МЕТАЛУРГ ОДРЖА ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА

27.09.2012 14:39
DSC_0382_resize

Малку по 12 часот, во „Конгресната сала“ на СЦ „Борис Трајковски“, почна прес-конференцијата на Металург.

Пресот го отвори генералниот секретар на Металург, Зоран Цветановски, кој го претстави нашето ново засилување, десниот бек од Словенија, Ренато Вугринец. Самиот Вугринец изрази задоволство што дојде во респектабилен и амбициозен клуб, кој, по ланската успешна сезона, повторно атакува на една од првите позиции во групата Ц, кои водат во наредната рунда во ЛШ. Вугринец изрази надеж дека со своето големо искуство ќе му помогне на клубот во неговите амбициозни намери.

Директорот на Металург, Левче Китевски, им се заблагодари на новинарите за многубројното присуство, но и им замери за одделните написи во кои се омаловажуваше организациската способност на клупската управа, токму во способноста да доведат квалитетен десен бек.

Шефот на стручниот штаб Лино Червар најпрво ги изложи клупските приоритети во сезоната 2012/2013:

Имавме четири цели пред стартот на сезонава. Првата ја исполнивме, Металург втора година по ред ќе настапи во ЛШ. До оваа цел дојдовме на многу поубедлив начин во однос на минатата сезона. Тоа нѐ прави задоволни и ни дава право да веруваме во квалитетот на нашиот тим. Втората задача ни е да го повториме ланскиот успех и да се пласираме во Топ 16 фазата, што нема да биде нималку лесно. Минатата сезона остваривме огромен успех, стигнувајќи до ист пласман како и екипи што имаат многу поголеми буџети од нас, како на пример Хамбург, Монпелје, Чеховски медведи. Наша трета цел е уште еднаш, четврти пат едноподруго, да дојдеме до титулата во домашното првенство. Тоа не значи дека нема да обратиме внимание и на другите натпреварувања во кои учествуваме. За крај, ништо помалку важно за нас, е да продолжиме со развојот на младинските категории. Клубот им посветува големо внимание на младите сили, во кои ја гледа иднината на Металург и на македонската репрезентација. Наскоро сите ќе слушнат за нашите млади ракометари како Нелоски, Талески, Крстевски, браќата Маџовски и многу други. Тоа слободно може да се нарече национален проект, создаваме генерации што наскоро ќе добијат шанса и во првиот тим на Металург, но и во репрезентацијата“, изјави Лино Червар.

Во однос на претстојниот дуел со екипата на Шамбери, Червар истакна:

„Франција е ракометна велесила, има освоено сѐ и сами замислете каква е ситуацијата таму. Ракометот им е најтрофеен колективен спорт. Шамбери има бучна публика со добра сала, сигурно ќе има 4.000 навивачи. Ќе биде многу тежок меч, тие досега немаат загубен меч во француското првенство. Тие се апсолутни фаворити, но нема да се предаваме. Ќе се бориме да им се спротивставиме, нема да одиме со бело знаме иако сме свесни за нивната сила. Но ние не сме за фрлање. Ќе одиме самоуверено, за да постигнеме добар резултат. Тие се фаворити на хартија, но тоа ќе треба да го докажат на паркетот.

Капитенот на Металург, Ванчо Димовски, истакна дека Металург го чека тешка и напорна сезона во која ќе се обиде да го повтори ланскиот успех. Според Димовски, спротивно на некои мислења, оваа година групата е потешка поради изедначениот квалитет на учесниците. Но капитенот вети дека ракометарите на Металург ќе направат сѐ за да успеат во своите намери и да го израдуваат македонскиот народ што успеа да го навикне на успесите на Металург и кој е „гладен“ по добар ракомет.

Зоран Цветановски ги информира присутните дека Македонската телевизија ги откупи правата за ТВ-преноси, а ја претстави и новата картичка за сезонските билети.

Фото:

Прочитано 668 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


6 + = 10