МЕТАЛУРГ Е ПОБЕДНИК НА ЈУБИЛЕЈНИОТ 40-ТИ “СТРУШКИ РАКОМЕТЕН ТУРНИР“

18.08.2012 22:04
DSC_0035_resize

По две освоени трети места, во своите претходни настапи, Металург конечно дојде и до победничкиот пехар. Во финалната средба на јубилејниот 40-ти “Струшки ракометен турнир“, Металург ја совлада екипата на белорускиот шампион Динамо Минск, со резултат 26:23 (12:13), и им се реваншира за поразот во Порто, пред две сезони.

Самиот натпревар помина во израмнета, до крај неизвесна но и крајно тензична игра. Во првиот дел Белорусите имаа постојана предност, на моменти и со два (1:3) па и со три гола (9:12). Металург за првпат израмни при резултат 5:5, а првпат поведе при 7:6. Нашето максимално водство од два гола го достигнавме при резултат 8:6. Сепак, на одмор, со предност заминаа гостите од Белорусија, 12:13.

Во второто полувреме се разгоре вистинска војна. Металург, најпрво израмни на 13:13 во 31-та минута, а потоа и поведе со 16:15, во 34-тата минута. Од тој момент па се до крајот на средбата, предноста беше на страната на нашиот шампион кој во 43-тата минута за првпат поведе и со три гола разлика (20:17). Иако Динамо успеа во 51-та минута да израмни на 21:21, тоа беше се од нивните надежи. На крајот, Металург извојува победа со резултат 26:23.

531007_460625333968324_938745408_nТоа што остави темна дамка на натпреварот е исклучително грубата игра на гостинскиот тим, веројатно најгрубата екипа со која сме се сретнале во последните неколку сезони. Динамо не бираше средства за да го спречи нашиот напад, а тоа посебно на своја кожа го осетија Миркуловски, Мојсовски, Димовски, Георгиевски и Батиновиќ. Грубостите зачестија во моментот кога Металург дефинитивно го презеде водството, факт кој гостите не можеа спортски да го прифатат. На минута до крајот на средбата дојде до немили сцени при што за малку е избегната физичка пресметка помеѓу двете екипи. Ракометарите на Динамо, за чудо предводени од својот тренер, направија турканица која заврши со дури пет црвени картони, три за Динамо (тренерот Бебешко, и ракометарите Броука и Рутенка) и два за Металург (Георгиевски и Јоновски). Претходно, за три казни од по две минути, беше исклучен и ракометарот на Динамо, Шевелев. Последната минута Динамо ја одигра со само двајца ракометари во поле, против четворица наши.

На крајот, Металург го освои првото, Динамо Минск второто, додека Данкерк третото место. За најдобри играчи на средбата се прогласени Филип Миркуловски и Павел Атман кои постигнаа по 7 гола, за најдобар играч на турнирот – Наумче Мојсовски, за најдобар стрелец на турнирот е прогласен Никола Костески од Струга (23 гола), додека најдобар голман е Дмитрие Пејановиќ од Динамо Минск.

За жал, повторно се повреди Козлина кој го свитка коленото.

561931_460626490634875_1423035647_n_resize

РК Металург – Динамо Минск  26:23 (12:13)

РК Металург: Митревски (12 одбрани), Димовски, Наумовски, Георгиевски 3, Козлина, Манасков 2, Миркуловски 7, Маркоски, З.Мојсоски, Додер 3, Н.Мојсовски 6, Батиновиќ 1, Јоновски, Алушовски и Вучичевиќ 4.     Седмерци: 4/5.    Исклучувања: 8 минути.     Црвени картони: Јоновски и Георгиевски во 59 минута.

Динамо Минск: Пејановиќ, Шеваљевиќ, Рутенка 2, Кхапал, Бабичев 2, Скопинцев, Шевелев 1, Богданов, Дорошчук 1, Чепулис, Николенков 6, Атман 7, Стецура, Остроушко, Онифриенко 4 и Броука.     Седмерци: 1/3.     Исклучувања: 14 минути.     Црвени картони: Шевелев  (3х2 мин) во 53 минута и Бебешко (тренер), Рутенка и Броука во 59 минута.

Судии: Кркачев Сашо и Колевски Ѓоко од Скопје.

Делегат: Коруновски Стеванчо и Металари Камер од Скопје.

Прочитано 1.102 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


8 + = 14