Металург е во групната фаза на Лига Европа

29.09.2020 20:52
DAR_8139_resize_resize

По исцрпувачки и крајно драматични 60 минути во Цирих, Металург успеа да избори пласман во групната фаза на Лига Европа. Во меч со многу малку голови загубивме со само гол разлика, 21:20, доволни да обезбедиме настап во групната фаза на ова второ по квалитет европско натпреварување.

Особено драматични беа последните 20 секунди од средбата, во кои влеговме со гол негатива, без исклучениот Мариќ и при напад на противничкиот тим. За среќа, успеавме да се одбраниме и да му се радуваме на пласманот во групите.

Првото полувреме мина во тешка борба, при што расположени беа двете одбрани, но не и нападите на двете екипи. На половината од првото полувреме се уште беше 4:4, а двете екипи не реализираа половина од своите напади. Свои водства имаа и Металург и Криенс, со тоа што нашиот тим испушти две можности за водство од два гола разлика. За жал не успеавме да ги ефектуираме бројните одбрани на Дупјачанец, кој денеска беше нашиот најдобар играч. Првото полувреме го доби противникот, со резултат 12:11.

Вторите 30 минути, решавачки за овој двомеч, минаа при постојано водство на екипата на Криенс. Металург жестоко се бореше, во два наврати имавме израмнување, а еднаш испуштивме и шанса да го вратиме водството. Во 38. минута Криенс поведе со разлика од три гола и ситуацијата стана алармантна. Но, токму тогаш нашата одбрана заигра многу поцврсто и наскоро разликата се стопи. Бидејќи не успеавме да дадеме 25 гола, Криенс можеше да се пласира во група и со победа од 2 гола. Се до крајот на средбата се водеше рововска битка за секој гол, а својата шанса противникот ја испушти на самиот крај, кога се одбранивме во последниот напад.

Металург ја оствари својата прва од планираните цели во оваа сезона и ќе ја продолжиме борбата во групната фаза од Лига Европа, а нашите противници во групата ќе ги дознаеме веќе в четврток, на 1 октомври.

.

Криенс – Металург  21:20 (12:11)

Криенс: Бар, Ечер, Папеж 4, Харбуз 4, Гаврановиќ 6, Лапајне 3, Лавриќ, Блатер 1, Делчиапо, Шлумпф 1, Ванер 1, Пироч, Оертли, Идризи и Релстаб 2.    Седмерци: 1/1.    Исклучувања: 4 минути.

Металург: Дупјачанец (14 одбрани), Ѓорѓески, Хорват 4, Маркоски, Рниќ, Тарабокија 4, Потиќ 1, Поповиќ 2, Канкараш 5, Лазаревски, Шилегов, Серафимов 1, Мариќ 3, Младеновиќ, Додиќ 1 и Кондев.    Седмерци: 4/4.    Исклучувања: 4 минути.

Судии: Марко Секулиќ и Владимир Јовандиќ од Србија.

Делегат: Хелмут Виле од Австрија.

Прочитано 915 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


9 − = 1