Металург го “скрши мразот“ и во Лигата на шампионите

04.11.2018 20:57
08_resize

Веднаш по првата победа во СЕХА-лигата, Металург победи и во Лигата на шампионите, откако денеска го совлада тимот на Чеховски Медведи, со резултат 25:24 (16:10). Победата е минимална, иако Металург денеска имаше можност и многу повисоко да го порази рускиот шампион. На полувреме водевме со шест голови разлика, но во вториот дел традиционално дојдовме во ситуација да стравуваме за своето остварување. Денеска во составот на нашиот тим заигра и трите засилувања, кои се претставија во одлично светло и кои покажаа дека со нив во иднина Металург ќе биде “тврд орев“ за секој противник. Сите тројца се запишаа на листата на стрелците: Шпенде постигна 4, Рибеиро 3, а Пучник 1 гол. Во одбраната особено забележителен беше Михо Пучник, кој претставуваше вистински бедем пред нашиот гол.

Првото полувреме е нашето најдобро полувреме во досегашниот тек на сезоната. Игравме полетно, брзо и квалитетно во нападот и исклучително цврсто во одбраната. По првите десетина минути на израмнета борба, кога се играше гол за гол, Металург тргна во решителна офанзива и со серија од 5:0 стигна до убедливи 13:8, разлика која до крајот на првото полувреме ја зголемивме на шест гола, 16:10.  Во овој прв период од натпреварот решавачка беше улогата на голманот Даниловски, кој одбрани 11 удари и комплетно ги откажа стрелците  на Чеховски Медведи. Даниловски средбата ја заврши со 16 одбранети удари, а свој удел имаше и Томовски, кој одбрани дури три седмерци.

Металург солидно ја одигра и првата половина од второто полувреме. Најпрво имавме максимални седум голови разлика, а потоа стабилно одржувавме предност од три до пет гола. Но, во последната четвртина од средбата ни се повторија истите грешки, кои не прогонуваат цела сезона. Наеднаш почнавме тешко да доаѓаме до гол ситуација, зачестија избрзаните шутеви, па и техничките грешки. Во самиот финиш дојдовме во ситуација да стравуваме за победата, бидејќи противникот го имаше последниот напад, кој сепак не успеа да го реализира.

.

РК Металург – Чеховски Медвди  25:24 (16:10)

РК Металург: Даниловски (14 одб.), Томовски (3 сед.), Јагуриновски 0/2, Лазаревски 1/1, Димитриоски 5/6, Токиќ 4/6, Танкоски 1/7, Серафимов 4/7, Шпенде 4/11, Велковски 1/1, Рибеиро 3/7, Пучник 1/2, Миличевиќ 1/1, Маџовски, Стојановиќ и Арсеновски.  Седмерци: 2/4, Исклучувања: 6 мин.

Чеховски Медведи: Павленко (8 одб.), Грушко (2 сед.), Санталов 2/6, Корнев 1/3, К. Котов 4/6, Андреев 2/2, Куретков 2/7, А. Котов 3/5, Осташченко 1/4, Карлов 0/1, Струшински, Василев 1/3, Фурцев 0/2, Маслеников 7/7, Каменев и Косоротов 1/1.   Седмерци: 5/8, Исклучувања: 4 мин.

Судии: Андреј Гуско и Сергеј Репкин од Белорусија.

Делегат: Николае Визитиу од Молдавија.

Прочитано 572 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


− 6 = 3