Металург 2 плеј-офот го почна со гостинска победа во Кисела Вода

03.03.2019 19:09
52991282_1192837084224127_2325288718459469824_n

Одличен почеток имаат ракометарите на Металург 2 во плеј-офот на Првата лига. На гостувањето во Кисела Вода го совладавме тимот на РК Јуниор Кисела Вода, со резултат 26:27 (13:14), и ги освоивме првите бодови на патот кон пласманот во македонската Суперлига.

Победата е заслужена, бидејќи освен едно водство на домашниот тим на самиот почеток на средбата, 4:3, во останатиот период резултатската контрола беше во посед на Металург 2. Но, и покрај постојаното водство, нашите момци мораа да вложат многу сили за да го добијат овој сепак израмнет натпревар. Победата е секогаш тимски резултат, но секоја средба има и свои херои, а денеска тоа беа нашиот голман Виктор Василевски, чии одбрани, особено во второто полувреме им дадоа крилја на нашите ракометари, и Стефан Додиќ, кој со гол во последната секунда ни ја донесе победата.

Првото полувреме заврши со минимална предност на Металург 2, па затоа се се решаваше во вториот дел. Се до 40. минута беше многу тесно, а потоа Василевски одбрани неколку удари во серија, што им даде можност на нашите стрелци да влезат во серија и да се одлепат на +4, 17:21. Сепак, ниту тоа не беше доволно за да се скрши отпорот на жилавиот Јуниор, па затоа средбата влезе во крајно драматична завршница. Во 58. минута водевме со 25:26, а потоа во последната минута Јуниор израмни на 26:26. Го имавме последниот напад, а го реализира Стефан Додиќ, со погодок буквално во последната секунда.

Металург 2 ги освои првите бодови, а веќе за неколку дена го има и следниот предизвик – во Автокоманда доаѓа тимот на Преспа.

.

РК Јуниор Кисела Вода – РК Металург 2  26:27 (13:14)

РК Јуниор Кисела Вода: Богдановски, Биковски 1, Атанасовски, Гичев 9, Крстевски, Чалов, Јаховиќ, Затарковски, Постолов 1, Трајковски 2, Тодоров 3, Коловски 6, Гроздановски 3, Ников и Трајчевски 1.    Седмерци: 2/4.    Исклучувања: 8 минути.

РК Металург 2: Василевски, Божиновски, Михајлов, Кондев 7, Кофилоски, Митиќ 5, Лембанов, Ристовски, Серафимов 5, Л.Додиќ, Гогов, Младеновиќ 3, Тодевски, С.Додиќ 5, Гајиќ 2 и Мијатовиќ.    Седмерци: 1/2.    Исклучувања: 12 минути.

Судии: Вукашиновски Александар и Трајковски Мирко од Скопје.

Делегат: Ѓоргиевски Митко од Скопје.

Прочитано 380 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


− 6 = 2