Металург 2 го надигра тимот на Работнички и се најде на чело на табелата

19.05.2019 16:43
_DSC0028_resize

Во 12. коло на плеј-офот на Првата лига, во Автокоманда се одигра големото дерби меѓу екипите на Металург 2 и на Работнички. Средбата привлече големо внимание, бидејќи од нејзиниот исход зависеше и изгледот на врвот на табелата, особено што до крајот на првенството останаа уште само две кола.

Работнички целото првенство го мина на врвот на првенствената табела, на место кое гарантира директен пласман во македонската Суперлига. Но, тоа место го посакуваа и младите ракометари на Металург 2.

Средбата почна со фантастична игра на Металург 2. Нашите ракометари беа одлични во одбранбената зона пред својот гол и како оси во нападот на голот на противникот. Таквата игра целосно го збуни нашиот поискусен противник, кој пред да се соземе веќе губеше, најпрво со 5:0, а потоа и со максимални 11:4 во 14. минута. Секако, во тој ритам не можевме да ја одиграме целата средба, па затоа во вториот дел противникот успеа да дојде на себе и постепено да ја намали разликата до конечните 15:13, со кои екипите заминаа на одмор.

Во второто полувреме се вжешти на теренот во Автокоманда. Металург уште половина полувреме одржуваше предност од 1 до 3 гола, а потоа Работнички во два наврати успеа и да го израмни резултатот. Сепак, кога беше најпотребно, нашите ракометари најдоа сили и повторно се оддалечија на безбедно растојание од резултатот на противникот. Блескавата игра на Металург 2 резултираше со победа со 4 голови разлика и со голема радост кај нашите ракометари. Денеска целосно го надигравме силниот тим на Работнички.

На две кола до крајот, Металург 2 е осамен на чело на табелата, со освоени 28 бодови, еден повеќе од Работнички и два од екипата на Јуниор Кисела Вода. Нашиот тим ги има сите шанси на врвот да остане до самиот крај, бидејќи до крајот на првенството играме дома со последнопласираната екипа на Тиквеш, па потоа ќе му гостуваме на тимот на Вардар Неготино.

.

РК Металург 2 – РК Работнички  31:27 (15:13)

РК Металург 2: Василевски, Божиновски, Мијатовиќ, Михајлов 3, Кондев 2, Кофиловски, Гошевски, Митиќ 2, Ристовски, Серафимов 10, Л.Додиќ, Гогов, Младеновиќ 5, Тодевски, С.Додиќ 9 и Гајиќ.   Седмерци: 0/1.   Исклучувања: 10 минути

РК Работнички:  Куртановиќ, Игнов, Кочаров, Атанасовски 9, Милошевски 3, Стефаноски, Димитров 3, Љубевски, Кумогородски 9, Пољак, Благопетров, Палевски 3 и Мишевски.     Седмерци: 3/4.   Исклучувања: 4 минути.

Судии: Начевски Виктор и Божиновски Даниело од Скопје.

Делегат: Огњановски Марјан од Скопје.

Прочитано 213 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


+ 4 = 12