Металург 2 се избори за опстанок во ракометната Суперлига

10.09.2016 00:33
_DSC0251_resize

Металург 2 е победник во баражот за испразнетото место во Суперлигата, откако во интересен натпревар ја совлада екипата на Преспа, со резултат  31:24 (15:14).

Во прилепската сала Р.Р. Ричко видовме динамичен натпревар во кој на крајот сосема заслужено славеа нашите ракометари.

Почетокот им припадна на ракометарите на Преспа, кои лесно создадоа осетна предност од три гола, 1:4 и 2:5, се до максималните +4, 2:6. Александар Петровски беше принуден да побара тајмаут уште во раната фаза на оваа средба, во обид да ги консолидира разнишаните редови на Металург. Тоа очигледно му појде од рака, бидејќи Металург веднаш направи серија од 3:0, 5:6. Потоа следеше период на израмнета борба, гол за гол, но веќе се чувствуваше дека Металург ја надмина кризата и дека полека ги превзема работите во своите раце. Првпат поведовме во 24. минута, 12:11, а минимална предност имавме и на крајот од првото полувреме, 15:14.

Во вториот дел сликата комплетно се измени. Металург 2 ја презеде иницијативата, заигра многу поангажирано и веќе беше јасно дека единственото прашање е со колкава разлика ќе ја добиеме оваа средба. Димитриоски и Танковски решетаа од бековските позиции, Шилегов беше одличен од крилната, а Лазаревски од линијата од шест метри.

Металург победи со седум гола разлика, што е и наша максимална предност на овој натпревар.

Металург 2 – Преспа  31:24 (15:14)

Металург 2: Блажевски, Петковски, Обреновиќ, Реџиќ, Шулевски, Здравковски, Димитриоски 12, Стојменов, Шилегов 5, Гроздановски, Танковски 7, Смилевски, Лазаревски 4, Беќаровски и Гошевски 3.  Седмерци: 2/2.   Исклучувања: 6 минути.

Преспа: Ставревски, Тасовски, Машковски, Н.Наумовски, Шабединовски 1, Јошевски 6, Даскаловски 4, Камчев 1, А.Наумовски 5, Трајчевски 1, Мохали 2, Белочевски, Башевски 4, Беличковски, Барлаковски и Петревски.   Седмерци: 1/2.   Исклучувања: 4 минути.

Судии: Седлоски Рубинчо и Ангелески Горан од Прилеп.

Делегат: Камер Металари од Скопје.

——————————————————–

Честитки до моите ракометари кои дадоа се за да победат на оваа средба. Иако не почнавме најдобро, ме радува победничкиот менталитет на оваа екипа, која имаше желба, но и знаење да стигне до посакуваната цел. Се надевам дека успеав да пренесам дел од својот оптимизам на нашите ракометари. Оваа победа е добра и за македонскиот ракомет, бидејќи во Металург 2 е сконцентрирано грото од кадетската и од младинската репрезентации на Македонија, и радува што овие млади ракометари и оваа сезона ќе имаат доволно квалитетни и силни натпревари. Убеден сум дека оваа сезона Металург 2 ќе има многу позначајна улога во македонското првенство“, беше изјавата на тренерот Петровски веднаш по натпреварот.

Прочитано 2 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


9 + 9 =