МЕТАЛУРГ ОДРЖА ПРЕСКОНФЕРЕНЦИЈА

14.11.2012 22:44
DSC_5578_resize

Металург денеска одржа прес-конференција по повод претстојниот натпревар од петтото коло на Лигата на шампионите, против екипата на Киелце. Пред многубројните претставници на нашите медиуми, свои видувања дадоа Лино Червар и капитенот на Металург, Ванчо Димовски.

Лино Червар го кажа следното: „Јас сум горд што сум тренер на Металург, екипа што во овој момент е македонски клупски бренд. Како никогаш досега во Македонија влезницата за натпреварот на Металург е најпосакуваното нешто. Го дочекавме денот, по многу години труд на играчите и на управата на клубот, кога се бара влезница повеќе. Ова е сатисфакција за сите ентузијасти што го создаваа клубот, да дојде денот кога Металург е една од најгледаните екипи во Европа.

Жал ми е што многу луѓе сакаа да дојдат на мечот со Киелце, но не можеа да дојдат до влезница. Јас би ги пуштил да влезат и бесплатно, затоа што заслужија. Но капацитетот на салата е толкав. Ме радува што на нашите натпревари има голем број семејства, татковци и мајки со деца, кои даваат дополнителен шарм на трибините. Сакам да им изразам благодарност на семејствата што доаѓаат на нашите средби во салата ’Борис Трајковски’ и кои тука го наоѓаат своето задоволство. Горд сум и дека со досегашните игри на најдобар начин ги промовиравме македонскиот ракомет и спорт и, секако, македонската држава. Покажавме дека на Македонија местото ѝ е во семејството на Европската Унија.

Во нашите селекции воведовме култура на работа, култура на победа и на пораз. Токму поразот во ’Кале’ ни покажа дека научивме да имаме култура на порази. Зашто ќе има порази и во Лигата на шампионите. Треба да бидеме големи и во победата и во поразите, тоа е иднината. Им нудиме порака на гледачите – порака за оптимизам, радост и за заедништво. Им нудиме и среќа. Натпреварите се убаво доживување кога луѓето едвај составуваат крај со крај и кога тешко преживуваат.

Киелце е најдобриот полски клуб, состав во кој играат многу интернационалци и најдобрите полски ракометари. Тие не кријат дека се многу амбициозни и дека сакаат да играат на фајналфор-турнирот во Келн. Во Киелце играат пет хрватски репрезентативци што ги имам тренирано како селектор. Ги имаат двете најкомплетни крила на светот, Чупиќ и Штрлек, па пивотот Муса, десниот бек Бунтиќ, а сега им дојде и голманот Лозерт. Ги имаат и најдобрите полски ракометари, како што се Лиевски, Бјелецки, Ткачик, Росински, Јурецки. Тука се и Словенецот Зорман и Србинот Стојковиќ, двајцата репрезентативци на своите земји. Резерви се Ткачик, Бјелецки и Лиевски, кои се носители на играта на полската репрезентација, па можете да замислите каква е конкуренцијата во екипата.

Нивниот пораз од Висла Плок не е никакво мерило на ситуацијата, туку мало опуштање токму пред дуелот со нас. Најсилно оружје им е транзицијата преку Штрлек и Чупиќ, што значи дека Полјаците се подготвени да ја казнат секоја наша грешка. Тоа најдобро на својата кожа го почувствува Шамбери, кој со нив добро се носеше до 40. минута, по што само малку попушти, им подари неколку топки и тие се одлепија на десет гола разлика за само осум минути. Мораме да им се спротивставиме со многу квалитетна одбрана, а во нападот мораме да бидеме исклучително трпеливи и не смееме, всушност забрането е да правиме наивни технички грешки. Подобро е да се промаши шут отколку да му се подари топката на противникот. Се разбира дека и голманот е многу битен во тој натпревар, а публиката треба да ни даде уште малку ветер во грбот за да создадеме таква атмосфера што ќе биде и празник на ракометот, но и ќе ни донесе победа. Не се случило еднаш Давид да го победи Голијат. Со победа ќе можеме слободно да кажеме дека сме во топ 16, но ние сакаме да бидеме на едно од првите две места за реваншот од осминафиналето да го играме на домашен терен“.

Слично размислува и капитенот на Металург, Ванчо Димовски: „Ретко која екипа има во своите редови играчи што имаат освоено толку многу трофеи во својата кариера, на клупски и на репрезентативен план. Нѐ очекува противник што до саботата и поразот од Висла немаше ниту еден лош ден, сите натпревари ги доби лесно и убедливо. Знаеме како изгледа Киелце и кога гази сигурно, но и кога не му оди најдобро, па ќе можеме да поставиме игра со која ќе дојдеме до успех. Ги знаеме силните страни на противникот, ќе настојуваме да ги спречиме. Сакаме да ја продолжиме серијата од победи, а за таа цел ќе мораме да одиграме најдобро што можеме, борбено и сконцентрирано“.

Прочитано 513 пати

(0) Коментари

Напишете коментар


8 − = 7