МЕТАЛУРГ ДЕНЕСКА СО ИЗВИЃАЧ, ВАРДАР – ЗАГРЕБ…?

13.03.2012 03:41
rtfolio-seha-mash-1316551760_resize

Статијата е превземена од Македонски Спорт.

——–

Металург денеска со Извиѓач, Вардар – Загреб…?

Екипата на Металург продолжува да игра по два натпревари неделно во пресрет на натпреварот кој в недела ќе го игра од Лигата на шампионите. По дуелот со Загреб во Вараждин, на кој играше комбинирана постава во која од стартерите беа само Миркуловски и Алушевски и вториот пораз, Металург денеска (Автокоманда, 18:00 часот), веројатно во ист или многу сличен состав каков што извади на терен против Загреб, ќе го пречека тимот на Извиѓач од Босна и Херцеговина.
Оваа екипа во неделата беше поразена од Вардар, сега на ред им е меч со другиот македонски претставник во СЕХА лигата.
Но, не е мечот Металург – Извиѓач, туку дуелот Вардар – Загреб тој што крева прав и го урива кревкиот углед на СЕХА лигата. Шампионатот се сопна на првата пречка. Конкретно првиот момент кој не му одговараше на Загреб се заканува целото првенство да се претвори во фарса.
Никој не може да замери за првичното одложување на натпреварот затоа што се работеше за смртта на директорот на загрепскиот клуб. Но, ако може и мора Металург да игра среда-четврток-недела-вторник, тогаш и Загреб не смее да калкулира со термините. На Загреб му беа понудени нови термини, но тие барем до вчера не покажаа знаци дека сакаат да закажат нов дуел.
Металург е бесен на ваквото однесување. Рековме имаат 4 натпревари за 7 дена, а мораа да одат во Вараждин на меч со Загреб. Целото патување беше и напорно и хаотично, а ситуацијата беше таква што екипата мораше во два дела да се враќа назад за Скопје затоа што немаше доволно билети за во еден ден, односно веднаш по натпреварот тимот да стигне во Скопје. Управата на клубот беше во вториот дел, тие се враќаа вчера, па затоа и нема се уште клупски став околу следните потези кои ќе ги одигра Металург.
Да се вратиме на жешката тема. На Хрватите не им одговара(ше) пред дуелот со Металург да допатуваат во Скопје на дуел со Вардар Про. Иако, по неделната победа во Вараждин и резултатски во поглед на табелата во СЕХА лигата нив таа средба не им одлучува речиси ништо.
Сепак, Загреб го ескивира овој натпревар. Вчера, на ден пред првиот понуден термин за мечот немаше најава дека има намера не за денеска туку воопшто во теков на неделава да доаѓа во Скопје.
Ваквото одлагање, односно доколку Загреб не прифати да игра оваа недела, ќе го помести цел СЕХА шампионат. Претпоставка е ако веќе ескивира сега, дека тоа ќе го направи и следната недела, пред реваншот со Металург во “Арена Загреб”.
Од “Автокоманда” каде се бесни на ситуацијата стигна неофицијална најава дека доколку Загреб продолжи да оддолжува и откажува и тие нема да играат со Татран и Вардар се додека не се изедначи календарот. Ако, пак, земеме предвид дека термините беа така наредени да немаше ниту ден одмор меѓу ЛШ, СЕХА и паузата за репрезентациите, тогаш јасно дека СЕХА ќе влезе во цајтнот и во организациски проблеми чиј генератор е самиот врв, односно раководството на Загреб. Сепак, ќе почекаме до утре да видиме како ќе се развива целата ситуација.

Автор: Ричи Ѓамовски

Прочитано 1.440 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


9 − 1 =