Топ Вести

Металург 2 не успеа во обидот да опстане во македонската Суперлига

10.06.2018 00:45
_DSC0032_resize

Металург 2 го загуби бараж-натпреварот против екипата на Струга и после повеќе години се пресели во лига од понизок ранг. Нашиот млад тим, составен од пионери, кадети и младинци, не се снајде во мечот против поискусниот и поснажен противник, кој дополнително настапи и многу помотивиран од нас, со многу поголема желба за успех.

Металург 2 ги повтори сите слабости од последните неколку средби и заслужено загуби од противник кој имаше целосна контрола врз резултатот во текот на сите 60 минути од средбата. Нашите голмани повторно имаа слаб ден и заедно собраа петпати помалку одбрани од денеска извонредниот Александар Стојаноски, кој буквално ги откажа напаѓачите на нашиот тим. Во нападот имавме премногу неискористени зицери и премногу празни минути без погодок. Тоа особено се однесува на првата половина од првото полувреме, кога до 15. минута имавме само два постигнати гола. Во одбраната бевме премногу порозни и без решение за денеска експонираните Тренчевски, Башевски и Кузманоски. Се чини дека младиот Младеновиќ беше нашиот единствен ракометар, кој вечерва беше на висината на поставената задача. Не само поради шесте постигнати гола, туку и поради покажаната желба да превземе одговорност во нападот.

Иако имаме неспорно талентиран и ракометно школуван тим, во кој има многу репрезентативци во помладите категории, се чини дека вечерва одлучи токму нивната младост и психолошката неподготвеност за мечеви од толку решавачко значење. Тоа се покажа на денешната, но и на решавачката средба против Прилеп. Двете ги загубивме, иако имаме реално поквалитетен состав и од Прилеп и од Струга.

.

РК Металург 2 – РК Струга  24:32 (11:14)

РК Металург 2: Петковски, Василевски, Смилевски 5, Гошевски, Трајковски 1, Гајиќ 3, Додиќ 2, Лембанов, Младеновиќ 6, Божиновски, Тодоров, Контев, Митиќ 3, Ристовски, Савковиќ и Кофиловски 4.   Седмерци: 1/1.   Исклучувања: 8 минути.

РК Струга: Стојаноски, Затаракоски, Гронки, Кузманоски 6, Крстаноски, Милески, Трајкоски, Јанкулоски 4, Нацев 4, Мемед, Танески 1, Башевски 7, Тренчевски 10, Дукоски, Мечкароски и Бајрамоски.   Седмерци: 5/5.   Исклучувања: 10 минути.

Судии: Дејан и Димитар Георгиевски од Скопје.

Делегат: Камер Металари од Скопје.

Прочитано 129 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


+ 2 = 3