Металург го оствари ветувањето на Јовиќ, Цеље без бодови во Скопје

18.03.2018 21:38
_DSC0160_resize

Александар Јовиќ вети – Металург оствари. Во последното коло од регуларниот дел на СЕХА-лигата нашите ракометари остварија победа над екипата на Цеље ПЛ, учесник во плејофот на ова регионално натпреварување. Во само три кола, нашите млади ракометари совладаа двајца учесници на годинешниот плејоф во СЕХА-лигата, Мешков Брест и Цеље ПЛ.

Во релаксиран натпревар, без бодовно значење, и двете екипи беа насочени кон нападот, па затоа во првото полувреме беа постигнати дури 30 гола. Почетокот, но и поголемиот дел на првото полувреме, несомнено му припадна на гостинскиот тим, кој ги реализираше безмалку сите свои шанси и имаше постојано водство, иако никогаш повисоко од два гола. Пресвртот на Металург почна во 18. минута, кога нашите стрелци, при водство на противникот од 10:12, постигнаа шест едноподруго гола и направија комплетен резултатски пресврт. Од тој момент, па се до крајот на средбата, Металург веќе не ја испушти предноста и стигна до вредната победа.

Во второто полувреме се водеше голема борба. Гостинскиот тим очигледно не беше задоволен од состојбите на теренот и вложи многу напор за да ја врати предноста. Металург беше изложен на силен притисок, особено во 50. минута, кога противникот израмни на 23:23. Сепак, нашите ракометари го издржаа нападот, а потоа и самите вратија со серија од три гола, па во 55. минута повторно имавме +3, 27:24. Натпреварот заврши со резултат 28:26, а човекот на одлуката беше нашиот Вања Илиќ, кој не само што ги постигна последните два гола, туку украде и топка во најважниот напад на противникот, кога Цеље одеше на израмнување на резултатот.

.

РК Металург – Цеље ПЛ  28:26 (17:13)

РК Металург: Томовски (6 одбрани), Даниловски, Василевски, Гајиќ, Маџовски, Јагањац 5, Токиќ 4, Шилегов, Танковски, Серафимов, Кузмановски 6, Илиќ 5, Велковски 3, Пешевски 4, Палевски и Арсеновски 1.   Седмерци: 1/2.    Исклучувања: 4 минути.

Цеље ПЛ: Лесјак (5 одбрани), Пањтар (4 одбрани), Добај (1 одбрана), Вујовиќ 1, Јуречиќ, Закошек, Малус, Разгор 3, Сухолежник 3, Маргуч 5, Грошељ 2, Жабиќ, Макуц 5, Душебаев 5, Мачковшек и Млакар 2.    Седмерци: 3/3.    Исклучувања: 10 минути.

Прочитано 646 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


+ 1 = 4