Металург не ги искористи своите шанси и загуби од екипата на Рамат Хашрон

23.08.2019 20:42
68755495_348546486099192_4247863534966276096_n_resize

Металург денеска го одигра својот прв натпревар на турнирот во Кањижа (Србија). Наш противник беше екипата на Рамат Хашрон, третопласирана во првенството на Израел. По голема борба и повеќе неискористени шанси, Металург ја загуби средбата со резултат 30:32 (14:15).

За жал, и на овој натпревар имавме недозволено голем број на технички грешки, брзоплети шутеви и загубени топки, но имавме и неколку шанси да го избегнеме поразот. За жал, нашиот најдобар стрелец на овој натпревар, Поповиќ, во два наврати не успеа да го израмни резултатот, што на крајот не чинеше пораз.

Почетокот на средбата мина во испитување на силите, па така течеше и резултатот, во наизменично водство на двете екипи. Нашиот противник прв направи резултатски исчекор и во 17. минута имаше убедливи 5:10. Металург успеа да се собере и во 27. минута го израмни резултатот, 13:13. Во следните две минути имавме дури две можности да минеме во водство, но не ги искористивме. Затоа, пак, нашиот противник постигна два гола за водство од 13:15. Во последната секунда Поповиќ постигна гол и на одмор заминавме со минимална негатива, 14:15.

На почетокот од вториот дел повторно имавме можност да го израмниме резултатот, но не ги искористивме одбраните на Дупјачанец, а потоа влеговме во резултатска криза, која кулминираше во 44. минута, кога противникот поведе со максимални +6, 18:24. Стојановиќ побара тајмаут, а потоа се разбрани и Дупјачанец, кој средбата ја заврши со 12 одбрани, меѓу кои и два седмерци. Металург доби крилја и во 56. минута намали на 30:31. Имавме напад за израмнување, кој не резултираше со погодок, а потоа згреши и противникот, кој ни даде нови 30 секунди на надеж. Последниот напад повторно отиде преку Поповиќ, кој за жал повторно не погоди, па во последните десетина секунди Израелците постигнаа уште еден гол, за конечни 30:32.

Веќе утре Металутг ќе го одигра и вториот натпревар, против фаворитот на турнирот Нексе. Оваа средба ќе се одигра со почеток во 19 часот.

Во првиот денешен натпревар, Нексе убедливо го совлада Партизан, со резултат 25:37 (12:20).

.

Металург – Рамат Хашрон  30:32 (14:15)

Металург: Дупјачанец (10 одбрани + 2 седмерци), Мијатовиќ (1 одбрана), Јагуриновски 2, Поповиќ 7, Пецаковски, Шилегов 4, Мариќ 7, Лазаревски 1, Вујовиќ, Кбилашвили,  Додиќ 1, Серафимов 5, Кондев 2, Младеновиќ 1, Стојановиќ и Арсеновски .    Седмерци:  4/6.    Исклучувања: 10  минути.

Прочитано 337 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


1 + = 2