МЕТАЛУРГ ОДРЖА ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА

18.10.2012 19:45
DSC_0401_resize_resize

Металург денеска одржа прес-конференција по повод претстојниот натпревар од четвртото коло во Лигата на шампионите, против екипата на Санкт Петербург.

По уводот на генералниот секретар на РК Металург, Зоран Цветановски, на новинарите им се обрати главниот стратег на Металург, Лино Червар, кој истакна:

Имаме старт од соништата. Победивме на сите три натпревари во Лигата на шампионите. Но сега е вистинскиот момент да ја спуштиме топката на земја, а тоа секако е задача на тренерот. Само со скромност и со борбеност можеме да ја продолжиме нашата победничка серија. Ако сме умни и мудри, нашите играчи не смеат да го потценат противникот. Само онаа екипа што ќе игра дисциплинирано и борбено може да има шанса за успех. Резултатите од другите групи покажуваат дека нема фаворити, дека се случуваат големи изненадувања и дека секогаш мора да се даде максимумот за да се триумфира.

В сабота ни гостува Санкт Петербург, екипа што воопшто не е наивна и која ја негува руската ракометна школа. Санкт Петербург доаѓа на крилјата на победата над Шамбери и сигурно ќе бидат многу мотивирани. Противникот во однос на минатата година промени пет важни ракометари. Прво го доведоа голманот Шицко, кој се покажа во одлично светло во првите три кола, а доведоа и уште неколку квалитетни засилувања. Ќе треба да внимаваме на Григорјев, кој на првите два меча не беше на потребното ниво, но ’експлодира’ во третото коло против Шамбери, кога со девет гола му донесе победа на рускиот тим. Гостите најчесто играат одбрана 6-0 или евентуално 5-1, па ќе мораме да играме дисциплинирано во нападот за да го најдеме патот до нивниот гол. Прво ќе треба да ги спречиме нивните бекови, а потоа да обрнеме внимание на играта во нападот и да не му дозволиме на противникот да прави контри и полуконтри. Без разлика што според резултатите многумина нѐ промовираат во фаворити, на саботниот дуел нема да има изразен фаворит.

На последниот меч направивме многу технички грешки. Зборувавме за тоа и секако низ тренинзи се обидуваме тој проблем да го решиме. Поради тоа не смееме против Санкт Петербург да брзаме во нападот и да одиме на избрзани шутеви и да ’буткаме’ на линијата. Не е толку лошо да шутираш и да промашиш, полошо е да направиш техничка грешка, бидејќи од една таква ситуација противникот брзо те казнува. Ќе се потрудиме на овој меч да одиграме максимално концентрирано и стабилно и, се разбира, со помош на публиката да дојдеме до четвртата победа во Лигата на шампионите. Четири од четири е нешто што го сонувам. Тоа ќе ни даде доволно време да ја искористиме паузата за ЕП и да се подготвиме за мечот против главниот фаворит во групата – Киелце.

Капитенот на Металург, Ванчо Димовски, не бега од фаворитската улога на нашиот клуб.

Во Скопје доаѓа екипа што на некој начин е аутсајдер во групата. Ние не бегаме од фаворитската улога, но сепак ќе мораме малку да се спуштиме на земја. Победата на Русите над Шамбери предупредува дека воопшто не станува збор за наивна екипа, туку за состав со одреден квалитет. Многу се опасни, против секој противник можат во едно полувреме да направат предност од седум до осум гола. На тренинзите работевме на наоѓање решение за нивната висока зона, знаеме дека нема да можеме да ги разбиеме со шут од надвор. Мораме да одиграме максимално концентрирано и ангажирано и не смееме да си дозволиме да нѐ понесе атмосферата и да брзаме со акциите. Искрено се надевам дека нашиот голман ќе има добра вечер, како и нашата одбрана и крилата, па и ние, нападот, да се справиме со противничката одбрана, да бараме зицер-ситуации и да дојдеме до четврта победа во групата, со што дербито со Киелце, кое е на програмата за околу еден месец, би го дочекале со ист број бодови. Саботниот меч е голем тест за нас“.

Директорот на Металург, Левче Китевски, изјави дека организациски и логистички клубот е целосно подготвен да одговори на секој предизвик. Китевски побара медиумска поддршка и полна сала наши фанови.

Фотогалерија:

Прочитано 736 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


2 + = 4