Металург брзо го “смири“ амбициозниот Еурофарм Работник

18.05.2018 22:42
_DSC0130_resize

Металург е вториот финалист во Купот на Македонија, откако вечерва го совлада тимот на Еурофарм Работник, со убедливи 28:21 (15:11).

Имајќи го в предвид резултатот од првенствениот натпревар одигран меѓу овие две екипи, кој заврши со израмнети 27:27 и во кој Јагањац го спаси Металург со израмнувачки гол во последната секунда, вечерва се очекуваше израмнет и неизвесен натпревар, со подеднакви шанси на двата тима. Но, место тоа видовме лесна егзекуција на Металург, кој покажа дека сепак е поквалитетен тим од својот противник и дека претходната средба беше само лош ден за момците од Автокоманда.

Металург многу лесно дојде до триумф и имаше целосна контрола во текот на целата средба. Всушност, отпорот на Еурофарм Работник дојде во самата почетна фаза, кога двете екипи разменија по три прецизни удари. Од тој момент, па се до крајот на средбата, Металург одржуваше комотно водство, па најпрво поведе со 3:6 (7. минута), потоа со 7:11 (16. минута), па стигна до максималните +5 во првото полувреме, 9:15 (24. минута). Првото полувреме заврши со резултат 11:15.

На почетокот од вториот дел Еурофарм Работник го направи својот најсериозен обид да фати приклучок и стигна на растојание од само два гола зад резултатот на нашиот тим, 14:16, но Металург успеа да ја скроти и оваа офанзива на противникот, кого потоа и целосно го разби, поведувајќи со 8 гола разлика, 20:28. До крајот, својот осми гол го постигна Дрогришки, за конечни 21:28.

Металург неоспорно беше подобриот тим на денешната средба, носен од се подобриот Мартин Томовски, кој забележа дури 20 одбрани, но одлични бевме и во одбраната, бидејќи по подолго време примивме само 21 гол. Во нападот ги имавме расположените Кузмановски, Јагањац, Пешевски и Велковски, но и Токиќ, кој со своите контри прв ни донесе поубедлива предност на денешната средба.

Сепак, ваквата убедлива победа не смее да ни го одвлече вниманието од средбата од 8. коло во првенството на Македонија, која за неколку дена ќе се одигра во Автокоманда и во која ни треба уште една победа над Еурофарм Работник.

Утре, со почеток во 16.30 часот се игра финалето во Купот на Македонија, а за противник ќе го имаме големиот фаворит Вардар, кој денеска лесно го “реши“ Пелистер, со резултат 46:27 (20:12)

.

РК Еурофарм Работник – РК Металург  21:28 (11:15)

Сала: „Младост“ во Битола. Гледачи: 2000.

РК Еурофарм Работник: Ивановски, Умовист, Ојлески 2, Трајковски 2, Петровски, Пецаковски, Талевски, Чурлевски 1, Мојсоски, Мемиќ, Кукоски, Крстевски 1, Дрогришки 8, Граџан 4, Кузманоски 1, Петровски 2.   Седмерци: 1/2.   Исклучувања: 6 мин.

РК Металург: Томовски, Даниловски, Маџовски 1, Јагањац 5, Димитриоски 2, Токиќ 3, Шилегов, Танкоски, Серафимов 2, Кузмановски 5, Илиќ 1, Велковски 4, Пешевски 4, Гуглета, Лазаревски 1, Арсеновски.    Седмерци: 2/2.   Исклучувања: 8 мин.

Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов од Скопје.

Делегат: Ацо Николовски и Драги Папуџиев од Скопје.

Прочитано 260 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


8 + 7 =