Металург го надигра Татран Прешов

21.10.2018 00:52
MJI_2820_resize

Конечно се скрши “проклетството на второто полувреме“ и Металург одигра комплетен натпревар во ист ритам. Резултатот дојде веднаш – совладана е екипата на Татран Прешов, со резултат 30:28 (15:11). Разликата од два гола на крајот е и добар епилог за надиграниот гостински тим, кој во најголемиот дел од средбата имаше негатива од четири до пет гола, а нашата максимална предност изнесуваше седум гола, 25:18 во 49. минута.

Од самиот почеток се почувствува дека Металург денеска е посебно мотивиран. Почнавме со серија од 3:0, па, иако Татран врати со истата мера, во наредните минути создадовме предност која постепено стигна до пет гола, 9:4. Игравме одлична, агресивна, одбрана, а во нападот ги сведовме грешките на минимум и покажавме солидна реализација. Особено радува што денеска одлично функционираше нашата контра, нешто што не ни беше силна страна на претходните натпревари. Првото полувреме заврши со резултат 15:11.

Со притаен страв го очекувавме почетокот на второто полувреме, време кога Металург претходно ги губеше натпреварите. Но, овој пат нашите млади ракометари ја задржаа концентрацијата до крај, ги задржаа моралот и ритамот и не му дозволија на поискусниот противник да дојде во ситуација да се надева на успех. Кога во 49. минута дојдовме до предност од седум голови, стана јасно дека бодовите остануваат во Скопје.

Радоста за првата победа беше поматена од сознанието дека денеска својот последен натпревар за Металург го одигра нашиот најдобар ракометар – Халил Јагањац. Халил, кој пред натпреварот доби пригоден поклон од претседателката на Металург, денеска повторно беше нашиот најдобар играч, носител на нашата игра, како во одбраната, така и во нападот.

.

РК Металург – Татран Прешов  30:28 (15:11)

РК Металург: Томовски (10 одбрани), Даниловски, Јагуриновски, Јагањац 6/10, Лазаревски, Димитриоски 3/6, Токиќ 9/11, Танкоски 1/4, Серафимов 0/1, Младеновиќ, Велковски 2/2, Миличевиќ 2/5, Додиќ 4/4, Маџовски 2/4, Стојановиќ, Арсеновски.   Седмерци: 4/5, Исклучувања: 2 мин.

Татран Прешов: Цвитковиќ (5 одбрани), Чуприна (5 одбрани + 1 седмерец), Рабек 0/3, Хрстка 2/2, Лапајне 7/10, Рецицар, Криж, Чип 8/10, Страновски 5/5, Буторац 2/5, Касал 0/1, Чарапкин, Афаноу 2/3, Бабиќ 2/2.   Седмерци: 3/3, Исклучувања: 6 мин.

Судии: Борис Милошевиќ и Матија Губица од Хрватска.

Делегат: Јосип Посавец од Хрватска.

Прочитано 564 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


9 − 9 =