Металург 2 испушти победа против Работнички

22.09.2018 20:05
_DSC0058_resize

Средбата од второто коло на Првата македонска ракометна лига, група 1, меѓу екипите на Металург 2 и на Работнички заврши со поделба на бодовите, 26:26 (14:12), но ракометарите на Металург 2 имаат за што да жалат. Не само поради тоа што водеа безмалку во текот на целиот натпревар, туку и поради тоа што израмнувачкиот гол е постигнат на две секунди до крајот, по груба грешка на нашата одбрана.

Металург 2 денеска реално беше подобрата екипа и заслужи да ги освои сите три бода. Работнички поведе со 0:1, а потоа се беше во знакот на нашите ракометари, кои уште во првата третина од средбата стекнаа предност од 4 гола, 7:3. Металург играше добро во двата правци и имаше комплетна иницијатива на теренот, па сепак на одмор заминавме со предност од само два гола, 14:12.

На почетокот од вториот дел нашите ракометари повторно го засилија темпото и многу брзо ја вратија највисоката предност од 4 гола, 17:13, а имаа и зицер за разлика од 5 гола. Кога се чинеше дека натпреварот е добиен и дека противникот е заморен и деморализиран, се случи необјаснива промена во нашата игра. Наеднаш нашите ракометари заборавија на колективната игра и почнаа да играат индивидуално. Во овој период промашивме два седмерци во рок од една минута, не искористивме предност кога противникот имаше двајца исклучени ракометари, направивме неколку кардинални технички грешки и упативме неколку шутеви од неизградени, па и невозможни позиции. Работнички едноставно беше принуден да ја казни ваквата наша игра и веќе кон средината на вториот дел поведе со резултат 20:21. Металург 2 брзо го врати водството, а потоа следеа минути на резултатска нишалка, кога двете екипи ги реализираа своите напади. Металург 2 поведуваше, а Работнички го израмнуваше резултатот. Металург 2 последен пат поведе со 26:25, на само пола минута до крајот, а потоа добро се бранеше се до две секунди до крајот, кога одбраната го испушти Николовски, кому не му беше тешко да постигне гол и да му донесе бод на својот тим.

.

Металург 2 – Работнички  26:26 (14:12)

Металург 2: Василевски, Божиновски, Михајлов 4, Кондев 3, Меловски, Кофилоски 2, Гошевски 4, Митиќ 1, Лембанов, Ристовски 2, Л.Додиќ, Младеновиќ 2, Прентовски, Тодевски 3, С.Додиќ 5 и Гајиќ.    Седмерци: 4/7.     Исклучувања: 4 минути.

Работнички: Куртановиќ, Игнов, Садиковиќ, Петров, Милошески 3, Николовски 6, Димитров 8, Љубевски, Давитков, Кумогородски 5, Димовски 2, Пољак 2, Мисалиески и Благопетров.   Седмерци: 7/7.     Исклучувања: 14 минути.   Црвен картон (3х2 мин): Садиковиќ Армен во 23. минута.

Судии: Димитар и Дејан Георгиевски од Скопје.

Делегат: Мирчески Лери од Скопје.

Прочитано 263 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


− 1 = 5