би се развила расправа низ медиумите, тоа ќе премине во нешто нецивилизирано. Значи, за мене неговиот придонес во клубот е апсолутно позитивен. Но, јас сепак му давам поголемо значење на тимот. Во колективните спортови тимот е најдобар играч. Проблемот што се јави според мене малку е пренадуван, и мислам дека работите ќе се одвиваат најдобро за клубот, како и за Станиќ, се надевам. Тоа не е мој проблем, ќе се реши во рамки на клубот и ќе се донесе одлука која ќе биде најверојатно на обострано задоволство“.

Автор: Игор Петровски

Фотогалерија:

Прочитано 4.089 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


4 + = 12