Металург 2 не се дава, го совладавме тимот на Вардар Неготино и повторно сме на врвот на табелата

07.04.2019 12:02
EMI_8173_resize

Во седмото коло на плеј-офот на Првата лига, ракометарите на Металург 2 во Автокоманда ја совладаа екипата на Вардар Неготино. Во само девет дена овој состав на Металург 2 одигра дури пет натпревари и извојуваа четири победи и ја освои и младинската титула во првенството на Македонија.

Средбата со Вардар Неготино беше од извонредно значење за нашиот тим во борбата за позиција што води во македонската Суперлига. Затоа нашите ракометари со сета сериозност му пристапија на овој натпревар. Тие од самиот почеток воспоставија целосна контрола на теренот и ниту во еден момент не му дадоа надеж на противникот, кој во минатото коло го изненади Работнички и допатува во Автокоманда со желба да ја продолжи победничката серија. Металург 2 многу рано стекна предност од 5 гола, 8:3, која потоа ја задржа до самиот крај на првото полувреме, 18:13.

Овие пет голови предност станаа доволни за победа. Иако во вториот дел противникот стори се за да се врати во игра и во еден момент стигна и на негатива од само два гола, победата не дојде во опасност, а конечниот резултат од овој интересен натпревар е 34:30.

Зад нас е првата половина од плеј-офот на Првата лига, а Металург 2 е на делбата на првото место, кое го делиме со екипите на Јуниор Кисела Вода и на Работнички. Во вториот дел од плеј-офот ќе имаме и мала психолошка предност, бидејќи и двете екипи ни доаѓаат во Автокоманда, на наш домашен терен. Првиот од тие предизвици е веќе во наредното коло, во кое на гости ни доаѓа екипата на Јуниор Кисела Вода, едно од најпријатните изненадувања на плеј-офот.

.

РК Металург 2 – РК  Вардар Неготино   34:30 (18:13)

РК Металург 2: Василевски, Божиновски, Мијатовиќ, Михајлов 2, Кондев 7, Кофилоски 4, Гошевски, Митиќ 2, Ристовски 7, Серафимов, Л.Додиќ 1, Гогов 1, Прцуловски, Младеновиќ 5, С.Додиќ 5 и Гајиќ 1.    Седмерци: 2/4.   Исклучувања: 4 минути.

РК Вардар Неготино: Ташев 5, Ристовски 4, Кузманов 2, Ивановски, Трајковски 5, Јакимовски 2, Арсов, Велков 1, Јанев, Стаменов, Окардов 5, Недевски, Коцев 5, Којев, Вељанов 1 и Паланков.    Седмерци: 3/3.   Исклучувања: 8 минути.

Судии: Металари Исмаил и Николовски Ненад од Скопје.

Делегат: Куртовиќ Цано од Скопје.

Прочитано 364 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


− 3 = 2