МЕТАЛУРГ ЈУНИОР ГИ ОСВОИ ПРВИТЕ ТРИ БОДА

22.09.2013 19:31
DSC_0324_resize

za tekst

Вчера, во “Автокоманда“ се одигра натпревар од второто коло на машката суперлига, во кој Металург Јуниор го пречека новакот во лигата, екипата на Радовиш.

Средбата помина во целосна доминација на Јуниор, кој не им дозволи на гостите ниту да израмнат во текот на целиот натпревар. Веќе во 12. минута имавме предност од три гола, 7:4, но тоа како да не ги задоволи нашите ракометари, па, во 23. минута стигнавме и до позитива од пет гола, 13:8. Полувремето заврши со резултат 16:11. Во овој дел од средбата се истакна Жарко Пешевски, кој постигна 4 гола, но вистинскиот херој беше нашиот голман Ивановски, кој, со осум одбрани, ги откажа напаѓачите на противникот.

Во второто полувреме Јуниор продолжи со притисокот и наскоро ја стекна најголемата предност, при резултат 22:14. Противникот се обиде да се врати со серија од по 5:0, сведувајки ја нашата предност на само три гола, 22:19, но тоа како да ги отрезни нашите ракометари, кои ја забрзаа играта и наскоро повторно создадоа висока разлика. Крајниот резултат од средбата е 32:25, во корист на нашиот тим.

По подолго време, поради операција на коленото,  во составот на Јуниор се појави младиот Горан Крстевски, кој реализира два седмерци. За почит е и остварувањето на Илиев, од екипата на Радовиш, кој постигна дури 15 гола, седум од линијата од седум метри.

РК Металург Јуниор – Радовиш  32:25 (16:11)

РК Металург Јуниор: Ивановски (13 одбрани), Блажевски (2 одбрани и еден седмерец), Бешлиевски, Бошковски, Пешевски 4, И.Крстевски 2, Манасков 5, Матијашиќ 2, Маркудов, Палевски 5, Талески 6, Ставридис, Давитковски 3, Г.Крстевски 2, Маџовски 3 и Костески.   Седмерци: 4/4.    Исклучувања: 10 минути.

РК Радовиш: Трајковски, Николиќ 2, Конзулов, Марков, Јанев, Илиев  15, Долдуров, Петров 3, Ѓоргиев, Срдев 3, Фенов 1, Спасов, Спасков 1, Донев и Мијалов.    Седмерци: 7/8.      Исклучувања: 8 минути.

Судии: Дејан и Димитар Георгиевски од Скопје.

Делегат: Климкаров Петре од Велес.

DSC_0445_resize_resize

Прочитано 1.022 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


7 − = 2