Металург изненадувачки освои само бод на гостувањето кај Пролет

21.09.2019 21:43
DAR_2238_resize_resize

Вистинско изненадување приреди екипата на Тинекс Пролет, која освои бод против екипата на Металург. За момците на тренерот Стојановиќ, ова е прв кикс во домашното првенство.

Текот на средбата не ветуваше драма на крајот од мечот. Металург имаше водство во текот на 57 минути, најчесто со два гола предност, но и со максимални +4, при 4:8. Нашите ракометари имаа целосна контрола врз натпреварот и се чинеше дека, и покрај силниот отпор на екипата на Пролет, да се освојат трите бода нема да биде проблем. На почетокот на средбата особено се истакна Шилегов, кој буквално го изрешета противничкиот гол, постигнувајќи дури пет гола во првите 30 минути. Сепак, повремените грешки на нашите ракометари, нивните избрзани акции и неколкуте неискористени зицери, постојано го враќаа противникот во игра. Првото полувреме го добивме со резултат 13:15.

Вториот дел го почнавме со гол на Серафимов, за 13:16. Се чинеше дека повторно имаме солидна предност, но потоа влеговме во период на криза, што резултираше со израмнување на резултатот, при 17:17. Од тој момент, па до самиот крај, средбата се претвори во резултатска нишалка, при што резултатот беше израмнет дури осум пати. Во 57. минута, по престапот на Шилегов, Андоновски погоди за прво водство на Пролет на средбата, а минута подоцна Мајнов погоди од пенал, за предност од два гола, 25:23. Сепак, Металург успеа да се извлече и со головите на  Танкоски и на Чантурија израмни на 25:25. Во тој момент до крајот на средбата остануваа само 13 секунди, а Металург имаше предност од дури двајца ракометари.

Одбраната на Металург направи огромен кикс кога му дозволи на противникот со четворица играчи да направи акција, која со соло продор ја реализираше Поповски. Бодот за нашиот тим го спаси Кбилашвили, кој  изведе молненосен контранапад и погоди на само две секунди до крајот.

Средбата ја судеа искусни арбитри од Битола, но се чини дека барем во два три наврати пропуштија да судат очигледни пробивања при нападот на ракометарите на Пролет.

 Металург изненадувачки загуби два бода и да се надеваме дека тоа е последниот кикс во натпреварите во домашното првенство, особено што според квалитетот Металург отскокнува од сите учесници во ова прва фаза од првенството. Шанса за докажување ќе имаме веќе во следното коло, кога дома ќе ја пречекаме водечката екипа на Бутел.

.

РК Тинекс Пролет – РК Металург  26:26 (13:15)

РК Тинекс Пролет: Кристо, Василевски 7, Аларов 2, Поповски 2, Давитковски, Матовски, Манев, Додевски, Коруновски, Гроздановски, Андоновски 7, Кизиќ, Џонов 6, Мајнов 2, Дамчевски и Стојановски.    Седмерци: 1/1.    Исклучувања: 12 минути.

РК Металург: Дупјачанец, Ѓорѓески, Кондев, Јагуриновски 3, Поповиќ 3, Пецаковски, Шилегов 5, Танкоски 4, Мариќ 1, Серафимов 3, Лазаревски, Младеновиќ, Чантурија 2, Кбилашвили 3, Додиќ 2 и Арсеновски.    Седмерци: 0/2.     Исклучувањ: 6 минути.

Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски од Битола.

Делегати: Камер Металари од Скопје.

Прочитано 418 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


3 + 9 =