Металург одличен, натпреварот драматичен, ама бодовите сепак за Вардар

06.12.2018 00:31
GIL_4873_resize

Вечерва Металург добро го изнамачи поранешниот европски и актуелен македонски и СЕХА-шампион, Вардар, во меч во кој по кој знае кој пат не го реализиравме последниот напад и загубивме бодови. Металург вечерва не заслужи да загуби, особено што имавме 40 секунди за израмнување, ама акцијата, која долго ја увежбувавме и која заврши со удар на Александар Шпенде, не донесе резултат, бидејќи топката заврши само неколку сантиметри десно од голот. Вардар навистина настапи со комбиниран состав, ама, да не се лажиме, на теренот во секој момент имаше доволно искуство и квалитет да биде фаворит од првата до последната минута.

Почетокот му припадна на Вардар, кој без многу проблеми стигна до комотни +4, 4:8. Но, кога сите очекуваа дека ќе гледаат уште еден натпревар во кој шампионот ќе извојува лесна победа, работите се сменија во корен. Металург се опорави од почетната неефикасност, ја засили одбраната и навали на голот на Вардар. Веќе во 21. минута имавме 9:9, а во 27. минута го забележавме и првото водство, 11:10. Првото полувреме го добивме со два гола разлика, 13:11.

Металург одлично го почна и вториот дел и во 36. минута ја достигна својата највисока предност од четири гола, 16:12.  Во последната четвртина од средбата влеговме со позитива од три гола, 21:18, и се појави надеж дека можеби сме блиску до изненадување. Но, како што тоа редовно ни се случува, во последните десетина минути влеговме во криза, која Вардар знаеше да ја искористи и во 54. минута поведе со резултат 23:24. Жестоко се играше во последните неколку минути, а драмата кулминираше со погодокот на Скубе, со кој Вардар поведе со 26:27.

Имавме безмалку 40 секунди за израмнување и изведовме акција за која Брестовац на прес-конференцијата кажа дека се вежбала на последниот тренинг, ама немавме среќа и бодовите заминаа со Вардар.

Како и да е, по подолго време Металург беше не само достоен, туку и подобар од својот голем ривал.

.

РК Металург – РК Вардар  26:27 (13:11)

РК Металург: Томовски 1/1 (2 одбрани), Даниловски (8 одбрани), Јагуриновски 1/3, Лазаревски, Димитриоски 1/2, Токиќ 4/7, Шилегов, Танкоски 0/2, Серафимов 2/3, Шпенде 6/14, Рибеиро 1/3, Пучник 2/3, Миличевиќ 4/5, Маџовски 1/3, Стојановиќ 3/5, Арсеновски.    Седмерци: 1/3, Исклучувања: 4 мин.

РК Вардар: Кизиќ (12 одбрани + 2 седмерци), Милосављев, Недановски 1/1, Оцвирк, Поповски 1/2, Кристопанс 5/8, Дисингер 5/7, Карачиќ 2/4, Скубе 4/5, Калараш 1/1, Чупиќ 5/5, Шишкарев, Војводиќ 2/5, Кисељев 1/3, Атанасовски, Мишевски.    Седмерци: 4/4, Исклучувања: 6 мин

Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски од Битола.

Делегат: Ацо Николовски од Скопје.

Прочитано 292 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


+ 9 = 15