Металург и Еурофарм Работник ги поделија бодовите

14.04.2018 20:10
25042017_DSC0034_resize_resize

Во третото коло од плејофот, Металург гостуваше на тешкиот терен во Битола, каде амбициозниот тим на Еурофарм Работник, пред 3000 свои навивачи, се обиде да ја оспори долгогодишната неприкосновеност на Металург во натпреварите од домашното првенство, надвор од мечевите со Вардар. На крајот, домашниот тим делумно успеа во својата намера, бидејќи средбата заврши со поделба на бодовите, што се први загубени бодови на Металург по навистина долго време. Домашниот тим може и да жали, бидејќи во последните четири минути влезе со предност од три гола. Но, искуството на Металург, кој зад себе има многу натпревари со висока резултатска тензија, на крајот пресуди, а Халил Јагањац постигна израмнувачки гол во последната секунда.

Се чини дека Металург не беше толку лош, колку што неверојатно мотивиран беше тимот на Еурофарм Работник, кој се надмина себе си и одигра натпревар безмалку без грешка.

Првото полувреме мина во израмнета борба во која двата тима имаа периоди на водство, но не поголемо од два гола. Овој период заврши со минимална предност на Еурофарм Работник, 12:11.

Вистинска битка се водеше во второто полувреме, кое почна со израмнување на резултатот, 12:12, а потоа се играше гол за гол се до 16:16. Металург се обидуваше, но никако не успеваше да дојде до резултатски пресврт. Неколку наши грешки и нереализирани напади не чинеа негатива од три гола, првпат при 21:18. Домашниот состав до самиот крај имаше сигурно водство, но упорноста и искуството на Металург не дозволија ерупција на радост во Битола, а сигурната рака на Халил Јагањац доведе до поделба на бодовите. Овие две екипи до крајот ќе се сретнат уште еднаш, во осмото коло, но тој натпревар ќе се игра во нашата Автокоманда.

.

Еурофарм Работник – РК Металург  27:27 (12:11)

Сала: „Младост“ во Битола. Гледачи: 3000.

Еурофарм Работник: Умовист, Ивановски, Ојлески 2, Трајковски, Пецаковски, Талевски, Чурлевски, Мојсоски 2, Мемиќ 1, Кукоски, Крстевски 1, Дрогришки 10, Граџан 3, Кузманоски 4, Петровски 4, Мскхвилидзе.   Седмерци: 1/3.  Исклучувања: 12 мин.

РК Металург: Томовски, Даниловски, Маџовски, Јагањац 5, Димитриоски 1, Токиќ 3, Серафимов, Кузмановски 6, Илиќ 5, Велковски 4, Пешевски 1, Палевски 1, Гуглета 1, Матијашиќ, Лазаревски, Арсеновски.   Седмерци: 4/5.  Исклучувања: 8 мин.

Судии: Дејан и Димитар Георгиевски од Скопје.

Делегат: Камер Металари од Скопје.

Прочитано 191 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


5 + = 8