МЕТАЛУРГ ОДРЖА ПРЕСКОНФЕРЕНЦИЈА

16.03.2012 20:51
DSC_0846_resize

Конгресната сала во С.А.“Борис Трајковски“ беше претесна да ги прими сите заинтересирани новинари од нашите печатени, ТВ и електронски медиуми.Точно на пладне започна пресконференцијата на Металург по повод претстојниот натпревар со екипата на Загреб.

Металург беше застапен од шефот на стручниот штаб Лино Червар, капитенот Ванчо Димовски, директорот Левче Китевски и генералниот секретар Зоран Цветановски.

Зоран Цветановски кажа дека екипата на Загреб ќе пристигне со чартер лет утре на пладне и дека ќе отседне во хотел “Александар Палас“. Екипата утре ќе има тренинг во салата во “Борис Трајковски“, во 16.00 часот, а уште еден тренинг е планиран во недела, овој пат во салата “Автокоманда“. Заедно со ракометарите ќе пристигнат и претставници на хрватските медиуми како и 50-тина навивачи.

Лино Червар, од своја страна, го рече следното:

“Кој би рекол дека проектот почнат пред две години ќе стигне до тука. Дека од спаринг партнер во Пореч ќе се бара билет повеќе, дека европската јавност ќе биде заинтересирана, дека мечот ќе биде прогласен за меч на неделата, дека билетите ќе се продадат за два часа. Мислам дека имаме шанса да продолжиме во Европа“.

“Со Загреб треба да имаме ист пристап како со Хамбург. Мора уште посилно да се бориме. Повеќето се репрезентативци на Хрватска, играат Балиќ, Хорват, Гојун, Шпилер, Валчиќ. Тие мора да победат, не можат да си дозволат да загубат од нас. Мораме да пружиме уште посилна борба во однос на мечот со Хамбург А ние мора да се обидеме да изненадиме. Може да очекуваме Загреб да ја забави играта, да користат наши грешки. Нивно најсилно оружје е контрата, поради која ќе мораме дополнително да ги намалиме техничките грешки во нападот. Ќе мораме да играме храбро, но и мудро доколку сакаме да оствариме успех. Не смееме да им оставиме многу простор за игра“ Ние ќе играме 6-0 и 5-1, и мислам дека и тие ќе играат исто. Тимот што ќе наметне сигурност во одбраната ќе биде поблиску до победата. Ќе внимаваме да не не успијат, и да внимаваме на Kопљар“, продолжи Червар. 

“Ќе се обидам со поголема ротација на играчите во текот на мечот да му парираме на Загреб. Воедно, ова ќе биде одлична можност секој ракометар да го даде својот максимум, можност да победи тимот. Охрабрува тоа што сите сакаат да играат, па макар и со една нога“, рече Червар. 

“Нашата публика секогаш ни давала мотив повеќе, се надевам дека така ќе биде и на дуелот в недела. Знам дека ќе има одлична атмосфера, но би посакал сите навивачи да бидат облечени во дресовите на Металург или во националниот дрес на Македонија, за да атмосферата биде комплетна“, заврши Червар.

Капитенот Димовски во своето обраќање истакна:

“Нашата цел беше да дојдеме до елиминациската фаза, и тоа го исполнивме. Сепак, тоа не значи дека тука ќе застанеме. Пред нас имаме нов предизвик, а тоа е осминафиналната пресметка со Загреб . Нема резултат што ќе гарантира мирен пласман во четврт-финалето. Загреб сите го знаеме, ама Лино најдобро го познава.Ќе биде ова една голема борба. Најважно е да останеме на земја  и да одиме чекор по чекор, да бидеме сконцентрирани на случувањата на паркетот и се разбира да го дадеме максимумот за победа.  Не се плашиме од притисокот, и на ова осминафинале гледаме како на нова шанса да испишеме нови страници во клупската историја. Размислуваме само за тоа како да славиме во Скопје, дури потоа мислите ќе ги насочиме кон реваншот во Загреб. Се надевам дека ќе немаме повредени играчи. Без разлика на се, посакуваме пласман во четвртфиналето“, истакна Димовски.

Директорот Китевски го изрази својот личен оптимизам околу исходот од средбата и кажа дека очекува победа.

Прочитано 678 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


3 + 5 =