Металург е новиот освојувач на Купот на Македонија

12.05.2019 02:48
kup-2019-rakomet-vardar-metalurg-11052019-finale-0592_1_resize

Металург го направи тоа во што никој не веруваше – во директен дуел со моќниот и комплетен Вардар го освои Купот на Македонија. Ова е 12 титула за нашиот клуб, шеста во Купот.

Денешниот натпревар меѓу градските ривали мина според најдобрите традиции на дуелите меѓу овие два тима. Видовме крајно неизвесна средба, полна со пресврти и вистинска драма на самиот крај. Победникот го решија седмерците, а тука царуваше Даниел Дупјанчанец, вистинскиот херој на нашиот тим на денешната средба.

Почетокот на средбата не им ветуваше ништо добро на момците од Автокоманда. Влеговме со преголем респект кон Вардар и тоа го плативме со пет невозвратени гола во нашата мрежа. Веројатно повеќето од присутните во салата, а и гледачите што средбата ја пратија преку телевизискиот пренос, уште тогаш го отпишаа тимот на Оливер Димитриоски и очекуваа дека Вардар лесно ќе дојде до новата титула, меѓутоа така не мислеа ракометарите на Металург кои ја надминаа кризата и возвратија со своја серија од 3:0. Од тој момент, па се до крајот на средбата се водеше вистинска војна за секоја топка и за секој гол. Вардар притискаше, повремено повторно стекнуваше повисока предност, но Металург денеска беше максимално мотивиран и не се предаваше. Напротив, пред крајот на првото полувреме дојдовме на само гол негатива, 12:11, и само нашата мала деконцентрација во последните три минути му даде можност на Вардар на одмор да замине со негатива од 4 гола, 16:12.

Второто полувреме ќе ни остане долго во сеќавање. Металург, предводен од феноменалниот Дупјанчанец, не само што ја надомести негативата од првиот дел и израмни во 36. минута, 18:18, туку продолжи со офанзивата и, со головите на Димитриоски и на Токиќ, поведе со 18:20. Во 39. минута ги имавме максималните +3, 22:19, и имавме дури две можности и за повисока предност. Вардар ги вложи сите свои сили и своето искуство и возврати со серија од 4:0, за 23:22. За нас ова беше веројатно најтешкиот момент, бидејќи моравме повторно да го сопреме разиграниот Вардар, кој во меѓувреме поведе и со 25:23. Но денеска во Куманово видовме еден сосема поинаков Металург, тим со воља, со инает и со огромна желба да ги поправи сите лоши впечатоци што ги оставивме во текот на сезоната, тим кој конечно го покажа сиот свој капацитет. На шест минути до крајот повторно го свртивме резултатот и поведовме со 25:26. Се разгоре борбата, зовреа и страстите. Израмни Кристопанс, но возврати Танкоски. Потоа повторно израмни Кристопанс, но во вистинскиот момент нова предност ни донесе Јагуриновски. Последната минута донесе кулминација на драмата. Металург не успеа да се одбрани и Вардар на само 20 секунди до крајот го израмни резултатот, 29:29. Имавме 20 секунди за нашиот последен напад, но не успеавме да поентираме. Средбата заврши со резултат 29:29, а потоа се изведуваа пенали.

Металург за изведување на првата серија се реши за овие петмина ракометари: Серафимов, Тоќиќ, Пучник, Шпенде и Танкоски. Вардар, пак, се реши за Чупиќ, Дибиров, Карачиќ, Поповски и Скубе.

Првите два удари, на мајсторите за изведување на удари од седум метри Чупиќ и Дибиров, ги одбрани Дупјачанец, додека своите удари ги реализираа Серафимов и Токиќ. Карачиќ го реализираше првиот пенал за Вардар, а мала нервоза во нашите редови внесе промашувањето на Пучник. Поповски повторно поентираше за Вардар, како и Шпенде за Металург. Последната серија почна со погодокот на Скубе, а заврши со златниот гол на Танкоски, кому не му затрепери раката и кој ни ја донесе големата радост.

Металург го освои Купот.

Честитки за целиот тим, честитки и за тренерот Оливер Димитриоски. Оваа победа им ја посветуваме на сите на кои Металург им е во срцето, на сите кои веруваа во нас.

.

РК Вардар – РК Металург 32:33 (29:29, 16:12, 3:4 на пенали)

Сала: Спортска сала во Куманово. Гледачи: 1200.

РК Вардар: Гедбане (10 одбрани), Кизиќ, Милосављев, Стоилов 2, Недановски 1, Поповски 4, Кристопанс 4, Мораеш 2, Ставревски, Карачиќ 1, Скубе 4,  Чупиќ 7, Дибиров 2, Горбок 1, Кисељев 3 и Мишевски.   Седмерци: 5/7.   Исклучувања: 6 мин.

РК Металург: Дупјачанец (18 одбрани), Томовски (седмерец), Даниловски, Јагуриновски 5, Лазаревски 1, Димитриоски 2, Токиќ 7,  Танкоски 5, Серафимов 1, Младеновиќ, Шпенде 9, Пучник 1, Миличевиќ, Маџовски 1, Арсеновски 1.   Седмерци: 1/1.    Исклучувања: 4 мин.

Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов од Скопје.

Делегати: Камер Металари од Скопје и Благој Петров од Велес,

Прочитано 871 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


+ 6 = 12